Потребно време за читање: 7 минути

Отсекогаш сум бил вnимателен и резервиран кога сум промислувал за рамноправноста помеѓу половите или, можеби поточно, за нивната еманципација (и на мажот и на жената). Внимателен затоа што станува збор за мошне комплексна и чувствителна тема (цивилизациска, социо- економска, културолошка, историско- традициска итн.), а резервиран бидејќи таа е основна, темелна за разбирање и проценување- оценување на севкупниот развој на една средина, почнувајќи од семејната па се до „глобалната“ односно „меѓународната“.

Имено, од неа произлегуваат многу други, таа е „стеблото“ со „подебели“ или „потенки“ гранки, како што се половата (не)рамноправност, „нежноста и грубоста“ на половите, (зло)употребата- експлоатацијата (трговија на луѓе, криминал, проституција, заразни болести итн.), (не)рамноправноста во општеството воопшто и застапеноста во власта, непримерната и, следствено, неприфатлива полова разлика во творештвото, уметноста воопшто (што е тоа „женска поезија“, „женска проза “, кои се „типично женски“ теми и сл.), се до „најдебелата“ односно најпримитивната– меѓуполовото насилство. Токму тоа „најилустративно“ говори за степенот на цивилизацискиот развој на едно општество, народ (мнозински, немнозински), држава.

Веќе подолго време со многу нешта, со се и сешто се прават големи, груби манипулации за состојби во одделни области во Република Македонија кои мошне добро му „легнуваат“ на „меѓународниот фактор“ (некои и нарачани од нив), прикажувајќи ја земјава како нецивилизациска, некултурна, заостаната- примитивна, „провинциска“, малограѓанска, недемократска, политички незрела (се уште нема одговор на прашањето што и го поставив на македонската опозиција и на „господата“ од Брисел: што е тоа политички дијалог?), во која „царуваат“ криминалот, шверцот, мафијата итн.

Последната манипулација е во врска со насилството врз жените во Македонија, а по повод Меѓународниот ден на борба против неа. Таа „придонесе“ земјава да се нареди на дното од „меѓународната листа“ на „насилни“ врз понежниот пол.

Се разбира, ни на крајот од умот не ми паѓа да негирам дека наведените ( и други ненаведени) проблеми во односот помеѓу половите не постојат, а во тој контекст насилството (но не само врз жената) е маргинално. Напротив, го делам мислењето дека тоа е еден од најсериозните, бидејќи е израз пред се на примитивизмот односно нецивилизираноста, кој со национална стратегија (веќе донесена од Владата) и осмислена тактика- секојдневна акција на теренот, треба да се искоренува, а во што (треба да) предничат бројните невладини организации.

Меѓутоа, токму тие (се разбира не сите) да тврдат дека во Република Македонија врз секоја втора жена се врши насилство (?!), а притоа да не се има предвид барем демографската ситуација (бројот на жените во вкупното население), структурата на населението на целата територија и по региони и населени места, етничкиот состав, но и да не се знае што се се подразбира под насилство, не само што е груба манипулација со јавноста (домамшната и странската- мислам пред се на „меѓународниот фактор“), туку и свесно (непријателско?) рабоење- дејствување против државните интереси!

Конкретно (читајте внимателно):

Секоја втора жена во Македонија е жртва на психичко насилство, секоја шеста е физички малтретирана, а една од десет жени била сексуално злоупотребувана во својот дом од страна на партнерот.

Секоја трета жена во Македонија е жртва на кај нас веќе добропознатото семејно насилство, секоја четврта е жртва на оружено насилство, а секојдневно се пријавуваат по 15 случаи на семејно насилство.

Прочитај и за ... >>  Нужно преиспитување

Иако не е наведена годината на која се однесуваат пренесениве податоци (од информации во медиумите), првите се објавени денеска (па е логично да се однесуваат на изминатата), а вторите минатата година (значи се однесуваат на 2006-та). Тоа значи дека само за една година насилството врз жената во земјава драстично се зголемило (огромна е разликата помеѓу „секоја втора“ и „секоја трета“)! Можно ли е тоа? Што работеле во овој период невладините организации „посветени“ на борбата за правата на жените (за што преку „конкретни“ проекти „цицаат“ средства од каде се не)?

Најновите релевантни податоци, пак, говорат дека во Македонија од јануари до септември (годинава) се регистрирани 445 случаи на семејно насилство во кои жртви биле над 290 жени, 48 мажи и 9 деца. Според податоците од органите на прогонот, најзастапено е физичкото насилство со 87%, потоа следува психолошкото со 10,2% и сексуалното со 2,8%.

Пред да продолжат со другите манипулации, колку за потсетување ќе приведам некои „најопшти нешта“.

Најнапред дефиницијата за насилство врз жените:

Според dокументите на Обединетите нации, тоа е манифестирање на историски нееднакви односи на општествена моќ помеѓу мажите и жените кои довеле до дискриминација и доминација над жените од страна на мажите и до спречување на целосен напредок на жените. Насилството над жените е еден од основните механизми со кои жените се принудуваат да бидат во подредена позиција во однос на мажите. Насилството на жените е пречка во постигнувањето на еднаквост, развој и мир.

Тоа од збор до збор е напишано во документот Декларација за елиминација на насилството над жените (Резолуција на ОН 48/104 од 20- ти декември 1993 и Пекиншка декларација- Платформа за акција, пар. 118 на Четвртата светска конференција на ОН во Пекинг посветена на жените, како и Резолуција 54/134 од 1995- та на Генералното собрание на ОН одржано во 1999- та, кога ОН го определија 25- ти ноември за Меѓународен ден против насилството над жените.

Од пораката на Бан Ки Мун по повод годинашново одбележување на денов:

„Голем број земји имаат добри закони за заштита на жените од насилство, но се потребни многу повеќе практични мерки, како и поголемо финансирање на услугите за помош на жртвите.

Тепањето, силувањето, убивањето и трговијата со жени е секојдневна појава во многу земји во светот, без оглед дали се тие богати или сиромашни.

Ова не претставува само прекршување на индивидуалните човекови права, туку директно го поткопува развојот, мирот и безбедноста на општеството во целина.

Се повеќе земји, на национално ниво, ги исполнуваат своите обврски за заштита на жените преку сеопфатни законски решенија, обезбедување поквалитетна помош за жртвите и ангажирање на возрасни и млади мажи во овие активности. Овој напредок е за поздравување, но мора да се направи уште многу, пред се во насока на спроведување на законите и преземањето санкции.

Мора да се бориме против простувањето, толерирањето и игнорирањето на насилството врз жените. Исто така, мора да се зголеми финансирањето на услугите за помош на жртвите“.

Прочитај и за ... >>  Климата го возвраќа ударот

А во рамките на глобалната кампања под мотото „Кажи Не на насилството врз жените“, амбасадорот на добра волја, холивудската глумица Никол Кидман, на Бан Ки Мун му предаде петиција поддржана со еден милион потписи, во знак на поддршка за искоренување на насилството врз жените. Познатата активистка за правата на жените вели дека жените мора да ги разбиваат стереотипите. Понежниот пол мора многу да работи за да ја промени свеста за себе.

Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје најави дека неделава ќе биде потпишан и презентиран досега најопфатниот проект за превенција и борба против семејното насилство во Македонија.

За споредба (и потврда на манипулацијата) еве уште некои поддатоци кои се однесуваат на 2006- та година:

МВР поднесе вкупно 299 кривични пријави против граѓани за нанесување телесни повреди на блиски роднини, а 1.202 лица добиле прекршочни пријави поради психичко насилство.

Освен нарушените семејни односи, лицата што практикуваат насилство врз семејството се алкохоличари и уживатели на дроги. Над 1.400 случаи се сторени од алкохолизирани лица, а 44 насилници користеле дроги.

Најголема причина за семејно насилство се лошите семејни односи, љубомората и алкохолот. Не се исклучуваат ниту сиромаштијата и психичките нарушувања.

Во последните неколку месеци е зголемен бројот на жени што извршиле самоубиство поради насилство во рамките на семејството. Според податоците со кои располагаат некои невладини организации, семејното насилство можело да се спречи во 78% од случаите ако полицијата интервенирала.

На СОС-телефонот минатата година насилство пријавиле околу 500 лица. Реалната бројка на жени, деца и повозрасни лица што секојдневно се соочуваат со стравот од малтретирање и насилство е поголема, но таа останува прикриена поради стравот од пријавување на проблемот.

За спомнатата национална стратегија на Владата на Македонија (2008-2011) од изјавата на Џељал Бајрами, министер за труд и социјална политика:

„Ние веќе донесовме како држава национална стратегија за борба против ова зло. Исто така заеднички проект со UNDP е во иднина да отвораме советувалишта“.

На конференцијата во Охрид беше промовиран и водичот на постапување на професионалните структури, изготвен во рамките на партнерскиот проект „Воспоставување позитивни практики на борба против семејното насилство“, на граѓанските здруженија ЕСЕ и Акција здруженска, во соработка со министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни работи и за здравство.

Инаку, Кривичниот закон предвидува затворска казна за сите дела поврзани со семејно насилство, но најголем број од насилниците остануваат на слобода бидејќи жртвите се плашат и не се осмелуваат да го пријават насилството.

Последен „податок“:

Дури 15 семејства трпат домашно насилство секој ден (!).

За СОС- линијата: таа по дефиниција е директна линија со постојана подготвеност да обезбеди комуникација во кризни ситуации.

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Националниот совет на жени на Македонија, ја основа националната СОС-линија како 24-часовен сервис за директна комуникација со жртвите на семејно насилство за да ги поддржи, да им даде стручна помош и соодветен совет и упатство. Значаен елемент на овој сервис е и „привременото засолниште“ за жртви на семејно насилство во период од 24+24часа. Тоа се користи кога постои потреба за итно сместување на жртвите поради нивна безбедност.

Прочитај и за ... >>  Завршна фаза на решавање на ступидниот проблем на Грција

Во Македонија постои една национална СОС-линија, 6 засолништа и еден транзитен центар за грижа на жените и децата жртви на семејно насилство, но тоа не е доволно за целосно следење на семејното насилство.

Едно тврдење кое на (не)посреден начин го потврдува моево- дека се работи (во голем дел ако не целосно) за манипулации во врска со насилството врз жените во Македонија:

Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет на жени на Македонија:

„Причина за неможноста да се регистрираат сите насилства врз жената е срамот од пријавување, но и економската зависност на жртвата од насилникот, неможноста за осамостојување и неможноста за напуштање на насилната средина.

Првата СОС-линија за жртви на насилство во Македонија е отворена во 1992- ра година и оттогаш е создадена можност жената да се јавува и да пријавува насилство. Дотогаш таа немаше можност за такво нешто. Сега имаме напредок во позитивна смисла, бидејќи жените се одлучуваат да прозборат за тоа јавно“.

За спомнатата структура односно етничкиот аспект на насилството врз жените:

Секоја втора Ромка во Македонија е психички малтретирана, а секоја трета трпи физичко насилство од сопругот, што покажува дека жените од ромска националност се најизложени на овој вид насилство.

Ова се резултати од истражување што го спроведе Ромската асоцијација за жени и млади „Лулуди”. Традиционалниот начин на живеење и раното стапување во брак ги прави Ромките зависни од мажите. Тие најчесто се мажат на 13 години, кога го прекинуваат образованието и стануваат економски зависни од сопругот.

Еве и нешто „патем“ (заслужува поебно внимание): и мажите трпат семејно насилство! Во Македонија тие од година на година се во се поголем број!

Иако на Балканот ова е табу тема, во светот веќе постојат советулишта и прифатилишта што се наменети само за мажи. Во САД на секои 38 секунди една жена е подложена на физичко насилство, а на секоја 21 секунда еден маж. Во Европа, пак, 19% од домашното насилство е извршено врз мажот (од истражување на Советот на Европа).

Можеби не го знаевте и ова: нерамноправноста помеѓу мажот и жената во САД („најдемократската држава на светот“) е особено изразена во бизнисот, посебно менаџерството, а пред се во однос на плаѓањето на трудот. (И ова заслужува посебно внимание.)

Инаку, промовирањето на еднаквост помеѓу половите и зајакнувањето на положбата на жените се дел од милениумските развојни цели на ОН, кои се одобрени од сите членки на Обединетите нации, вклучувајќи ја и Македонија.

Да, Република Македонија треба да ја продолжи, да ја засили борбата против насилството врз жената (ја имам предвид пред се реализацијата на Националната стратегија), но не издвоено од борбата против насилството воопшто, за еманципација на граѓаните од обата пола, за цивилизациско- културно меѓугенерациско однесување , за развој на свеста за индивидуалните вредности (на личноста), за одбрана на личното достоинство, за заштита на семејството како основна клетка на заедничко, социјално и секакво друго организирано живеење. И без манипулации со бројки и проценти.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here