Потребно време за читање: 6 минути

Излегувањето во јавноста на екс министерот за одбрана Љубен Пауновски, со мошне сериозните и тешки обвиненија против екс премиерот Љубчо Георгиевски, никако не би смеело да заврши како еден од многуте мали „дневно- политишчки шокови“ со кои македонските граѓани ги „почестуваат“ одвреме- навреме нашите (по)минати и сегашни политичари, политиканти и полит- бизнис олигарси. Без оглед што тоа се однесува на веќе поодминато определено свршено време (ептен определено).

Да се „обелодени“ дека Георгиевски во текот на според многу нешта пресвртната 2001- ва година сакал да ја подели Македонија, односно на Албанците да им ги даде териториите околу Дебар, Гостивар и Тетово, а Македонците што живеат во тие подрачја да ги насели во Бугарија, и тоа да се „илустрира“ со многу детално „јас реков- тој рече“, во секоја нормална држава (белким нашава е се уште таква, инаку не би и давале се уште шанса за членство во ЕУ и НАТО, на пример) би предизвикало бурни реакции, расправи- расправии, политичко- партиски кризи, па и „судски иницијативи“ од непосредно и посредно инволвирани, загрозени, засегнати. А докажувањето и одрекувањето би претставувале процес со далекусежни последици не само за директните „актери“.

Меѓутоа, токму поради „третиот елемент“ на обвинението- Владата на Георгиевски (значи не само тој), односно „тие рекоа“, која Пауновски ја посочува како „опасна“ за него лично и за неговото семејство и денес (вели дека доживува брутален прогон, малтретирање, обиди за физичка ликвидација), „од други луѓе и со други методи“, повеќе од сигурно е дека ќе се направат „напори“ да се маргинализира, да остане во „рамките“ на сите „чуда за три дена“. Освен ако не се „замати“ лупата на Хелсиншкиот комитет.

Обвиненијата на Пауновски се напишани во отворено писмо до јавноста уште во минатата (2008 -ма) година, објавено деновиве, а зад нив Пауновски, како што вели, стои најодговорно. Тие се мошне конкретни и детални:

„Георгиевски директно ми соопшти дека мора да се разделиме со Албанците. Да им дадеме територија кај дебарско и гостиварско- тетовско. Со прст ги означи териториите на картата на Македонија, а остатокот да го носиме кај нашите во Бугарија. Ова особено го потенцираше Димовска. Георгиевски рече дека тоа сега конечно треба да се одработи, а главната работа е да се изведат сите тенкови во најкус можен рок, за ден-два, и да се постават по должината на патот Скопје-Гостивар, на еднакви растојанија, од левата страна на патот гледано кон Гостивар. Го поставив прашањето за сите мои предупредувања пред војната, и за сите ситуации во текот на војната на кои укажував и за кои изнесував сериозни индиции дека се опструираат, па и се местат судири и жртви од непознати кругови во системот, на што добив одговор дека тие работи се сега зад нас“.

Познато е, Пауновски има правосилна судска пресуда за издржување на затворска казна. Тој првично беше осуден на 5 ипол години затвор, но пресудата падна, а втората, на Основниот суд Скопје 1, со која Пауновски е осуден на 3 ипол, е обжалена пред Апелациониот суд, од каде што се уште нема одлука. Обвинението е дека Пауновски со неговиот тест и баџанак, но и потсекретарот во одбрана Ѓоргов, ја злоупотребиле својата положба и го оштетиле Министерството за 1,5 милиони евра.

Прочитај и за ... >>  Лошо режирана и опасна врева

Она за Хелсиншкиот комитет: тој посочува дека судските процеси содржат „мал милион недостатоци“ и се пример за нестабилното судство, на кое му требаат длабоки резови.

Прозваниот, екс премиерот Љубчо Георгиевски, реагираше експресно. Меѓу другото, наведува:

„Господинот Пауновски очигледно ги следи добро трасираните патеки на многу бивши Вмровци поминувајќи успешно по двата пата. Прво пушачкиот, кога требаше да се добиваат министерски места од Георгиевски, и вториот, плукачкиот, кога треба да се додвори на некој друг. Очигледно, предметот на Пауновски очекува некоја судска одлука и оценил дека добро ќе му дојде малку додворување пред актуелната власт, знаејќи го мојот однос со Груевски“.

Во однос на предупредувањата кои Пауновски вели дека ги дал пред војната, како и за сите ситуации во текот на војната на кои укажувал, Георгиевски прашува:

„Пауновски предупредувал за кризата. Каде се тие предупредувања? Каде се тие писмени извештаи? Пауновски бил за политичко решение? Кој му пречеше да го постигне? Но, прашувам со кого и за што? Ќе потсетам, ОНА дури после неколку месеци објави кој е командант, после шестото соопштение објави делумно што сака, а седна политички да преговара откако беше војнички набиена во ќош, како што неодамна им кажа Г-динот Тачи“.

Целиот случај најпрофесионално го „одработија“ новинарите на А1 ТВ („непосредна задача“ на Горан Петревски). Како што е „редот и обичајот“, разговараа со Пауновски, а телефонски и со Георгиевски (оти е на годишен одмор во Бугарија). Некои „акценти“ од нив:

Георгиевски:

„Прво би сакал да го потсетам Господинот Пауновски дека таа афера за бизнисот со неговиот дедо и баџанак му ја извадија неговите помошници од Министерството за одбрана. Неговите помошници, 90% од нив беа тие што ги даваа документите за сите партиски колеги на Господинот Пауновски. На фамозниот Извршен комитет, кој тој го спомнува, целата негова битка и расправа беше со Госпоѓа Димовска, дека таа нешто му местела или му подместува…Правно- формалните елементи што ги спомнува Господинот Пауновски, се работиа на кривичниот предмет, и тој правно- формален дел нека си го расправа со министерот Маневски, затоа што, ако не се лажам, господинот Џиков и Маневски го подготвуваа кривичниот акт. Што се однесува на политичкиот елемент, за што беше тој сменет како министер за одбрана…за мене како премиер во тоа време е неоспорен фактот дека авансно префрлил 11 милиони марки, а во исто време одеше таа афера дека најголем дел од паштетите биле со поминат рок и дека војниците ги хранел со тие паштети.

Прочитај и за ... >>  За паметење: 25 години од нуклеарната катастрофа во Чернобил

(…) Е сега, која е мојата улога во случајот Пауновски? Тогаш инсистирав, ако тој и неговиот дедо ги вратат парите назад во Буџетот, дека се ќе се сведе на најмало обвинување. И ќе го потсетам Господинот Пауновски дека министерот Бучковски, кој беше министер за одбрана, се согласи, и тоа да ви кажам со тешка мака, меѓутоа на крајот се согласи Господинот Пауновски и тие кои што се замешани во земањето на авансот или да донесат производи за кои е договорот, дека тој ќе го прифати како да е направено. И тој објаснуваше дека дедо му ги вадел парите и ги трошел на коцка по скопските казина. Тоа беа објаснувањата на Господинот Пауновски кај партиските другари кои одеа кај него и го убедуваа да ги најде парите, да ги врати назад, дека ќе има минимално обвинување“.

Може да се забележи дека во реакцијата Георгиевски не изнесува нешто ново, освен „широкоградоста“ на Бучковски, а во врска со обвинението за поделба на Македонија „топката“ ја префрлува на Доста Димовска, дека таа „нешто му местела или му подместува“.

Пауновски:

„…Георгиевски излезе во јавноста и директно ја прекрши презумпцијата на невиност, обвинувајќи ме и осудувајќи ме и кажувајќи флагрантни лаги. Еве за што се лагите.

Тој тврди, и понатаму тврди, дека станува збор за префрлување на пари на сметки на луѓе во сродство со мене, и тоа суми од 11, а тогаш, во 2001- ва година, стигнало мислам и 13, сигурно, и 18 милиони марки. Еве ги документите. Ние, како и секоја држава, имаме институции на системот. Од Заводот за платен промет на 20.01.2001 година е издаден документ на кој стои дека сопственици се ХС Компани Зоран и Маја Д.О.О експорт-импорт Скопје…Не ги познавам воопшто. Договорите ХС Компани ги добиле на 25- ти или 27- ми декември 2000- та година, а овој документ од Заводот за платен промет е издаден после 25 дена, кога пишува дека се сопственици Зоран и Маја. Значи, едно е да се зборува на памет, да се тропаат, простете, глупости, а друго е да се има документи. Значи, тука пишува Зоран и Маја…

…Воопшто не го познавам, но на крајот на договорот стои Симоновски Зоран. Според тоа што можев да слушнам во текот на судењето, тие (Зоран и неговиот дедо, заб.м.) имале некакво познанство, но мене тоа воопшто не ми е познато. Меѓутоа, ова се службени документи кои изричито покажуваат дека успешно посредувал за да ги склучи договорите со МО во вредноста истата за која мене судот ме суди. Можам да ви покажам во пресудата, до последен денар е истата сума. И сега мене ме судат, овој човек после аферата за мене избегал во Америка…судот одбиваше да го повика да сведочи, осум години трае судскиот процес, а судот одбива осум години, секој месец кога одбраната барала, ако судот достави барање да биде донесен од Америка, ќе се оддолжи постапката, а од Америка може да биде донесен за 5 месеци. Доколку судот не ги одбиеше барем овие документи, кои ги доставувала одбраната, судот ги одби, досега процесот одамна ќе беше завршен, секако во позитивна смисла за мене. Судот овие документи воопшто не сакаше да чуе да ги прими…За него е докажано дека тој подигнал на нелегален, противправен начин, голема сума на пари, потоа заминал за Америка, и поради тоа пред четири месеци е осуден.

Прочитај и за ... >>  Што се случува со храната во светот и кај нас?

Јас немам никогаш потпишано договор од Министерството за одбрана. Тоа е неспорен факт. Девет месеци бев, не постои ниту еден договор што јас сум го потпишал, ниту едно решение, без кое не се склучува договор, во кое се вели дека се одобрува набавката, и таа треба да се изврши според тој закон. Тоа е клучниот документ“.

Напомена: до крајот на разговорот со Пауновски во врска со обвинението за поделба на Македонија има само забелешка, односно негово мислење дека меѓународната заедница ги разоткрила работите што се случуваат во Македонија „и застана мудро со цврсти политички пораки што треба и кој курс да го фати Македонија…а тој сакаше да ги изигра“.

Што се однесува на „местењето или подместувањето“ од страна на Доста Димовска, на што посочува Георгиевски, во тоа има и „доза“ на одбрана, бидејќи е позната нејзината изјава за „новата граница“ на Македонија „до Групчин“.

Меѓутоа, треба да се потсетиме на тврдењето на Ахмети во едно интервју во 2005- та година, дека Георгиевски му нудел поделба на Македонија, што тој остро го демантираше, но и на поранешниот министер за надворешни работи на Албанија, Паскал Миљо, дека во пролетта или летото 2001-ва, додека тој бил министер, неговата Влада добила понуда за поделба на Македонија, но ја одбила.

Самото обвинување, пак, од страна на Пауновски може и да нема голема тежина, особено не за Георгиевски, но е проблематично и индикативно што за тоа молчи опозицијата, особено СДСМ, која директно учествуваше во власта (во Владата). Особено ако се има предвид дека таа учествуваше во неа како „спасител“ на Република Македонија.

Може ли „заборавноста“ на опозицијата да се поврзе со „заташканото“ (прилично вешто премолчено и заборавено) тврдење на Владо Бучковски, дека „концептот за Македонија како нација – држава (национална држава на македонскиот народ) со Рамковниот договор е напуштен“, искажано во предговорот на една неодамна објавена книга посветена на конфликтот во 2001-та?

(Се работи за книгата „Превенција на менаџирање на конфликти -Случајот Македонија-“, чии коавтори се уште тројца, а нејзиното објавување е финансирано од Институтот „Отворено општество“, односно Сорос.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here