Потребно време за читање: 5 минути

Судскиот процес на терористичката група во САД и самата пресуда на браќата родени во Дебар немаат никакво значење, а најмалку „товар“ кој би требало да предизвика некаков „специјален“ ангажман. Што ќе рече останува во доменот на „внатрешните работи“ и „мало камче“ во мозаикот наречен „Борба против светскиот тероризам“.

Така и се следеа случувањата во изминатите месеци и денови, без оглед што некои медиуми односно новинари се обидоа да им дадат каков- таков ексклузивитет.

Хронологија:

На почетокот од мај 2007- та македонската јавност беше информирана дека четворица илегалци во САД, но и без македонско државјанство или патна исправа, се уапсени за тероризам. Притоа се направи обид да се привлече вниманието со нагласување дека тројца од нив се од Македонија, а чевртиот, наречен „Снајперист“, е од Косово. Шаин, Дритан и Елвир, со прекари Дистан, Ентони и Тони, живееле во Чери Хил во Њујорк, работеле во компанија за поставување на реконструкција на покриви, а имале големи семејства со по 4 или 5 деца. „Снајперистот“, пак, живеел во Буена Виста во Њујорк, а работел во супермаркет. Уапсени се и еден Турчин и еден Јорданец- лидер на групата.

Маргиналноста, иако обидот беше да се даде доза на ексклузивитет, беше подвлечена со тоа дека тројцата „од Македонија“ заминале во САД веднаш по раѓањето, значи се само по потекло македонски Албанци, како и дека, наводно, веднаш по апсењето странските служби и весници „го вперија прстот во Македонија“, и тоа ни помалку ни повеќе, туку како една од земјите логистичари на исламскиот тероризам(!). Тоа беше поткрепено со „ откритието“ на „Вашингтон пост“ дека развиени структури за поддршка на терористички организации, меѓу кои и Ал Каеда, постојат во Албанија и кај етничките Албанци во Косово, Босна и Херцеговина и Македонија. Се разбира, за оние што во континуитет ги следат терористичките „дејанија“ во светот, се разбира и на балканскиве простори, тоа не беше ништо ново, а најмалку имаше некаква врска помеѓу уапсените терористи и Македонија, освен нивното потекло.

Сепак, Исламската верска заедница во Македонија „за секој случај“ се огласи со соопштение во кое силно го осуди планираниот терористички напад во Њу Џерси како античовечки и антиисламски и изрази загриженост оти се инволвирани граѓани од Македонија (што не е точно). Заедницата верува оти авторите на планот се манипулирани од антиалбански и антиамерикански средини, затоа што цел на нападот била база која во косовската криза била засолниште на Албанците од Косово.

Прочитај и за ... >>  Опасна закана со војна

И, како што е вообичаено, новинарската приказна почна да се „тркала“, но со очевидно залуден напор да се предизвика поголемо внимание и поширока реакција. „Дебарчани се шокирани“, посебно семејството Дука, иако уапсените ги знаат само од разговор по телефон и Интернет. „Шокот“ беше поткрепен со „ставот“ дека се работи за „црна дамка не само за Дука, туку и за Македонија“(?!). И „додавката “односно изјава на “дебарчани“ дека „Дебар нема терористи“, па и писмо од Советот на Дебар(!) до амбасадорката на САД во Македонија, Џилиен Миловановиќ, во кое „едногласно му порачува на американскиот народ оти обвинетите браќа Дука не се вистински дебарчани“. Уште се додава дека советниците се „длабоко навредени“ (од што?), а „исто се чувствува и дебарскиот муфтија“. Човек веднаш да помисли на народната: „Кој си ја има мувата…“.

Американските весници ги објавија изјавите на родителите. Нивната мајка тврди дека синовите и се невини, за неа се обични работници и бара Владата да приложи докази.

Новинарскиот „професионализам“ на овие наши медиумски простори почна да се „афирмира“ со интензивно следење на настанот: беше пренесено дека судот во Њу Џерси не им дозволил на браќата да се бранат од слобода, а не ја прифатил ниту кауцијата што ја понудила нивното семејство. Се „отвори“ и досието: на 27 страници агентот Џон Рајан детално ги наведува истрагите што ги водел, времето на следење и доказите, а браќата се обвинети дека со своја волја направиле заговор со „своите браќа“ Мохамед Ибрахим од Јордан и Сеид Татар од Туција да извршат убиство на офицери и војници во базата „Форд Дикс“.

Обвинетите во јануари 2006-та имале вежби на стрелиште во Пенсилванија, а осум месеци подоцна Јорданецот престојувал во „Форд Дикс“ и уште неколку други бази. Притоа направил мапа и заедно со браќата Дука набавиле оружје со кое се обучувале. И новата година ја започнале со вежби на стрелишта и сакале од видео касетите, на кои имало обука на терористи, да научат како се врши терористички напад. До март направиле неколку тактички обуки за напад, а веќе во април нарачале четири калашникови и пушки М16, како и неколку пиштоли. Беше навдено и дека агентот на ФБИ Рајан ја почнал истрагата уште во јануари 2001-ва, кога во неговата канцеларија дошол човек со видео касета на која имало џихадистички пораки и вежби. Човекот тврдел дека неколку лица барале од него оваа касета да ја префрли на ДВД и да ја умножи. Откако ги идентификувале, затоа што ги имало на видео касетата, агентите почнале да ги следат. Утврдиле дека браќата Дука се илегалци. Во март 2006-та, агентот се инфилтрирал во терористичката ќелија, ги снимал состаноците, ги следел нивните намери.

Прочитај и за ... >>  Уште еден неуспешен американско- европски „фронтален притисок“ за името

Групата, мотивирана од извршителите на нападот на 11- ти септември и Ал Каеда, почнала да го подготвува нападот на „Форд Дикс“. Планот бил во седум џихадистички напади да убијат најмалку стотина војници. По една ипол година следење, ФБИ ги уапси.

Како што и се очекуваше, речиси никакво внимание, освен новинарското, не предизвика почетокот на судењето, а ниту отфрлањето на обвиненијата од страна на уапсените. Неуспешен беше и новинарскиот обид со посочувањето дека, доколку бидат прогласени за виновни, им следи доживотна казна затвор.

Минатата година (април) агенциите кусо информираа дека косовскиот Албанец Агрон Абдулаху, првиот од групата на радикални исламисти обвинети дека планирале напад на касарната на американската војска во Њу Џерси, е осуден на 20 месеци затвор, откако признал дека останатите петмина ги обучувал да ракуваат со оружје. Таа е најмала од сите кои се очекуваат во процесот против „групата од Џерси“, поради тоа што тој суштински не бил дел од планот за напад врз американските војници, туку само ги познавал останатите учесници, умеел да ракува со оружје и поседувал неколку пушки. На крајот од 2008- ма (декември), пак, беше проследена веста дека Федералниот суд во САД ги прогласи за виновни петтемина обвинети за подготвување на терористички напади „помеѓу кои и тројца етнички Албанци од Дебар“ (повторно грешка; тие се само по потекло од Дебар, а не заминале да извршат терористики напад „од Дебар“). Доказите на Обвинителството опфатиле стотици тајно снимени разговори помеѓу осудените и информаторите на ФБИ, кои биле вклучени во нивното откривање, и видео материјали со „пропаганда на џихад“ откриени во еден од компјутерите на осомничените. Одбраната, пак, го нападна кредибилитетот на информаторите. Едниот е Египтјанин, нелегален имигрант, кој бил на условно поради банкарска измама и исплатен од ФБИ со 230.000 долари, а другиот добил околу 150.000 долари.

Прочитај и за ... >>  Сепак, само вербален напад

И конечно пресудата објавена деновиве (пренесена кај нас денеска): доживотен затвор за браќата Дука „од Дебар“. Американскиот суд не поверувал во убедувањето на Шаин, Дритан и Елвир дека не се виновни и се наместени. Повеќе ги ценел доказите дека тројцата планирале и се обучувале за терористички напад врз воената база „Форт Дикс“ во Филаделфија, каде што сакале да влезат како разнесувачи на пица. Целта им била да убијат што поголем број на американски војници.

Се разбира, ангажманот за тековно, континуирано информирање за светската (и македонската) борба против тероризам, за успешно спречување на терористички акции, апсење и осудување на терористи, е за почит и поддршка. Нужен е, но притоа не и да му се дава посебна „тежина“ само поради „наше потекло“. Напротив, во конкретниот случај тн. аналитичко новинарство подразбира продолжение на ангажманот во насока на откривање односно потврда или аргументирано негирање на дел од она што на почетокот од откривањето на „случајот“ го напиша „Вашингтон пост“; имено, дека развиени структури за поддршка на терористички организации, помеѓу кои и Ал Каеда, постојат и во Македонија. Ќе има продолжение? Сигурно не.

„Приказната“ е завршена. Животот оди натаму. И македонското „професионално“ новинарство. До следната епизода.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here