Потребно време за читање: 6 минути

Опозицијата ќе се врати во Парламентот (очекувано), во меѓувреме СДСМ најавува формирање на Влада во сенка, што ќе биде нејзин голем адут на претстојните предвремени парламентарни избори (предвидов); конгреси одржаа ВМРО- ДПМНЕ (со воздржавни и прилично „општи“ пораки) и ЛДП (со мошне забавни „поенти“); „брат Љубе“ и Селмани се шетаат низ селата во Македонија (а „И јас сум А1“ редовно и ревносно ги следат, но не како платен политички маркетинг); се формира „Демократска десница“; квазианалитичарите и прогонозерите „уткаџии“ најавија конечно заминување на Црвенковски од челната позиција на СДСМ (како не им текнвуа дека челната позиција е многу посилна од сенка?!), а албанските опозициони партии бараат нови изборни граници.

Да, најзначајното нешто поврзано со претстојните избори ќе биде средбата во четири очи помеѓу Груевски и Црвенковски, овие денови, а на иницијатива на премиерот. (Црвенковски се пожали дека му била „прочитана“ и „украдена“ идејата за неа- тврди дека го прислушкуваат).

И така. Се уште малку се менува, за да може да се рече дека конечно почнува сменувањето во Република Македонија, особено во перспективна смисла. Велам малку, што значи дека сепак се менува, ама „тоа не е тоа“. Ништо радикално, де.

А и не е за очекување. Што треба да се смени? Нешто не чини? Не чини што правеше и прави позицијата односно власта? Е, добро де, ќе се поправи, особено ако пак победи на избори, а и ако изгуби. Не и чини на опозицијата во опозиција? Е, добро де, ќе победи на вонредните избори и ќе почне да и чини. Се разбира, и на Репуиблика Македонија, тоа гарант, нема ни дилема, ни трилема, а камо ли полилема. Фалело трета опција, зашто вака не оди со „Симни се Мурто, за да се качи Курто“? Ете ја, де, се појави „десница рука“, либерал- демократите повикаа „Дојдете при нас, ние сме третата“, а и „брат Љубе“ (според некои тврдења „сестра Љубе“) се „шета“ некаде „помеѓу“.

Албанските опозициски партии ДПА и НД многу „комплицираат“- не се откажуваат од барањето за прекројување на границите на шесте изборни единици.

А таман им олесна на многумина поборници на демокератски и фер избори, во кои Државната изборна кмомисија има главна неутрална улога: СДСМ го предложи адвокатот и поранешен пратеник од оваа партија Борис Кондарко за нејзин претседател, веројатно оценувајќи го како најмалку партиски „бојосан“(?!). Дали ќе биде легален, ама не легитимен? „Дриблање“ пред „шут“: таман работа такво промашување на „празен гол“ да дозволи неговата партија! Утре (евентуално задутре или позадутре) пратениците од СДСМ (и неколкумина други опозицоионери) со кренати глави (поради исполнети услови) ќе си седнат во фотелјите на Парламентот и легитимноста ќе ја „обезбедат“.

Прочитај и за ... >>  ЕУ и (не)слободното медиумско слепило

Што со замрзнатите сметки на „најдемократските“ медиуми на Велија Рамковски? Лесна работа, ќе биде кренат „познатиот“ телефон (на Црвенковски) и ќе се одмрзнат. Па време е, на вакви пролетно- летни температури и позамрзнати работи се одмрзнуваат, се топат, а камо ли сметки за- со криминални дејанија (добро де, сосе презумпцијата). А некои „толкуваат“ дека Црвенковски „го пуштил низ вода“ Велија, со тоа што СДСМ го смени условот (колегите од „И јас сум А1“ ко да се подисплашени): одмрзнувањето веќе не е услов, туку тема –„предмет“ на разговорите.

Лично јас, со сиот мој старосен интегритрет и авторитет, сум тотално сигурен дека претстојните вонредни парламентарни избори ќе бидат најдемократски и најфер од кога било досега. Ќе видите и чуете што ќе се договорат Груевски и Црвенковски. Ма, на денот на изборите има се да тече како мед и млеко. А и пред тоа, во предизборната кампања. Како да не, кога сите барања на опозицијата, како гарант за тоа, ќе бидат исполнети.

На претстојната средба Црвенковски и Груевски ќе се обидат и, се разбира, ќе успеат да најдат решение за отворените прашања и да бидат распишани предвремени парламентарни избори. Потоа ќе се одржи лидерска средба „од поширок формат“ (ко што бара Црвенковски, а и други- колку да не се најдат во друг „план“).

Мошне важна и сериозна, односно разумна изјава на Црвенковски:

„Поканата за средба му ја прифаќам и однапред му соопштувам дека прашањето за избори не е само на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. На таа средба ние можеме дури и да се договориме, но останува потребата за лидерска средба на сите парламентарни партии кои ќе учествуваат во изборниот процес. Се надевам дека ќе го убедам да го прифати предлогот и да свика лидерска средба“.

Да бидам докрај искрен, и јас лично ептен се надевам дека лидерската средба ќе биде свикана, сеедно дали тоа ќе биде со појадок, ручек или вечера.

А од изјавата на прес конференцијата најмногу ми се допадна следново од Црвенковски, што е, се разбира, ептен за паметење:

„Доста беше перчење и чаламење. Ајде да се договориме, па да одиме на избори“.

Најавата со која на многумина им олесна (само не е сигурно дека е видена и чуена, зашто беше на „латасовската“ Сител ТВ, а не на „И јас сум А1“):

Во интервју за магазинот „Ние“ (на колегата Драган Атрноновски, „сителџија“, ама внимателно премолчуван дека е тоа кога е проблем „латасовштината“), Бранко Црвенковски изјави дека не е битно дали предвремените избори ќе бидат во мај или јуни, туку се битни правилата на игра, посебно кога е во прашање „расчистувањето“ на медиумскиот простор:

„Што се случува во овој период? Груевски го расчистува медиумскиот простор. Тие медиуми кои што се критички настроени кон него, не само што не добиваат средства од буџетот, туку реши да ги затвори. Нека се даваат тие пари, според критериумот на гледаност. Во тој случај А1 треба да ги добие најголемите пари, а не на пример Сител и Канал 5.

Прочитај и за ... >>  „Скандал“ кој не е тоа

Од кога се одвива случајот „Пајажина“? Проаѓа веќе трет месец? Луѓето се во притвор, сметките се блокирани, се повикуваат сведоци. Слушнавме ли ние досега, во јавноста, Обвинителството да се позанимава со тој дел за плаќање на партиска кампања со буџетски пари? За каква борба со криминалот зборуваме? Принципиелна или политички селективна? Кому во оваа земја не му е јасно дека одлуката да се затвори А1 беше политичка одлука на Никола Груевски?“.

За барањето на албанските ДПА и НД (недоговорено):

Според пресметките на ДПА, бројот на избирачи во шестата, тетовско- гостиварска изборна единица, спротивно на законот, има 30.000 гласачи повеќе од петтата и 34.000 од третата изборна единица. Доколку тоа не се корегира, изборите ќе бидат неуставни бидејќи сегашните продуцираат нееднаквост на гласот и дискриминација.
За гласачкото тело да биде соодветно со бројот на пратениците што ги избира, Нова демократија предлага шесте изборни единици да се спојат во 3: првата со втората, третата со четвртата и петтата со шестата изборна единица.

Според законот, пак, сразмерот на гласачи помеѓу избирачките единици не смее да отстапува повеќе од плус/минус 5%, или во бројки не повеќе од околу 14.000 гласачи.

Нема никакво значење тоа што прашањето за ново прекројување се најде на маса и пред членовите на ДИК, ама по кратка дискусија беше отфрлено. Когха ќе дојде Кондарко на чело…Впрочем, надлежно за тоа било само Собранието.

На конгресоти на ЛДП просто изненади, просто шокира лидерот Јован Манасиевски со својата инвентивност. Лично мислам дека многумина, особено од СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ остави со отворена уста: доколку тој стане премиер, проектот „Скопје 2014“ ќе го надгради и прошири со два нови музеја- едниот за Груевски другиот за Црвенковски:

„Гаранција за одржливоста на овој проект, дека ќе биде така, е тоа што за одржување и раководење на овие музеи ќе ги избереме најдобрите можни кустоси, со доживотен мандат: за музејот посветен на Никола Груевски кустосите Латас и Неделковски, а за музејот посветен на Бранко Црвенковски господата кустоси, Ефтов и Геровски“.

Само уште да не заборавеше да каже колку ќе чинат „народни пари“. Притоа, „за секој случај“ потенцира дека не мафтале и не се заканувале со прстот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту со тупаницата на СДСМ, а и едните и другите ги нарече милозвучно „дечки“:

„На овие избори, на сите тие што ни се закануваат со прстот, што ни се закануваат со тупаницата, да им кажеме „Фјрон „дечки“, вашето заврши“.

Прочитај и за ... >>  СДСМ-овскиот „фронт“ да ги бојкотира претстојните избори- дефинитивно!

Изненади и Адреј Жерновски со својата духовитост:

„Многумина денес од вас дојдоа да го добијат одговорот – кој е змијата а кој магарето? Меѓутоа, сакам да ви кажам дека го немаме одговорот, затоа што е сеедно“.

Па сега, ако се размисли подлабоко, навистина е сеедно, само што кога змијата ќе му се нафрли на магарето, а ова ако не успее да ја клоцне…

Во секој случај, серизони за замислување се основните заложби на ЛДП: наместо 22-12 министри, наместо 123- 90 пратеници, отворени изборни листи, функционери без два пасоша, воведување на нулта стапка на данок на добивка (?!), укинување на дискриминаторскиот данок за вкупен приход за микропретпријатијата, нулта толеранција за наплаќање на обврските на Владата, даночна политика во функција на економскиот развој, консолидирана државна позиција, прашањата врзани за идентитетот и јазикот да не бидат третирани, а секое решение постигнато низ процесот во ООН да оди на референдумска потврда на граѓаните (последново ми е некако ептен „блиско“ на БМРО- ДПМНЕ).

Се одржа основачко собрание на новата партија „Демократска десница“. Претседателот Филип Петровски порача дека тоа е израз на потребата на дадениот политички момент. Политичкиот систем е блоковски поделен, узурпиран и оттуѓен од граѓанинот, кој е фрлен на маргините. Демократска десница партија ќе понуди конкретни и брзи решенија, а нема да се занимава со плукање по другите и нема да бара изговори насекаде. Ај ќе видиме што ќе биде што од тоа во кампањата.

Ништо ново на 14. конгрес на ВМРО- ДПМНЕ, што се одржа во Битола? А што треба кога на „дечките“ се им оди ко „подмачкано“? Само „злонамерните“ и „заслепените“ (од високи неоданочени плати…Ах „И јас сум А1“) цинично забележаа дека Груевски како „единствен кандидат“ пак бил избран за претседател на партијата (како беше избран Црвенковски, Манасиевски…?), дека во својот говор не рекол ништо ново, а делегатите и партиското раководство продефилирале по битолски Широк сокак, ама не ги слушнале маките и дилемите на Битолчани. Ги одминале и оние на кои им било најтешко. Што на „брат Љубе“, на пример, гледаме и слушаме на „И јас сум А1“, тоа не може, нема шанса да му се случи! Издвоија два „акцента“:

„Црвенковски, излези на избори, ако го почитуваш сопствениот народ. Не се криј, не се затскривај зад измислени, неостварливи барања, кои не ти поминуваат веќе ни кај сопственото членство. Мнозинството од народот денес сака избори. Време е.
(…)
Мора да победи правната држава, да победи правдата. Спроведување на правото и на законите. Или хоштаплерајо или спроведување на законите од страна на државата“.

Се си тече, а допрва ќе почне да истекува.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here