Потребно време за читање: 3 минути

Јавната администрација е проблем кој „се влече“ уште од почетокот на независниот опстој на Република Македонија, и тоа како несоодветна и во квантитативна и во квалитативна смисла (бројна, неефикасна и партизирана). Всушност, намерно „го влечеа“ сите досегашните власти- Влади, а обидите таа да се реформира (осовремени- рационализира и модернизира) претставуваа само „шминка“ и замајување на домашната јавност и меѓународните „набљудувачи и контролори“ на процесот на европеизација и натоизација на државата.

Се чини дека она што се случува(ше) со неа конечно почна да се именува со вистинското име: манипулација. Значи, веќе не е најголем проблем нејзината гломазност и постојано зголемување, ниту неефикасноста и нефункционалноста, туку манипулирањето со нејзините „ресурси“ и се уште неосвоени (сменувачки) „простори“. Токму барањето (веројатно и се посилен притисок во наредниот период) да се престане со тоа, дава надеж дека конечно егзистенцијата и кариерата преку политика (највулгарно со „шетачко членство“ од една „добитна“ партија во друга) ќе ја замени искрениот и чесен ангажман за доброто на народот и државата, а едновремено ќе значи почеток на нужниот процес на деполитизација на македонското општество.

Прочитај и за ... >>  Уставниот суд на Македонија го „избрка“ верското образование од училиштата

Нудам за (пре)прочит еден мој прилог токму за јавната администрација (под тој наслов), објавен на 25.01.2006.

Во расправите помеѓу позицијата и опозицијата за Изборниот законик најголеми, па и најжестоки реагирања предизвика предлогот во избирачкиот процес, конкретно во спроведувањето на изборите, на изборните места да учествуваат единствено претставници на државната односно јавната администрација. Притоа и за двете „страни“ главен, може да се рече и единствен аргумент „за“ или „против“ беше- е нејзината (де)партизација односно (де)политизација.

Не заземајќи ничија страна, сакам да го потенцирам она за што се свесни и едните и другите, па веројатно најдоброто компромисно решение е што го имавме и во досегашните избори- „нешто помеѓу“, што значи и учество на администрацијата, но и на претставници на партиите учесници на изборите. Тоа се чини е прифатливо и за „меѓународниот фактор“, па веќе и го предлага.

Меѓутоа, интересно и мошне дискутабилно е инсистирањето на позицијата, особено на СДСМ, „носители“ на изборите да бидат „административци“, а притоа не се инсистира премногу на (де)партизацијата, туку на нејзината стручност односно квалификуваност. Исто така се пренебрегнува, поточно се премолчува „меѓународното“ барање за реформирање на државната администрација што, инаку, е и еден од главните услови за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. За да биде појасно, тоа барање оди токму во правец на нејзина департизација односно деполитизација. Сето ова не само што остави сомнежи во „добрите намери“ на позицијата за фер и демократски избори, туку го доведува во прашање и усвојувањето на Изборниот законик чиј предлог беше усвоен на седницата на Собранието со тесно мнозинство од 65 гласови „за“.

Прочитај и за ... >>  Има ли македонската опозиција „црвена линија“ при решавање на „спорот“ со Грција?

Дали државната односно јавната администрација е толку „чиста“ партиски за без никакви проблеми и сомнежи да се прифати како „носител“ на реализацијата на претстојните парламентарни избори? Или: дали таа може да гарантира дека ќе ги спроведе фер и демократски? Не дали е способна, односно квалификувана, туку дали ќе може, дали го има пред се и над се непартискиот односно деполитизираниот капацитет? Одговорот е секако не. Тоа ќе рече дека опозицијата има целосно право што таквиот предлог не го прифаќа, што стравува од нерегуларности, што се сомнева во подготвување на изборен фалсификат.

За сето тоа да го отстрани, позицијата би морала да излезе со аргументи и факти дека во меѓувреме ја реформирала државната администрација (што де факто не е сторено; тој процес допрва треба да започне). Поконкретно, дека во меѓувреме, откако е на власт, не ја партизирала односно политизирала. Таквите аргументи и факти досега не ги изнесе оти ги нема. Во спротивно, мошне лесно ќе се отфрлеа сите сомнежи и стравувања и ќе немаше такви остри спротивставувања, па и резерви во однос на донесувањето на Изборниот законик.

Прочитај и за ... >>  Последна фаза од сценарио или последен очајнички обид за спас од дефинитивен пораз

Департизацијата односно деполитизацијата не е ненадминат проблем само во државната односно јавната администрација. Таа е „рак- рана“ во севкупното наше живеење и дејствување, во сите области и сфери. Ако не е така, тогаш воопшто ќе немаше потреба да се инсистира на фер и демократски избори како прв „испит“ на власта односно Владата на патот кон ЕУ, поконкретно за добивање на рок- термин за почеток на преговорите за наше евроинтегрирање.

Кога премиерот Владо Бучковски најави „замена“ на „транзицијата“ со „европеизација“ годинава, веројатно мислеше пред се на департизација и деполитизација. Ако мисли поинаку кога се работи за приоритети, тогаш се доведува во прашање искреноста на „неговата“ намера.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here