Наши пред станадардите на ЕУ

Познати се стандардите на ЕУ, оние што треба односно мораме да ги спроведеме доколку го почитуваме, доколку го третираме како обврска консензусот во однос на нашето евро-атлантско интегрирање. Тие се мошне високи, „тешки“ и во догледно време недостижни. Сигурно ќе останат недостижни доколку продолжиме да чекориме вака и со „овие“ ижкако со оние“. 

Најнапред за консензусот како почитување и обврска. Ќе укажам на еден апсурд или парадокс, сеедно:

Оние од „горните“ одат, шетаат, „работат“ низ светот и постојано им велат на „белосветските“, како да сакаат да ги убедат: дека во земјава има општ консензус кога се во прашање евро-атлатнските интегративни процеси. Се разбира, тие-„белосветските“ не би биле такви кога навреме не би научиле со кого си имаат работа, па одамна им одговараат: „Дотолку полесно за вас“, притоа мислејќи на нивната работа на тој план, поточно на тежината на нивната обврска тој општ консензус да се исполни.

Уште една моја забелешка кога станува збор за општиот консензус: ако е општ, тогаш не е јасно зошто е како прва буква, прва декларација во сите програми, платформи, заложби на сите политички партии, и од позицијата и од опозицијата. Логиката вели дека тој треба да претставува појдовна основа (што се подразбира) за конкретни, различни патишта, решенија, активности, работа, за негово целосно обврзно остварување.

Збор- два за ЕУ стандардите и „догледното“ време:

Стандардите на ЕУ и НАТО се мошне високи и тешки од проста причина што ние, како земја и граѓани (мнозинско-немнозински заедници во неа), во однос на членките на ЕУ сме мошне „ниски“ и „лесни“. Со други зборови, ние сме паднати на ниските-најниските гранки на нашето „дрво“ (не европското) и сме лесни како пердуви, та  нѐ „дуваат“ кога и како ќе им текне. Ако посакаат, кога ќе посакаат, можат лесно и да нѐ „издуваат“.

Сакам да речам дека нашите „горни“, на кои сме им дале обврска (не право) да го одржуваат, да го негуваат и да го растат нашето „дрво“, нѐ паднаа сите нас освен себеси, а за жал и натаму нѐ паѓаат, на ниските-најниските гранки. Нѐ направија и нѐ прават „лесни“ како пердуви.

Во спротивно, кога би било поинаку, кога тие најпрво би знаеле за какво „дрво“ станува збор и како треба да се негува и да се расте (дека не е „жална врба“ како што го третираат), ЕУ стандардите би биле не лесни, туку многу полесни, не недостижни, туку со време и навреме прифатливи, прифаќани еден по еден, вградувани во нашето севкупно живеење, работење и дејствување.

Патем, предлагам во идното државно знаме (сегашново сигурно пак ќе го менуваме) и државниот грб токму дабот да биде еден од основните симболи, заедно со штитот со златно сонце на Александар Македонски кој, да потсетам, „зборува“, а го слушаат оние што го разбираат времето како минато и иднина во сегашноста,  за нашите нераскинливи врски и континуитет со античките Македонци. Што е историски одамна докажано, но е постојано негирано зашто е многу опасно токму за денешната западна цивилизација која, нели, со „гордост“ се темели на „две-три илјадната“ грчка култура. Може ли да се замисли каков пресврт би морал да се направи на секој план кога би се прифатило докажаното-дека таа  најмногу му должи на библискиот-македонскиот народ?

Што е со нашите стандарди?

„Горните“ ќе ви речат дека тие веќе не можат да „играат“ бидејќи мораме и воведуваме европски. Се разбира, ќе ви признаат и дека немаме, односно во меѓувреме не сме изградиле свои, па тоа ќе го поврзат со немањето систем на вредности.

А всушност станува збор само за едно и за ништо друго: стандардите (кои сите заедно го прават, го создаваат системот на вредностите) не беа пожелни во сиот изминат период и денес. Можеа само да пречат, да создаваат „проблеми“ во процесот на сеопштиот грабеж, мафијаштвото, криминалот, корупцијата, неморалот… малограѓанштината, провинцијализмот, примитивизмот…заробениот ум.

Имајќи го предвид сето кажано досега во прилогов, сигурен сум дека сега ви е дефинитивно јасно дека ЕУ стандардите или приоритетите односно препораките, условите (наречете ги како сакате) за исполнување во догледно време се за нас недостижни, премногу тешки и превисоки. Особено додека на нашето „чело“ се сегашниве „горни“. Затоа што тие (и никои други) и не знаеле и не знаат, и не сакале и не сакаат да постават наши стандарди.

Значи ли тоа дека најнапред се потребни наши? Се разбира! Без дилема! Да ги поставиме како „правила на играта“ и да „играме“ според нив сите до еден, без ниеден исклучок.

Само, прашање е дали имаме време за тоа. Се плашам да не е предоцна.

На крајот ќе го доречам уште следново:

Можеме од буква до запирка да ги препишеме и да ги усвоиме европските стандарди, ама од што немаме свои, не сме се научиле, не сме прифатиле и не сме се навикнале да живееме, работиме и дејствуваме „стандардно“-тоа не ни вреди ништо.

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *