Потребно време за читање: 16 минути

Случајот со „шведската“ млекарница „Сведмилк“ ќе остане забележан во аналите на „Invest in Macedonia“ како најтипичен пример на криминализација односно грабеж на домашно- странска инвестиција од страна на македонски полит- бизнис олигарси, на манипулација на фармери со катастрофални последици за нив, но и за сточарството воопшто, а секако и на новинарска зависност од највисок степен („агитпроповштина“),- целосно во интерес на медиумски „тајкун“.

Независно од тоа дали Владата на Македонија може(ше) да стори нешто, да интервенира, да спречи, да помогне или не, имајќи предвид дека се работи за приватна фирма (нели приватноста е светост во „европско- светскиот“ бизнис кој, во рамките на евро- атлантските аспирации, е „консензуална“ стратешка цел на земјава), „Сведмилк“ е лоша (пре)порака за отвореноста, правната сигурност и атрактивноста на земјата како привлечна бизнис дестинација.

За да се добие колку- толку реална „слика“ на случувањето, на она што се „тркала“ во и околу млекарницата „Сведмилк“ од почетокот на нејзината работа до денес, а најверојатно наскоро, во наредниве денови и недели конечно ќе се „истркала“, е нужна нивна хронологија, со внимателно поставување на „вистинските точки“ на „примеросувањето“ (криминализацијата, манипулацијата и „агитпроповштината“).

„Се започна“ на 1-ви декември 2007- ма година, кога премиерот Никола Груевски со чаша јогурт в рака го одбележа официјалниот старт на производството на шведската млекарница. Забележана е неговата изјава (што опозицијата се обиде да ја „изврти“ за своите „спасителски“ цели):

„На задоволство на многумина производители на млеко, коишто во минатите години доживуваа речиси секоја година млечна криза, истурајќи ги вишоците на млеко по улиците, денеска со задоволство да го отвориме овој капацитет во којшто се вложени 18 милиони евра, над 50% шведски капитал, во најмодерна млекарница со производство на млеко коешто е шведско, а наше“.

(„Извртувањето“ беше дека тој притоа најавил развој на краварството во Македонија и ги поттикнал фармерите на масовно купување на молзни крави.)

Интересни се, не само пригодни, изјавите на шведската амбасадорка во РМ, Мосберг Кроненберг, и Роџер Оскарсон, генералниот директор на „Сведмилк Македонија“:

„Шведска може да биде горда за оваа инвестиција“; „Сведоци сме денес на почетокот на новото поглавје во млечната историја на Македонија. Старите индустриски структури се потиснати и нови генерации на млади кадри ја преземаат одговорноста за производство на квалитет и вкус кој го заслужуваат македонските потрошувачи“.

Притоа беше најавено дека млекото произведено од внимателно избрани фарми, „7 пати лабораториски испитано, чувано во лактофризери и специјални цистерни, преработено по најсовремената европска технологија“, освен по македонските продавници на големо се бара и во Бугарија, Косово, Грција, па дури и за извоз во Франција. За одбележување е и реакцијата на млекопроизводителите: тие се задоволни од долгорочните партнерски односи со шведската млекарница, преку која не само фер откуп и реална исплата, туку добиваат и поддршка за развој на своите фарми.

Почетокот на работата на млекарницата беше проследен и со коментари на „егзалтирани“ новинари: дека со неа е најавен пресврт во македонското земјоделство, а силната конкурентска битка за фармерите сигурно носи подобри денови, пореално вреднување на откупеното млеко. Натаму, дека е евидентно стопирањето на негативниот тренд во краварството, а следна фаза е зголемување на бројот на грла и производство на квалитетно млеко. Субвенциите од 2 денара за литар млеко и 100 евра од хектар за производство на житарици следните 4 години треба да придонесат за натамошен развој на краварството. До 2012- та година домашното производство на млеко ќе се стимулира со 100 милиони евра или за догодина по 3,5 денари за литар, а за во 2010-та, 2011-та и 2012-та сточарите ќе добијат премија од 5 денари за литар млеко.

Изјава на министерот за земјоделство Ацо Спасеновски:

„Сега веќе одиме во нагорен тренд на развој на сточарството. Мораме да се прилагодуваме и спрема ЕУ од областа на законодавството и имплементирање на барањата на ЕУ“.

„Идилата“ продолжи се до првата половина на 2008- ма. Влезот на странските инвестиции во бизнисот со млеко и зголемените стимулации беа поттик за сточарите да размислуваат за зголемување на добиточниот фонд и производство на квалитетно млеко.

Се најави и производство на органско млеко. Дел од сточарите во соработка со „Сведмилк“ почнаа забрзано да работат на терен за да почнат со ова производство кое е светски тренд. Тоа ќе биде првиот посериозен обид за фаќање на чекорот со Европа за попрофитабилно земјоделско производство со искористување на еколошките предности. „Шведската“ млекарница (подолу ќе појаснам зошто е во наводници) започна и кампања во шест региони во земјава за откуп на органско млеко.

Во тој период беше склучен и првиот договор за извоз на млеко во Косово, со косовската компанија „Некст“ која понатаму ќе го дистрибуира млекото до маркетите. За почеток извоз на по 500 тони месечно, а „Сведмилк Македонија“ стартуваше и со извоз на млеко за бугарскиот пазар произведено за светскиот лидер во млечниот бизнис- француски „Данон“. Првичните договорени количини беа 300 тони месечно млеко од македонските фармери произведено под брендот „Корона“ за бугарскиот паза.

И наеднаш (всушност подолго време планирано од домашни полит- бизнис- олигархиски „фактори“, некои од нив и акционери; вкупно поголеми акционери од шведскиот стопан- ете зошто млекарницата ја именувам како „шведска“- во наводници), „балонот пука“, почнаа „пеколните“ манипулации односно злоупотребите на фармерите за свои тесни интереси, а кои траат се до денес: кон средината на август 2008- ма во Македонија повторно млечна криза! Фармерите од сите региони од земјава излегоа со последно предупредување до млекарниците: ако за една недела не ги исплатат долговите кон сточарите и не ја зголемат откупната цена, ниту еден литар млеко нема да биде предаден. Според нивните калкулации, производната цена на млекото е 29,7 денари за литар, па со сегашната откупна цена од 18 денари за литар велат дека се во тотална загуба.

Млекарниците објаснија дека дел од причините за намалување на откупната цена се нелојалната конкуренција на пазарот, квалитетот на млекото и наплатата на персоналниот данок за нерегистрираните сточари. Според пресметките на фармерите, пак, намалувањето на откупната цена треба да биде за 2 денара, а не за 10 денари од литар млеко.

Протестите почнаа, сточарите ја кажаа нивната производна и откупна цена- 29 денари за литар, а млекарниците повторно се обидоа да објаснат дека со ваква откупна цена нема пазарна логика. Најмногу што можат да добијат сточарите се 20 денари, заедно со субвенцијата од државата. Таа е на ниво на европските цени. Во Бугарија, на пример, просечните откупни цени годинава се 18,8 денари, а во Унгарија 21,7 денари за литар млеко од екстра класа. Годинава во прилог на сточарите е и високиот род на житариците и пониските цени, што и до 40% им ги намали трошоците околу добиточната храна.

Постојат големи залихи поради што трајно млеко кое е блиску до истекот на рокот се продава дури и по 30,6 денари, а свежото е со просечна цена од 32 денара за литар. Ваквите цени кај млекарниците предизвикуваат големи загуби.

Зависноста на некои новинари се уште им „овозможуваше“ да ја кажат вистината и да заклучат објективно: проблемот е диктиран од пазарниот однос на понудата и побарувачката, а во ваков случај Владата единствено што може да интервенира се висината и навремената исплата на субвенциите. Се друго е чист бизнис помеѓу две страни- сточарите и млекарниците.

Е, не баш се, како и во секој „чист“. Она што му недостасува на македонскиот бизнис воопшто се „изрази“ во најизострен вид можеби токму поради „европеизираната“ „Сведмилк Македонија“. Пред се во однос на нужните, наметнатите стандарди за квалитет, модерно произодство, модерен менаџмент…: тн. правила на игра. Кои, пак, воопшто не им одговараат на „прекуноќните“ полит- бизнис олигарски (кога би се воспоставиле, едноставно би се презеле, „инкорпорирале“ европските односно светските, повеќето од нив веднаш би пропаднал или за да си го спасат валканиот бизнис би се „пензионирале“).

Прочитај и за ... >>  Тежок пораз на македонската опозиција; можно решение на „спорот“ за името

Најголемите млекопроизводители во Македонија- фармерите од Пелагонија го сфатија „штосот“ (не е којзнае што за да не се разбере) и им се налутија на битолските млекарници: немаат цврсти договори, нема правила на игра околу откупот на млекото и се препуштени на милост и немилост на нивните проценки.

Сточарите со години се жалат дека се изложени на самоволието на млекарниците, па со право бараат од државата да ги искористи своите правни механизми и да ги заштити од овој „невиден грабеж“.

Сточарите и млекарниците ги седна Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за да се видат проблемите и да се изнајдат долгорочни решенија. Барањата од сточарите беа усвоени од млекарниците. Меѓутоа, само по 3 дена поради нив сточарите излегоа на протест!

Изјава на заменик- министерот Христијан Делев:

„Првото нешто што беше договорено е спроведување на Правилникот за откуп на млеко и тоа ние го поддржуваме како Министерство и мислиме дека тие правилници треба да се почитуваат. Сед разбира и за издавањето на белешките за откуп, во тие белешки да бидат вметнати подетални информации околу масленоста, цената, односно сите параметри што треба да ги има на тие белешки. Но не може да се формира базна цена бидејќи тоа е спротивно на прописите на Европската унија“.

Не треба којзнае какво познавање на „материјата“ за да се знае дека за да се протестира поради цена во пазарно време е надвор од сите економски логики. Неа ја диктира понудата и побарувачката. Се разбира, млекарниците се сголасија дека во трката за кооперанти нелогично ја зголемиле цената на млекото. Ако се продолжеше со овој тренд на високи откупни цени, кои инаку се највисоки не само во регионов туку и во Европската унија, ќе беа неконкурентни и ќе пропаднеа.

Проф. Д- р Соња Србиновска од Факултетот за земјоделски науки и храна:

„Со исфорсирано високи цени може да дојде до увоз на евтино млеко кое ќе го уништи домашното производство. Начинот на кој што треба да им се помогне на сточарите е да се субвенционира во зголемување на продуктивноста, во подигање на нивото на квалитетот на млекото. Сточарите и млекарите мора да бидат партнери – тие едни без други не можат“.

Во последниве две години државата презеде значајни конкретни мерки: го урна монополот на битолската млекарница, издвои по 2 денара премија за млекото, а сточарите добија и по 100 евра од хектар за производство на житарица.

И сега доаѓа еден од „клучните моменти“ на целата „млечна рашомонијада“ со вешто скриена крајна цел- „освојување“ на „Сведмилк Македонија“: на протестите (крај на август 2008- ма) сточарите со механизација ги блокираа влезовите на млекарниците, но освен преработувачите кои трпат загуби погласни против протестите беа фармерите кои произведуваат 90% од млекото во земјава. Тие се револтирани што веќе втор ден се спречени млекото да го предадат во млекарниците. Трпат загуби поради мала група на луѓе пензионери, вработени и државни службеници на кои неколкуте крави им се дополнителна дејност.

Факти:

Во Македонија дневно се произведуваат 300.000 до 350.000 литри млеко, а според проценките на познавачите оние што се на протести имаат производство на само 30.000 литри дневно. Федерацијата на фармери, која ги организира протестите, очигледно не ги застапува интересите на млeкопроизводителите, а особено не на оние кои се вистинските сериозни производители, носители на производството, штом тие се против блокада на откупот. (За ова своевремено пишував на овој блог со заклучок, не само мој, дека протестите се само начин да се создаде хаос воопшто, не само во млекопроизводството).

Многумина во „млечниот бизнис“ останаа глуви и слепи (нормално) на она што се случи во меѓувреме во Бугарија и Романија, а претставува реална опасност и за Македонија доколку навреме не се постават нештата на своите вистински места: млекопроизводителите во Бугарија се кренаа на протести поради зголемување на производните трошоц; побараа зголемување на субвенциите и на производните квоти за млекото, но европските правила сега ги ограничуваат колку млеко смее да се стимулира и по колку пари може да се даде за стимулација. Имено, како што пренесоа медиумите, Бугарија во преговорите пред влезот во Европската унија добила национална млечна квота од 979. 000 тони, на што реагирале фармерите кои сегашните 350.000 грла ќе мора да ги намалат на 150.000. Освен проблематичните квоти, она што дополнително ги крена на протести стотиците фармери во Бугарија е забраната од Европа да ја зголемат субвенцијата за млеко.

Коментираше министерот Ацо Спасеновски:

„Во моментот на влезот на Македонија во ЕУ треба да се дефинира со што Македонија располага и со што влегува. Ако во тие преговори се воспостават многу ниски квоти за одредени производи, кои се лимитирани во самата Европска унија, доаѓаме до ситуација потоа да не можеме да ги надминуваме. Во овој период на усогласување и прилагодување мора ние паралелно брзо да го растеме тоа производство за да можеме со што поголеми количини. Подигање на нивото на директните субвенции, зголемување на вкупните површини и бројната состојба во сточарството е патот кој го трасира успешниот влез на македонското во европското земјоделство“.

Во меѓувреме се проолжи „по старо“: кон крајот на октомври 2008- ма фармерите се заканија со масовно колење на добитокот доколку во најскоро време не ги добијат субвенциите за предаденото млеко. Дел од нив не го почитуваат договореното – исплата на количините до 15- ти или најдоцна до 20- ти во месецот, а не е постигнат прогрес во однос на цената.

На почетокот од декември „некои нешта“ почнаа да (под)излегуваат на виделина. Млекопроизводителите најавија протести пред владините институции со цел да се запознае јавноста со маката на млекопроизводителите, чии барања за исплата на откупеното млеко се секојдневна агонија. На 4- ти ноември тие побарале свикување на итна средба на која, покрај премиерот Груевски, би учествувале и евроамбасадорот Ерван Фуере, министерот за земјоделие Ацо Спасеноски и преговарачкиот тим на „Сведмилк”, но одговор не добиле. (Најголемо е незадоволството од неисплата на млекото на преработувачот „Сведмилк”- цели 5 месеци).

За продолжението на „приказната“ важна е тогашната изјава на првиот човек на „Сведмилк”, Роџер Оскарсон, дека проблемот е причинет поради диверзија што ја има направено фирмата „М и А Бевериџ“, која е акционер и дистрибутер на млекарницата:

„Поради ненаплатениот долг од над милион евра на „М и А Бевериџ”, „Сведмилк” е ставена во мат- позиција, без готовина, за да им го исплаќа млекото на фармерите, на кои им должи повеќе од милион евра, но и да ги плати вработените во фабриката, со што е доведен во прашање нејзиниот опстанок“.

Новата 2009- та млекопроизводителите ја „најавија“ со протест поради неисплатени не „повеќе од милион евра“, туку околу 3,5 милиони.

Најава:

До 24- ти јануари (2009- та) ќе се знае дали во „Сведмилк“ ќе влезе нов инвеститор што практично ќе значи и решавање на проблемот со неплатеното млеко. Ова е заклучок од средба во Владата помеѓу фармерите и менаџерскиот тим на млекарницата. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјавија дека претставниците на „Сведмилк“ информирале оти заинтересирани инвеститори има.

Пак во меѓувреме:

Објавени се податоци за за катастрофалната состојба од „лошото менаџирање со млекарницата од страна на раководниот тим“ до крајот на јуни минатата година (оценката е дел од почетокот на „агитпроповското“ новинарство): обврските на „Сведмилк“ се 30 милиони евра. Околу 20-тина е вредноста на млекарницата, а само 1 милион евра се побарувања. 10 милиони евра се долгови кон добавувачите за амбалажата, сточарите за предаденото млеко, но и кон банките. „Комерцијална банка“ и „Стопанска банка“ веќе ја блокирале сметката, а иста мерка се најавува и од „Тутунска банка“, што значи дека шведската млекарница „Сведмилк“ е буквално банкротирана. Роџер Оскарсон излезе пред јавноста:

Прочитај и за ... >>  Полициското рекетарство во Македонија

„Вкупните долгови на млекарницата кон банките се деловна тајна. Немам обврска да објаснувам за тоа, а како менаџер не ми е дозволено да давам изјави за финансиската состојба на надворешни лица“.

И конечно се јави еден од „специфичните“ должници (од најголемите?) на „Сведмилк“- Велија Рамковски: предложи долгот од 286.000 евра да го плати со цесија (една друга ТВ објави дека тој долг е речиси 7 пати поголем).

„Минатата година „Хедис“ има продадено 2 милиона, 518 илјади и 829 литри. Овој долг е некаде за околу 15 дена работење, за 15 дена на предаденото млеко. На краварите им должат 6 месеци, а јас за 15 дена. Не сакав да пропаднат парите на „Шведска млекара“, тоа би значело во бунар да ги фрлам. Затоа им предлагав да им платам со цесија директно на краварите“, изјави тој на А1 ТВ, додавајќи: „Сега изјавувам дека во понеделник, доколку ми донесат список краварите, веднаш ќе бидат исплатени до евро. Вториот предлог ми е: 500.000 евра им авансирам за наредно работење, само млекарата треба да продолжи да работи, исто на список што тие треба да го достават“.

Рамковски гарантира пласман на 50-70 тони млеко дневно, а за сигурност на сточарите да се формира работна група од претставници на млекопроизводителите, Владата и од млекарницата, но без ниеден од сегашниот менаџерскиот тим. Само така млекарата може да продолжи да работи и да се изнаоѓаат начини како да се врати преостанатиот долг.

„Имам информации од сигурни извори дека вќе се водат преговори помеѓу „Тутунска банка“, како хипотекарен доверител, и сериозно заинтересиран партнер од Австрија, кој ветува цврсто дека ќе им го плати долгот на краварите“.

Интересно и индикативно е што на никаква реакција или коментар не наиде покажаното „широко срце“ на Рамковски: во интерес на функционирање на млекарницата ќе биде простен долгот на „Сведмилк“ од 826.000 евра за извршено рекламирање на А1 телевизија во 2008- ма година. (Неспорно е дека тоа беше интензивно и во континуитет.)

По подолго молчење (чудно само за недоволно упатените; во еден мој текст на овој блог го спомнав Зоре Темелковски, познат како (поранешен?) сопстеник на „Ино спектар“, една од „перјаниците“ на СДСМ, сега во „мирување“) реагираше „најголемата“ опозициона партија со веќе спомнатото „извртување“ на изјава на Грувски):

„Тој (Груевски-заб.м.) треба да биде со фармерите кога им е најтешко и да направи се за да им овозможи остварување на нивното основно право- да бидат исплатени за тоа што го произвеле. Пред една година премиерот, кога ја сечеше лентата на „Сведмилк“, им вети на фармерите дека во Македонија нема веќе да има млечна криза. Дали мислеше дека ќе нема фармери, па ќе нема ни криза?“.

(Груевски тоа воопшто не го вети, веќе го цитирав, а „евидентна“ е заборавноста дека млечната криза постоеше, во исто така изострена форма, и за време на нејзиното владеење, при што нивниот премиер „ептен“ беше со нив.)

И конечно:

„Сведмилк“ соопшти дека млекарницата е продадена, а купувачот е подготвен да ги подмири долговите кон фармерите, финансиските институции и другите доверители (затоа е злонамерно „буквалното третирање“ на неговата продажба за 1 евро).

Фармерите и новите стопани се договорија за начинот на исплатата на долгот спрема нив (во два „дела“ до крајот на март). Откупот на млекото ќе продолжи нормално, по пазарни откупни цени, со натамошна редовна исплата.

Неколку дена потоа се дозна купувачот: американско- израелската компанија „Феникс Енерџи“ УСА ЛЛЦ, со седиште во Њујорк, и тоа како 100- процентен сопственик. Директорот на Бордот (а не сопственик на „фирма- човек“, како многу наши дури „реномирани“) е Моше Баум.

Мошне сериозно, а неаргументирано обвинение на новинар кое не смее да остане „неодговорено“: некој со посредство на Владата (значи и таа) сака сточарите да пропаднат, односно да се уништи млекопроизводството во Македонија! Доколку навистина не се работи за фирма со борд, туку за еден бизнисмен по име Моше Баум кој, види чудо, отворил дури нова лична сметка во НЛБ – Тутунска банка, преку која почнал да профитира- сите пари од продажбата на јогуртот и млекото се слеваат на оваа негова сметка- досега 250.000 евра, од кои 150.000 евра чист ќар за него, а 100.000 евра платил само на тетрапак за амбалажата, тогаш…

Зарем е можно никој да не побара наведеното да се потврди или отфрли по судски пат?

Изманипулираните, излажаните земјоделци, производители и претставници на здруженија од цела Македонија, незадоволни од сојузот на „извиканиот“ Тантаров односно од сервилноста на Федерацијата на фармерите на Македонија, сега сериозни производители, претставници на здруженија од цела Македонија, формираа друга, „своја“ асоцијација- Асоцијација на земјоделците која, како што изјави нејзиниот претседател Ефтим Шаклев, „ќе се залага за создавање на едно модерно, современо, пазарно ориентирано земјоделство“. Тоа веднаш се „судри“ со два проблема: отплатата на долгот од „Сведмилк“ и алармантната состојба на млекопроизводителите од битолскиот крај (самоволие на млекарниците кои драстично ги намалија откупните цени). Што се однесува на „Сведмилк“, и по 5 дена од официјалното заедничко соопштение на раководството на млекарницата и Министерството за земјоделство- дека Моше Баум подготвил 1.200.000 евра, од кои 600.000 евра за сточарите, 125.000 евра за тетрапак, 32.000 за вработените, 150.000 евра за „Комерцијална“ и уште за други добавувачи и трошоци, пари зеле само вработените директно вклучени во процесот на преработка на млекото.

„Млекото ја прелеа чашата“ и сточарите од сите региони дојдоа пред Владата. Побараа апсење на Баум, расчистување со криминалот „кој се случува секој ден“, а за судбината на млекарницата да одлучуваат тие.

Ново сериозно “зависно новинарско“ обвинение: Баум секојдневно распродава од залихите од 1.000 тони јогурт кој ги најде во „Сведмилк“, со шлепери секојдневно се изнесува млеко и се продава во маркетите, за кое дури има нарачано амбалажа за милион литри, а на сточарите не им исплаќа ниту денар. (Барем да се прашаа фармерите зошто, кога сето ова им е „добро познато“, и натаму продоложуваат да го предаваат своето млеко.)

„Прелевањето“ продолжи, сточарите, по речиси цел ден протести пред Владата, од каде што заминаа незадоволни оти не слушнале ниту решение на проблемите, ниту дали ќе има исплата, го „нападнаа“ „Сведмилк“. Обидот да влезат во млекарницата го попречија полициските специјалци, кои од пред самата врата ги вратија назад и ги оневозможија во нивните намери.

Што се однсува на ставот на Владата за „Сведмилк“, тој е одамна познат, го повтори премиерот Никола Груевски, но е прашање колку „држи вода“ особено во однос на ингеренциите околу гарантирањето на тн. правила на игра, поточно обезбедувањето на поволен бизнис амбиент во Македонија („поволна бизнис дестинација“):

„Помошта може да биде само во посредување, ништо друго, бидејќи се работи за два приватни субјекта. Едниот приватен субјект му должи на друг приватен субјект. Такви има низ Македонија колку сакате што си должат еден на друг. Меѓутоа, ние настојуваме преку разговор, дискусија, изнаоѓање на различни модели да најдеме некое решение долгот на сточарите побрзо да им биде исплатен. Очигледно е дека таму има проблеми, потребно е време, итн., така што правиме се што е во наша моќ.

Прочитај и за ... >>  Лидерска средба без никакво значење

Се што е надвор од тоа посредување е незаконски. На пример, незаконски би било ние да земеме од буџет да им плаќаме којшто им го должи некоја приватна компанија. Тогаш сите приватни компании ќе дојдат на којшто некој нешто им должи и ќе речат ајде сега државата нека ни го плати долгот бидејќи друга приватна компанија не ни го плаќа.

Јас би бил среќен кога би го видел решен проблемот, бидејќи се работи за многу семејства, за многу луѓе коишто си заработувале со труд и сега се во една непријатна ситуација затоа што фирмата завлегла во тешкотии, нерентабилно работела и не им плаќала“.

Најважното од се:

Криминалот во „Сведмилк“ полека излегува на површина. Полицијата преку својот официјален билтен информира дека во тетовско фатила Скопјанец кој со своето товарно моторно возило продавал тетрапак млеко од фирмата „Сведмилк“ со изминат рок. Од страна на полицијата биле запленети и уништени 600 литри млеко со изминат рок и 500 килограми павлака. Се разбира, тоа е само „капка во морето“, а сигурно многумина веќе немаат „мирен сон“.

Во меѓувреме се случи една „мала“ епизода која остана таква оти излезе дека не е во „контекст“ на „тркалањето“ во и околу „Сведмилк“: Моше Баум беше уапсен, но по двочасовен распит кај истражниот судија во скопскиот кривичен суд беше пуштен на слобода. Беше обвинет од полицијата за кривични дела измама и издавање на лажен чек, а уапсен кога се обидел да ја напушти Македонија преку Ќафасан. Според пријавата, Баум 3 месеци на рента- кар агенција не и плаќал за наем на возила кои ги користел, па направил долг од 5.000 евра. Како гаранција на Агенцијата и оставил слип чек со платежна картичка, на која знаел дека нема доволно пари. Странскиот државјанин ќе остане во земјата додека трае истрагата бидејќи неговиот пасош остана во Судот.

Она на што укажав на почетокот од текстот, дека „Сведмилк“ не е баш „шведски“ (особено не откако се продаде- не е јасно зошто не е променет називот, уште ако се има предвид „негативниот бренд“), се потврди со барањето за отворање на стечај од страна на најголемиот доверител помеѓу сточарите, „Земјоделско- сточарскиот комбинат“ од Струмица (има побарување од половина милион евра). Имено, секој ден од оваа фарма со 1.100 млечни крави, која е една од најголемите во Македонија, се земале по 8 тони млеко, а по 8 месеци не добила ниту денар. Барањето до судот го поднесе на 17- ти март Горан Митров, сопственик на струмичкиот комбинат:

„По поднесениот предлог за отворање на стечајна постапка е поднесен и предлог за мерки за обезбедување. Тие се да биде назначен привремен стечаен управник, да биде забрането да се располага со сметките на „Сведмилк“, а има наведено и други, со тоа што е оставено судот по службена должност да цени дали има потреба да ја изрече и мерката на присилно приведување на управителите на друштвото, поточно на сопствениците“, изјави Ване Андреев, адвокат на комбинатот. Притоа нагласи дека не се бара „класичен“ стечај- „продажба на млекарницата и подмирување на долговите, туку стечај со реорганизација на побарувањата. Со други зборови, управувањето и работењето во понатамошниот дел и време да биде под присмотра на стечајниот управник, значи „активен“ стечај или да се продолжи откупот на млеко и од продажбата тековно да се исплаќаат сточарите, а со што би се создале реални шанси млекарницата да се продаде на „вистински“ инвеститор.

На барањето се приклучиле уште два субјекта, а постапката од засега нејасни прични судот ја одолговлекува. Според член 54 од Законот за стечај, тој треба во рок од 8 дена да донесе решение дали се исполнети условите за отпочнување на стечајна постапка. Рокот помина.

Се потврди најавата за расчистување на криминалот: пред неколку дена инспекциски служби влегоа во „Сведмилк“. 15- тина инспектори од Управата за јавни приходи, финансиската, пазарната и од ветеринарната инспекција започнаа детална истрага на работењето во „Сведмилк“. Патем, некои абележаа дека дошол и бизнисменот Трифун Костовски (!) за да „види“ како може да си го наплати побарувањето за предаденото млеко од неговата фарма (познато ви е дека има и тој?).

И уште едно „зависно новинарско“ обвинение (овојпат со „покритие“ дека е на сточарите): сместен во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, Моше Баум со млекото на македонските сточари се збогатил за 2 милиона евра.

Денеска уште еден протест пред Владата на Македонија, но само на мала група на сточари. Бараа премиерот Груевски да ги прими и да се најде решение за неисплатеното млеко. По неколку часа протестите се преселија пред судот, каде што побараа судските власти да ја донесат одлуката за активен стечај, да му се одземе млекарницата на Моше Баум, да продолжи откупот и работата и така да се продаде.

Оваа мерка за итен излез од кризата во која се најдоа сточарите е и дел од предлогот на стопанствениот Велија Рамковски, кој се јави повторно:

„Состојбата во „Сведмилк“ го доведе во прашање целокупното млекопроизводство во државата. За секоја сериозна земја, оваа сточарска гранка е стратешка и кон неа државниците и Владата се однесуваат со сета сериозност…Предлагам најнапред итно да се донесе стечај и млекарницата, односно откупот на млекото да продолжи со редовна исплата 7 дена по предавањето“.

(Важна забелешка: освен А1 ТВ, сопственост на Велија Рамковски (тој е спомнатиот медиумски „тајкун“), ниедна друга телевизија, националн или локална, и ниеден друг медиум (електронски, печатен) буквално секојдневно не „труби“ за „Сведмилк“. И тоа едно исто „трубење“: дека сточарите се во агонија, масовно ги продаваат молзните крави за да ги исплатат земените кредити, макдонското млекопроизводство е веќе уништено, а за спас се потребни „само“ 5 милиони евра. Не верувам дека ова „трубење“ некому не му дошло преку глава, особено кога е очигледно дека нема никаков ефект. Веројатно ќе престане наскоро, во моментот кога вистината за „Сведмилк Македонија“ конечно ќе се „истркала“.)

Можеби позитивното решавање на овој, во секој случај мошне непријатен, црн „бизнис случај“, што секако негативно се одразува на севкупниот имиџ на Република Македонија, е на повидок. Како што најави весникот „Дневник“, бугарска фирма која сакала да гради млекарница во Битола е заинтересирана за преземање на „Сведмилк“. Според неименувани извори, деновиве „Хипо Алпе Адрија“ требало да ја активира хипотеката на имотот на млекарницата, но поради отсуство на директорите на фирмата засега е се одложено. Менаџментот на Хипо веќе имал преговори со раководството на млекарницата, но се уште не е донесена одлука за одземање на опремата која се наоѓа во неа и е во употреба. Во „Сведмилк“ велат дека појавувањето на бугарската компанија е една од причините зошто Моше Баум последниве десетина дена стагнира со исплатата на парите на млекопроизводителите на кои им должи над 4 милиони евра. Изворите на „Дневник“ не демантираат дека се појавува нов кандидат за скопската млекарница и ја потврдуваат информацијата оти Баум се плаши дека може да остане без своите пари кои досега им ги исплаќаше на млекопроизводителите.

Бугарската фирма имала капитал од само 2 милиона евра, а една домашна банка требало да им одобри кредит на уште 2 за да им ги исплатат сите пари на млекарите.

Засега тоа е се, народе! Македонската „сапунска полит- бизнис олигархиска серија“ под наслов „Сведмилк Македонија“ продолжува утре.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here