Не двојна формула, туку алтернатива- алтернативи

Ништо ново во разговорите и преговорите околу спорењето (не станува збор за спор, ниту за билатерален проблем) на Данајската република (Грција) на името на нашата држава. Оптимизмот на Метју Нимиц по најновата рунда разговори (околу проблемите што ги „оптоваруваат“ преговорите) е сигурно одново разнишан, ако не и „збришан“ по повторениот став на Груевски за двојна формула како „природна позиција на Македонија“, а особено по денешната закана на Бакојани дека нејзината земја ќе продолжи да ја блокира евро- атлантската интеграција на Република Македонија се до изнаоѓање, односно „прифаќање на сложено име со јасна географска одредница за севкупна употреба“.

Време е Македонија да го преземе неопходниот чекор: да ги прекине преговорите (има многу аргументи за тоа), а да продолжи многу посилно и позабрзано на достигнување, па и надминување на евро- атлантските стандарди. Со што на јужниот сосед и неговите сојузници нема да им се даде уште една шанса за покажување на сила и ароганција. Поточно, како што е се поевидентно, да ја продолжат специјалната војна против неа.

Патем, да повторам (веќе пишував во друг прилог на блогов), Македонија нема спор со јужниот сосед, бидејќи не го спори неговото име, а не станува збор ниту за билатерален проблем- Македонија нема никаков проблем со сопственото име. Напротив, е и треба да биде горда на него, како и секоја друга држава. Можеби е време, доколку остане во преговорите, спорењето да го прифати како што и се наметнува- како спор односно билатерален проблем, што значи да побара „реципроцитет“- и јужниот сосед да го смени името со „композитно име со географска дефиниција за употреба со сите држави“.

Најнапред за нужноста од прекин или напуштање на преговорите, инаку заложба на се поголем број на домашни експерти (посредно и на угледни меѓународни- со укажувањето на нивната апсурдност и ступидност):

Мазкедонија одамна ги има сите аргументи за тоа и, доколку смета на сериозен, рамноправен и достоинствен третман во меѓународната заедница, треба час поскоро- веднаш да ги искористи. Помеѓу нив е најмал проблемот на излегувањето на Метју Нимиц од мандатот што му е доверен од страна на Обединетите нации (лесно е да се врати или да го вратат на „стариот колосек“). Исто така, одамна му е секому јасно (и на оние во ЕУ и НАТО и на оние надвор од нив) дека преговорите се незаконски, претставуваат прекршување на Повелбата на ОН, а јужниот сосед ја прекрши Времената спогодба. Проблемот е, како што мошне прецизно го дефинира Јован Донев од Институтот „Евро- Балкан“, што Македонија е изложена на специјална војна! Да, одамна ја води Данајската република (Грција), и тоа, за жал, со сестрана поддршка на некои (се разбира, не сите) членки на ЕУ и НАТО.

Конкретно: што значи негирање на идентитетот на еден народ (во сета негова комплексност- потекло, историја, култура, религија, а пред се јазик; потсетувам на поетскиот исказ на Блаже Конески: „јазикот е мојата татковина“), ако не војна за негово бришење од „картата на народите“ на планетата Земја? Можна ли е држава без идентитет на народот и нејзините малцинства (единствено кај нас „немнозински заедници“)? Или: колку е опасна држава која  се именува себе си според името на народот, а друг(и) упорно настојуваат да ја преименуваат според регионот? Да, за минатото, сегашноста, а особено за иднината е премногу. Не само за соседите, туку и за многу други со мултиетнички состав (како иницијална каписла).

(Примерот на Северна и Јужна Кореја, кој во овој контрекст често се приведува, е всушност именување на една, засега поделена држава, со различни државни устројства. Следствено, доколку, на пример, се прифати Северна Македонија, ќе треба „јасно и гласно“ да се каже дека Македонија е поделена, а и да се одговори на прашањата кој ја поделил, на колку делови и зошто (Букурешки договор). Едновремено, тоа ќе значи и легитимна борба за нејзино идно обединување).

Вториот мошне важен дел од специјалната војна е борбата за ексклузивно право на античкиот период, а за која инфантилните, недоветните домашни- македонски политиканти и нивни новинарски трабанти и морони, ја обвинуваат сопствената земја (Македонија) со некаков „процес на антиквизација“. Тоа е исто како, на пример, Италија ренесансата да ја смета само за „своја“ , иако едновремено започнала и во Холандија, а потоа се проширила во Германија и Франција и остатокот на Европа. Всушност, како што посочија некои експерти, се работи за негирање на правото на одредена суверена нација за самоидентификација и оспорување на нејзиниот идентитет, што недоветните и инфантилните, трабантите и мороните, како такви, едноставно не знаат и не можат да го разберат.

Најновите закани на Атина, конкретно на Дора Бакојани, се нервозна реакција на искажан (повторен) став на македонскиот премиер Никола Груевски во едно интервју за списанието „Форум“, имено дека „двојната формула е природна позиција на Македонија во спорот околу разликите за името“. Можеби не толку тој став, колку обелоденувањето дека „Грција и понатаму е за промена на уставното име со името Република Северна Македонија, за севкупно надворешно и внатрешно користење, а по однос на идентитетот нема подготвеност за признавање на македонската нација и јазик, ниту расположение да се разговара за тоа“.

На ова се надоврзува и искажаниот (веќе познат) став на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за српскиот весник „Блиц“:

„Македонија и нејзините граѓани остануваат доследни на стратегијата за дијалог и компромис. Меѓутоа, и медијаторот и нашите партнери и сојузници во ЕУ и НАТО, како и многу грчки лидери, знаат дека непринципиелниот компромис нема да и донесе добро на ниедна од земјите, затоа што повредена и навредена држава не може да биде вистински сојузник и пријател. Поради тоа сите решенија и компромиси кои ги бараме мора да водат сметка за тоа да не се навредуваат и занемаруваат идентитетот и достоинството на нашите граѓани“.

Очекувана остра реакција на Атина. Шефицата на дипломатија, Дора Бакојани, изјавила дека Груевски јасно не ја разбрал пораката на меѓународната заедница! Имено, како што таа ја разбрала, за евроатлантската перспектива на неговата земја Груевски „е должен за изнаоѓање на решение на спорот за името врз база на композитно име со географска дефиниција за употреба со сите држави“. (Нејзиниот „капацитет на разбирање“ е докажано поголем, особено кога станува збор за вето кое за неа не е тоа, туку „едногласна одлука од сите членки на Алијансата дека услов за прием на земјата е решавање на спорот за името“, притоа „заборавајќи“ дека во НАТО владее „консензус“ што е синоним за вето.)

Најновата закана, се разбира не за вето туку за „едногласна одлука“: Атина ќе продолжи да ја блокира интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ ако не се најде решене за спорот со името:

„Решавањето на прашањето за името е неопходно за европската и евроатлантската иднина на земјата. Грција работи на тоа и продолжува да води тешка преговарачка борба во рамките на ОН“.

Во обраќањето на вчерашниот собир на Светската грчка интерпарламентарна асоцијација во Атина Бакојани потенцира дека е неопходно решение на проблемот кое би го отворило патот за идна соработка и безбедност, а него го гледа во „прифаќање на сложено име со јасна географска одредница за севкупна употреба“.

Вината за проблемот повторно ја префрли на властите во Скопје кои „со политиката што ја водат им ја ускратуваат евроатлантската интеграција на своите граѓани“.

Значи, уште сега е јасно дека, и по исполнувањето на одредниците односно условите до најновиот извештај на ЕК („бенчмаркови“), нема шанси за добивање на датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Пред се на македонската опозиција не може да и е појасно, па белким конечно ќе го смени „вокабуларот“ против Груевски и актуелната македонска Влада. Белким не мисли некој дека до прекинување на спорењето на името на државава (со ново компромисно и ненавредливо) може да дојде во наредните 2- 3 месеци? Освен ако се прифати бришење на идентитетот, за кој и опозицијата многупати досега изнесе став дека не треба ниту да се разговара, а камо ли да се преговара.

За мојата заложба: алтернатива или алтернативи наместо двојна формула. Овојпат сосема накусо, а во некој нареден текст и детално:

Многу држави во светот, па и нашиот јужен сосед, имаат алтернативни имиња (две и повеќе), но во нивните устави постои само едно кое не е наметнато од друг(и), од некој или некои кои имаат проблем со него. (Впрочем, во највисокиот правен акт на една држава не може да има алтернатива- алтернативи.) И сега тој најчесто ја именува со „Скопје“, а во ниеден момент Македонија не реагирала поради тоа. Сигурно нема да реагира и ако почне да ја нарекува со „композитно име“ кое може да им го предложи и на други држави, па и да се „избори“ да го прифатат. И толку.

Да, и ова: може Македонија да и помогне на Данајската република (Грција) со предлог, на пример досега најсоодветниот (со прифаќање на географска одредница) на амбасадорот Ристо Никовски (сегашен советник на претседателот Иванов)- Република Македонија (Вардар) или Вардарска Македонија, но и веднаш да ги напушти, односно да ги прекине преговорите за „билатералниот проблем“. (Најнапред затоа што таков ниту постоел досега, ниту постои сега.)

Доколку тоа не го направи, повеќе од сигурно е дека во специјалната војна, која е во тек, ќе доживее тежок пораз. Од разнебитување до самоуништување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *