Потребно време за читање: 10 минути

Без оглед на притисокот на меѓународниот „фактор“, но и на домашната опозиција и нејзините медиумски трабанти, секој што сериозно и внимателно го следи процесот компромис, интензивиран во последниве неколку години, се согласува со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, дека, ако беше едноставно, досега ќе се најдеше компромисно решение. Процесот со посредство на Метју Нимиц не може да се нарече ниту разговори, ниту преговори, a компромисот во својата суштина е тоа и не може да заврши поинаку освен или со компромисно решение или со негов прекин. (Бидејќи се инсистира на „преговори“, значи прекин на преговорите). Тоа пак- решението, како што точно посочи Иванов, може да биде или разумно или неразумно (некои неразумното го нарекуваат гнило).

Разумното компромисно решение се донесува со максимална меѓусебна почит и разбирање, со силата на аргументот, а неразумното со наметнување на едната страна (супериорност), нејзина нетолерантност, непочитување (туку омаловажување, па и ништожење), неразбирање, со аргументот на силата (при што отстапките се незначителни, безначајни, формални).

Со какво решение може да заврши наметнатиот (на Република Македонија) процес на компромис ако се атакува (постојано, во континуитет) врз достоинството и идентитетот на македонскиот народ?

Само оние што не знаат и не разбираат, а не се ни трудат да научат и разберат, се изненадени, па и разочарани од денешното продолжение на компромисот во Женева (за изнаоѓање на компромисно решение), нагласувајќи дека посредникот Метју Нимиц не им понудил нов предлог на Јолевски и Василакис. Тој дури беше „принуден“ да потенцира дека не дошол со нов предлог, а мошне прецизно изјави дека дошол на разговор за областите во кои досега немало напредок во преговорите (разговор за дел од преговорите!). Најважна е неговата најава дека „е време за компромис“ односно компромисно решение.

Меѓутоа, од не помало значење е неговата разочарувачка констатација дека двете страни остануваат „во своите ровови“. Тоа не значи ништо друго, освен дека Данајската република (Грција) и натаму атакува на достоинството и идентитетот на македонскиот народ. За што, патем речено, и актуелната опозиција на чело со Бранко Црвенковски има(ше) мошне цврст став („црвена линија“).

Најавени се посети на Нимиц на Скопје на 6-ти и во Атина на 7-ми јули, а по нив ќе се знае дали има напредок кој можеби би довел до решение. Што ако нема? Прекин на процесот?

Изјава на Нимиц:

„Поминавме неколку часа разгледувајќи ги различните аспекти и нема да навлегувам во детали за што разговаравме. Прашањето е познато, нема нови предлози, но инсистираме на некои од прашањата што го блокираа договорот. Мислам дека дојде време да го истуркаме прашањето колку што можеме побрзо и тоа е целта на мојата посета на регионот, да видам дали е можно решение“.

Повторен став на Република Македонија (единствено разумен) од страна на Љупчо Јолевски:

„Нема јавно да објавуваме детали од разговорот, но би сакал да ја изразам подготвеноста да работиме на овој процес со медијаторот Метју Нимиц и со нашите јужни соседи Грците за да се најде заемно прифатливо решение што ќе го заштити достоинството и идентитетот на македонските граѓани“.

А во изминатите денови се изнаслушавме експертски и политички- политикантски ставови во врска со суштинскиот проблем што го има Данајската република (Грција) со името Македонија. Од нужност од компромисно решение до одговорност за негово прифаќање. Се забележуваат и се почесто заложби (на експерти и аналитичари) дека компромисниот процес, кој очигледно не е доведен до фаза на преговори (во исто време и се разговара), конечно треба да го прекине Република Македонија. Тоа не би бил едностран, туку изнуден прекин (значи посредно обостран), бидејќи е неприфатливо гнило компромисно решение. Притоа, главното стравување е што ќе се случи со процесот на евро- атлантско интегрирање на Република Македонија. Одговорот е единствено „последичен“: ќе се интензивира, можеби ќе заврши побрзо од најоптимистичките прогнози! Од проста причина што тогаш не би имало никакви пречки за него. Проблемот што го има јужниот сосед со името Македонија ќе биде, како и многу други што постојат, од минатото и денес, во (добро)соседските односи на две и повеќе држави во светот, а кои тие или со помош на посредници не се ни обидуваат да ги надминат.

Останува само да ги регистрираме новите (покрај познатите) разочарувачки ставови на дел од македонската политичка опозиција. Разочарувачки затоа што се тенденциозни (политички маркетинг), против државните и национални интереси, неретко небулозни, па и ступидни, а особено кога доаѓаат од политичари со огромно искуство и бележита кариера.

Прочитај и за ... >>  Отстапките се неопходни од двете страни

На пример, ставот на Тито Петковски, лидерот на НСДП. Од една страна, тој смета дека има шанси наесен Македонија да добие позитивен извештај од Европската комисија и датум за пристапни преговори, но од друга дека тоа ќе се случи „само доколку постои политичка волја и подготвеност кај власта да се вршат работите“. Што е само по себе противречно (белким шансите се затоа што таа постои). Меѓутоа, многу попроблематично е што смета 0ти „апсолутната власт носи и апсолутна одговорност“. Вели:

„Груевски не е апсолутно подготвен да го земе ризикот којшто му следува. Нели, по правило, според Уставот и според волјата на граѓаните. Тој ветуваше дека Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ без да се прави компромис за името. Сега, како што гледате, веќе го подготвуваат и своето членство и јавноста дека до компромис може да дојде. Да ми простите, ја игра улогата на кокошката што ќе прави втор круг за да не биде прогласен за лесна жена“.

Му простуваме, ама…најнапред не е точно, а потоа е и недугаво да се споредува со кокошка односно лесна жена. Не е точно дека Груевски има апсолутна моќ во Македонија. И кога би прифатиле дека „диригира“ со Парламентот (поради апсолутното мнозинство освоено на фер и демократски избори- така оценети и од домашната и од меѓународната заедница), што е со судската власт- и таа ли е „под него“? А не би било лошо, токму поради личното политичко искуство и кариера, да го праша претседателот на Македонија Ѓорге Иванов дали е „на Груевски“, „под него“ или „зад него“.

Ноторна лага е дека Груевски ветувал оти Македонија ќе стане членка на НАТО и ЕУ без да прави компромис за името. Но и да ветил такво нешто, а еве, јас лично случајно да не сум чул, тогаш следува прашањето: дали Петковски смета дека мора да се дојде до каков било компромис, макар и на сметка на идентитетот и достоинството на македонскиот народ? Дали без таков нема евро- атлантска перпектива за нашава земја?

А да се заклучи дека до компромис може да дојде, не треба многу умување. Ако не може, одамна би бил прекинат компромисниот процес односно разговорите и преговорите со посредство на Метју Нимиц.

Она со „кокошката и вториот круг“ е јасно на што се однесува- на инсистирањето на Груевски (но не само негово) за референдумско изјаснување на граѓаните на Република Македонија доколку се дојде до компромисно решение.
„Појаснувањето“ на универзитетскиот професор Јове Кекеновски не може да му помогне многу, особено затоа што тој наоѓа разлика таму кајшто ја нема и не може да ја има:

„Мораме да направиме разлика помеѓу два типа на референдум- референдум за одлучување на граѓаните и референдум за консултирање на граѓаните.

Кога задолжително се распишува референдум, тоа е по однос на усвојување на одлука на Собранието за менување на границите на Р. Македонија и по однос на одлука за стапување или истапување во сојуз или во заедница со други држави.

Бидејќи се работи за консултативен референдум, станува повеќе од јасно дека одлуката донесена на тој референдум не може да биде, односно не е задолжителна за власта. Одлуката донесена на ваков консултативен референдум не може да послужи како алиби за носење или за неносење на дефинитивна одлука.

Значи, сепак останува опцијата, единствената опција која што ни ја даваат нашите позитивни законски прописи, тоа да биде решено со одлука на актуелната власт, поточно на оние коишто управуваат со државата“.

Референдумот е форма на непосредна демократија, односно форма на учество на граѓаните во вршењето на државната власт и донесувањето на политички одлуки. „Разликувањето“ на кое повикува Кекеновски едноставно е нонсенс, бидејќи тој- референдумот тоа го има во својата сушност. Имено, спорд задолжителноста тој може да биде задолжителен и советодавен , според времето на одржување претходен или дополнителен, според задолжителноста на одржување задолжителен и факултативен, а според дејството на одлуката конститутивен или аброгативен. Можеби би било „поинспиративно“ (особено за противниците на најавениот референдум и „разбирачите“ на неговата успешност) посочувањето на разликувањето на референдумот од плебисцитот.

Ако веќе некој има амбиција да се занимава со (ре)дефинирање на референдумот, колку да му олеснам ќе приведам едно (од многуте) компетентни и прецизни промисли.

Во делото на Сејмур Мартин Липсет и Џејсон М. Лејкин „Демократски век“ меѓу другото пишува:

Прочитај и за ... >>  Има ли спас за Грција

„Но останува фактот дека референдумите ја поткопуваат логиката на демократската легислатива, така што селективно исклучуваат само одделни прашања од нормалниот парламентарен процес (а тоа е процес на усогласување и заемно давање на отстапки пред донесување на некоја одлука). Правејќи го ова, референдумите изведуваат на политичката арена една верзија на директна народна власт, која е спротивна на претставничката демократија. А претставничката демократија и е она на што мислиме кога велиме „институцонализирана демократија“: имено, избирачкото тело треба да избере кои, од разни понудени кандидати, да испрати во парламентот, па тие, кога ќе се најдат во парламентот, треба да донесуваат одлуки, а не народот сам непосредно да донесува одлуки за се и сешто“.

Следствено, одговорноста во конкретниов случај никако не може да и се „нафрли“ на Владата на Груевски (и нему лично), а референдумот да значи нејзино „префрлување“ односно бегање од неа, туку, кога прашањето за ново име на државата (кое, се разбира, никако не е „се и сешто“) не би одело на реферндум, одговорноста би морала да „падне“ на Парламентот. Особено ако се има предвид дека проблемот за кој се води компромисот не е од вчера.

Исто така, мошне дилетантско е „надевањето“ дека партиите во Македонија од позицијата и од опозицијата ќе се обединат зад заедничка стратегија за името, но не поради задкулисните игри и ситниот политички маркетинг, туку затоа што таа е одамна позната и „обединувачка“ (затоа пропадна и „новата“ на Стојан Андов). Повикот на Груевски за „национално единство“ во тој контекст е сосема непотребен, но во „најширок“ е доколку се има предвид латентната загроза на идентитетот на македонскиот народ (не само од јужниот сосед), а што е очигледно нерешлив проблем на посредникот во компромисниот процес.

Изјавата на „ново- стариот“ лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, е во најмала рака небулозна:

„Се уште не можеме да заклучиме дали повиците на Груевски за некакво национално единство се повици да се обединиме околу процес на решавање на спорот или околу процес на блокирање на спорот“.

По неа не може да се заклучи дали токму тој досега, во сиот период на компромисот, учствувал во едното или другото. Барем нему би требало да му е одамна јасно дека „спорот“ го блокира Данајската република (Грција), а што уште еднаш го потврди Нимиц по денешниот состанок во Женева.

Едно значајно интервју на македонскиот претседател Иванов за германскиот неделник „Шпигел“, под наслов „Помеѓу инаетот и револтот“, се разбира според изнесените ставови пред се за моментната состојба на релацијата Република Македонија- меѓународна заедница („потесно“ ЕУ и НАТО), од страна на домашни новински агенции и медиумски куќи беше пренесено мошне конфузно, а очигледно некои делови преведени не баш прецизно. Па сепак, главните акценти беа јасно прочитани и разбрани и од домашната и од меѓународната заедница.

Најнапред во контекстот на овој прилог ставот на Иванов за „спорот“ за името. Она што подолго време го потенцирам како неприфатлива „практика“ во процесот на компромисот- на Македонија да и се диктираат услови, да и се сугерира „поголема флексибилност“, да и се нудат предлози за преименување, а никогаш да се побара нејзин предлог (додуша досега ниту самата не се потрудила да го понуди)- Иванов го изрази моше прецизно и јасно: мора да се престане на Македонија да и се диктираат услови, а решението на „спорот“ не смее да задира во честа и правото на самоопределување на народот.

„Името Република Македонија го признаа над 120 држави. Грција сака да се откажеме од оваа придобивка и да прифатиме име – Северна, Горна или Славомакедонија. Јас не знам како албанското население во Македонија би реагирало кога ние ненадејно би станале „Славо Македонија“ и би говореле славомакедонски јазик“.

Реакцијата е позната и деновиве повторена. Изјава на потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити:

„За нас е неприфатливо Славомакедонија или БЈРМ да остане. Друго ќе биде прифатливо за нас, тоа што ќе биде прифатливо за нашите соседи, за нашите сограѓани Македонци“.

Нагласувајќи дека не е едноставно да се најде решение за „наметнатиот спор“, кој има „историска, геополитичка и психолошка основа“, Иванов вели:

„ Спорот со името со нашиот северен сосед Грција трае околу 14 години и да беше толку едноставно ќе најдевме решение многу порано. Кога Македонија прогласи независност и пристапи како членка на ОН под името Република Македонија, Грција стави вето со образложение дека тоа било опасно за безбедноста во регионот. Тогаш ни беше наметнато името ФИРОМ. Но зарем некој навистина мисли дека ние сме закана за Грција и дека би постоело обединување со оние Македонци кои живеат во Грција од 1913- та година.

Прочитај и за ... >>  Валканата дипломатска игра на Атина привршува

За танго се потребни двајца“.

Шефот на државата одговорноста за долгогодишното тапкање в место за спорот со името ја лоцира кај нашиот јужен сосед. Го повторува и веќе изнесениот став за референдумско изјаснување за решение кое би произлегло од разговорите- преговорите со Грција, а најверојатно е погрешно преведена или извлечена од контекстот неговата „информација“ дека во Македонија се во тек разговори со сите партии за можноста за распишување на референдум, бидејќи тоа не е точно (белким не помислува некој дека претседателот „се осмелува“ да манпипулира односно лаже).

Интересно е мислењето, за првпат изнесено од македонски „државник“, за наводната антиквизација на Македонија (јас во еден свој прилог тоа го нареков политичко- новинарски идиотизам): дека Скопје не е страната која го започнала овој процес, односно „не Македонија, туку Грција е таа која во античките времиња трага по потврда за својата автентичност“. Што е сосема точно и може да го потврди секој посериозен историчар, аналитичар на современите „државни дејанија“ кај соседите, па и малку поревносен хроничар на нашево време.

А повеќе од јасно е дека не станува збор ниту за процес, туку единствено за историско (не дневно политичко) пополнување на една празнина во бележењето, одбележувањето или, ако некој повеќе милува, потенцирањето на еден многу значаен дел од континуитетот на македонската историја. Се разбира дека античкиот период, како и сите други од историјата на човековата цивилизација, не е ничија сопственост, следствено ниту на Република Македонија. Но го споделува со другите, особено со соседите и како време и како простор (антички градови, клучни настани од античкиот период на денешните македонски простори, клучни и големи личности кои или биле родени или ги започнале- завршиле својот живот и дело во денешните граници на земјава). Нема ништо спорно и во тоа дека Македонците имаат антички корени, како што во нивното потекло и развој е живо вкоренето и „словенството“. Белким нема кој сериозен да помисли дека постои во светот народ што „паднал од небо“ (постоење на „Марсовци“ на Земјава се уште не е откриено).

Сепак, на сосема погрешната констатација на „Шпигел“ дека во Македонија владее „вистински бум“ од поставување на антички статуи и преименување на улици и објекти со имиња од античкиот период (дали е „бум“ поставување на засега еден споменик на Александар Македонски во Прилеп и најавен „грандиозен“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје, најавена статуа на Филип Македонски на именуваниот (не преименуван) Градски фудбалски стадион (тоа не е негово официјално име) во „Филип Втори“ , на именувањето (не преименување) на скопскиот аеродром (не официјално именуван „Петровец“) во „Александар Македонски“ и…што беше/е друго?), Иванов повеќе „куртоазно“, но и со не мала доза на иронија (која, за жал, од домашните политичко- новинарски морони со „затемнети очила“ не можеше да се очекува дека ќе биде „прочитана“), одговори дека „станува збор за нешто помеѓу инает и револт“, а потоа со реторичко прашање кое, очекувано, е премолчено од оној на кого му е упатено:

„Народите на Блканот се темпераменти и во политиката преовладуваат емоциите. Но како вие би ја доживеале фрустрацијата по самитот на НАТО, кога ние бевме сигурни дела ќе славиме како НАТО членка, а следуваше ладен туш. Колку пари и ресурси инвестиравме за да станеме способни за влез во НАТО. Ги исполнивме сите реформи. И што е најлошо, до денес, никој официјален претставник на НАТО не најде за сходно да зборува со нас за тоа или да предложи решение“.

Она што јас сум го забележал во сета оваа домашно- меѓународна рашомонијада, со краткорочни и среднорочни негативни последици единствено за земјава (го забележале и други домашни и странски хроничари и аналитичари), е подзаборавањето или целосното свесно игнорирање на геостратешките интереси на големите сили во рамките на новата мултиполаризација на светот, а која се повеќе добива на интензитет. Во неа Балканот и поширокиот регион (Југоисточна Европа) очигледно (ќе) имаат исклучително важно, можеби и клучно значење. Дали крајниот резултат ќе биде поволен или не за Република Македонија и соседството, останува да го видат и/или почувствуваат следните генерации. Кој, пак, многу зависи од конкретниот ангажман на денешните.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here