Потребно време за читање: 4 минути

Сигурно дека моево тврдење (во насловот на овој текст) многумина начекува неподготвени (да му се спротивстават со противаргументи), кај многумина предизвикува недоверие, а можеби во најголем број се оние што му се смеат, му се потсмеваат, го отфрлаат како „ординарна глупост“. Таман работа Купот на конфедерациите, чиј финален турнир во Јужна Африка го следевме деновиве, да го замени Светското првенство!

Ама ај да потпрашам: што е „светско“, а што „конфедерациско“- интерконтинентално? Колку ги имаме предвид двете првенства а пред се во организациска (систем) и реализаторска смисла, за да можеме да ги компарираме и да ги (пре)оцениме, конечно да донесеме каков годе заклучок или тврдење (како што е моево)?

Ми доаѓа „случајов“ да го ставам во рамки на една друго мое тврдење (пак за многумина сигурно многу смело), всушност порака која сепак ќе ја одложам за не долго време (друг текст): заборавете на „мулти“, „интер“ и „интра“ се единствената перспектива!
Но, да „откриеме“ што е што во фудбалскиот Куп на конфедерациите (во Светското првенство што догодина ќе се одржи во Јужна Африка се или речиси се ни е одамна познато):

Купот на Конфедерациите е меѓународно фудбалско натпреварување во организација на ФИФА. Првото се одржа во 1992- ра година. Се до 2005- та се играше секоја втора, а од таа година се премина на организирање секоја четврта година. Во него учествуваат 8 национални фудбалски репрезентации, и тоа 6 победници на континентални натпреварувања (КАФ- Африкански купо на нациите, КОНМЕБОЛ- Амрикански куп, УЕФА- Европско првенство, АФК- Азиски куп, ОФК- Куп на нациите на Океанија, КОНКАКАФ- Златен куп), светскиот првак и домаќинот.

Во 1992- ра година Купот се одигра во Саудиска Арабија, победи Аргентина, а досегашни освојувачи на титулата се селекциите на Бразил (1997, 2005, 2009), Франција (2001, 2003), Аргентина (1992), Данска (1995) и Мексико (1999).

Годинашниов Куп беше 8- ми на ред, а се играше од 14- ти до 28- ми јуни во Јужноафриканската република, на стадиони во Јоханесбурк, Преторија, Блумфонтејн и Рустенбург.

Прочитај и за ... >>  За што се доделува Нобеловата награда за мир

Како се квалификуваа селекциите за завршниот турнир:

Јужноафриканската република е домаќин (нејзино второ учество), Италија е победник на Светското првенство во 2006- та (прво учество), селекцијата на САД е победник на КОНКАКАФ- Златен куп во фудбал во 2007- ма (четврто то учество), Бразил е победник на КОНМЕБОЛ-Куп на Америка 2007- ма (шесто учество), Ирак е победник на АФК- Азиски куп 2007- ма (прво учество), Египет е победник на КАФ- Африкански куп на нациите 2008- ма (второ учество), Шпанија е победник на Европското првенство 2008- ма (второ учесто), Нов Зеланд е победник на Океанскиот куп на нациите 2008- ма (трето учество).

Треба да се наспомне дека ФИФА има донесено одлука за незадолжително учество на победниците на јужноамериканското и европското првенство.

8- те квалификувани селекции се натпреваруваат поделени во две групи, а нивниот состав се одредува со жрепка. Постојат два услова: домаќинот се наоѓа во групата А, под број еден, а репрезентации од иста конфедерација мораат да бидат во различни групи. Бидејќи годинава домаќинот- Јужна Африка е во групата А, Египет мораше да се натпреварува во групата Б. Разделени се и селекциите на Италија и Шпанија. Во групата игра секој со секого еден натпревар. Двете првопласирани екипи од групите одат во полуфинале, каде што вкрстено играат А1:Б2, А2:Б1. Победниците играат во финале.

Освен пехарот за победникот на Купот, се доделуваат и златни, сребрени и бронзени копачки, ракавици, топки и пехар на ФИФА за фер плеј.

Годинава Златната копачка ја освои Бразилецот Луис Фабијано (беше и најдобар стрелец со 5 постигнати гола), Златната ракавица американскиот голман Тим Ховард, Златната топка Бразилецот Кака, а Пехарот му припадна на победникот на Купот, селекцијата на Бразил.

Многумина спортски експерти, аналитичари и новинари Купот на конфедерациите го третираат како „предигра“ на Мундијалот идната година. Не е јасно зошто, освен ако се има предвид дека идната година Јужноафриканската република ќе биде и домаќин на СП, па Купот и доаѓа (нејзе) не само како предигра, туку многу повеќе како последна проверка на организационите способности, на се што на организационен план е направено и што треба да се доправи за светскиот шампионат да се одржи беспрекорно.

Прочитај и за ... >>  Опозиционерска доследност на Црвенковски

Што се однесува, пак, на проверките на селекциите, таа- предиграта нема никаква врска. Она што се случи,особено големите изненадувања- дебаклите на Шпанија и Италија, не е резултат на неподготвеност, слаба игра, криза, па сега до СП ќе се работи интензивно на тој план, туку единствено доказ на високи фудбалски квалитети на „оние другите“ (најчесто третирани како аутсајдери). Кој може да тврди, по големите успеси на САД (играше во финалето против Бразил и лесно можеше да биде „конфедерален“ шампион -водеше дури со 2:0) и на Јужна Африка (играше против светскиот првак Шпанија за трето место- можеше лесно да се случи и да победи), дека идната година на Мундијалот нема да се случи исто или слично (можеби да „изненади“ некој друг тим)? Тоа ќе биде сензација?

Вистината е една и единствена: во светот на фудбалот се се случува, се се испревртува толку брзо што„заспаните“ ќе се разбудат во некоја друга стварност како „изгубени Марсовци“.

Најсилниот на светот одамна го разбрал и прифатил најважното: нема „предигри“, особено на „конфедерално“ ниво. Напротив, тоа е во најмала рака еднакво, ако не и поважно од Светското првенство!

Дури сега некои се навраќаат на сериозноста на изјавата односно најавата на Бразилецот Кака- дека тој лично не размислува за милионскиот трансфер, туку е концентриран на настапот на Купот на конфедерациите.

Бразилците до финалето стасаа по четири победи, во групата беа убедливи против ривалите (тимот на САД го совладаа со 3:0, а со ист резултат го декласираа и светскиот првак Италија, но не беа претерано сигурни во дуелот со победникот на последниот Куп на африканските нации Египет- победија со 4:3). Во полуфиналето домашната „Бафана“ (Јужноафриканската република) игаше рамноправно до последната минута, а потоа Дани Алеш од слободен удар постигна гол и го воведе тимот на Дунга во финалето.

Прочитај и за ... >>  По катастрофалниот земјотрес на Хаити

Американците, пак, до финалето стасаа на необичен начин, по два пораза во групата (Италија 1:3 и Бразил 0:3), го совладаа Египет (3:0) и се пласираа во полуфиналето благодарение на подобрата гол- разлика. Во полуфиналето ги изненадија Шпанците (2:0).

Бразил по третпат го освои Купот, победувајќи ги Американците во драматичен меч со 3: 2 (по водство на САД од 2:0).

Во борбата за третото место Шпанија извојува победа над селекцијата на Јужна Африка, исто така во мошне неизвесен меч (до 88- ма минута водеа Јужноафриканците, а тогаш Гуиза прво изедначи, за во следната минута да постигне водечки гол; во последната минута од судиското надополнување Мфела постигна гол за продолженија од 2 пати по 15 минути; Шпанија победи со гол на Алонсо од слободен удар во втората минута од второто продолжение).

Кога велам дека споед значењето, квалитетот, па и популарноста Купот многу скоро ќе го надмине Светското првенство, не велам дека ќе го „уништи“ (ФИФА тоа не може ниту да го помисли, а камо ли да го замисли имајќи го предвид пред се финансискиот аспект), туку дека ќе се случи она што е неодминливо: Мундијалот да добие второстепено значење, да стане повеќе „ревијално“ натпреварување (и профитабилно- нешто како светски фудбалки пазар), афирматор на фудбалот во помалку развиените и неразвиените односно нефудбалските средини. „Главен“ ќе стане Купот на фудбалските конфедерации или со поинаков назив: Куп на континентите, Интерконтинентално првенство…

Уште сега се поставува „интересно“ прашање:

Која титула има поголема „тежина“- „светската“ или „конфедералната“?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here