Потребно време за читање: 5 минути

На оние што живеат и работат во главниот град на Република Македонија не им се потребни никакви истражувања за да „дознаат“ колку е тој наблаго речено несоодветен за живеење, колку е урбана средина во вистинската смисла на зборот. Сепак, кога во една традиционална, мошне компетентна светска листа Скопје ќе се рангира на 151-то место, од 215 во светот, некои од нив се задоволни од „златната средина“, но многу повеќе на број се оние што тоа им е „мошне блиску“ до последното. Особено кога за една година на листата „напредувал“ само за три места и кога ќе помисли дека, според се, е далеку од вистинска метропола. А има ни помалку ни повеќе, туку „цели“ 10 –мина градоначалници плус еден „координативен“.

Треба да се има предвид дека станува збор за рангирање според квалитетот на животот, а тој е одамна прецизно дефиниран, но не и доволно познат кај одговорните „фактори“ и неодговорните „трактори“.


Како што пренесоа светските агенции, според годишната студија на консалтинг фирмата „Мерсер“ престолнината на Австрија, Виена, е градот со најголем квалитет на животот. Тој стасал на врвот на ранг листата пред се поради стабилната политичка ситуација, како и фактот дека во изминатите 10 години не бил мета на терористички напади. Цирих е на втората позиција. Минатата година беше обратно- Виена беше втора, зад Цирих.

Квалитет на животот- што е тоа? Мошне комплексна категорија, со многу мерливи индикатори, помеѓу кои најважни се општествените- стапката на разводи, криминалот, бројот на бремените кај тинејџерките, колку деца завршуват средно училиште итн., всушност се она што го овозможува и поттикнува општствениот развој.

Во текот на изработката на студијата „Мерсер“ зела предвид дури 39 критериуми, помеѓу кои се политичката и економската слобода и развој, социјалната заштита, здравствениот и образовниот систем, јавниот транспорт, комуналните дејности, еколошката состојба, како и личната сигурност и сообраќајот. Во конкуренција годинава биле 420 градови во светот, а на конечната листа се „запишале“ 215.

Виена вкупно освоила 198,6 поени, Цирих 108, а потоа следат Женева со 107,9, Ванкувер (Канада) и Оукленд (Нов Зеланд) со по 107,4 поени, а помеѓу 10- те „нај“ се уште германските градови Дизелдорф, Минхен, Франкфурт, швајцарскиот Берн и австралискиот Сиднеј. Брисел е 14-ти, Берлин 16-ти, Париз 33- ти, Токио 35- ти, Лондон 38- ми, Вашингтон 44- ти, Њујорк 49- ти, Рим 55- ти, а Москва е дури на 168- то место.

Прочитај и за ... >>  Уште една еколошка катастрофа

Македонскиот главен град годинава со „освоеното“ 151- во место напредуваше за 3 во однос на лани, кога беше на 154- тото. Во регионот најдобро е рангирана Љубљана- на 78-то место, Загреб е 103, Букурешт 108, Софија 112, Белград 137. Зад Скопје се Сараево на 157 и Тирана на 173 место.

Град со најнизок квалитет на живот, како и во 2008- ма година, е Багдад кој добил сенасе 13,4 поени.

Посебно вреднувана категорија е инфраструктурата, според која Виена се нашла на 18- тото место. Првите три им припаднале на Сингапур, Минхен и Копенхаген. Скопје е на 138-то, а најдобро рангиран град во регионот е Љубљана- на 95-тата позиција. Пред Скопје се уште и Атина и Загреб, а полошо пласирани се Белград, Софија, Сараево и Тирана. Последното место и на оваа ранкинг листа го зазема Багдад.

„Мерсер“ е глобална консултанстка куќа со 18.000 вработени, со претставништва и клиенти во 180 градови и 40 земји во светот.

Има ли лошата или, поблаго речено, стагнантната состојба на развојот на Скопје, подобрувањето на квалитетот на животот на неговите граѓани, со територијалната организација- поделеноста на 10 општини и проблематичното „обединувачко“ или „координирачко“ функционирање на „централното“ раководство“?

Се разбира дека има, особено ако се има предвид дека тој- квалитетот на животот воопшто не зависи од етничката поделба, односно (не)рамнотежа помеѓу македонски и албански “територии” со што „се исполни Рамковниот договор“ (вака СДСМ и нејзините коалициони партнери во власта ја бранеа актуелната територијална поделба не само на Скопје, туку на цела Република Македонија).

Имено, постојната нееднаквост на квалитетот на животот, особено помеѓу „централните општини“ и руралните населби (кои му се „прилепија“ на Скопје), сигурно уште долго нема да се надмине. На пример, кога се во прашање комуналните дејности, еколошката состојба, сообраќајот. Мислам пред се на финансиските, организационите, кадровските ресурси на одделните општини и проблемот со нивно ефикасно здружување.

За споредба најчесто се посочува Љубљана, збратимен град со Скопје, на листата на „Мерсер“ најдобро рангиран град во регионот. Од едно интервју со градоначалникот на овој град Зоран Јанковиќ, објавено на официјалниот портал на град Скопје, дознаваме за организацијата и ефикасното функционирање на метрополата на Словенија:

Прочитај и за ... >>  Бавно будење на грчката свест и совест

Таа е поделена на 17 квартовски заедници и не постои паралелно дејствување во кое еден ќе попречува друг. Нив ги финансира општината, а тие се нејзина база. Јанковиќ смета дека, доколку се сака развој на Скопје, прво мора да се промени законот и односите помеѓу Градот и општините. Притоа градот мора да има своја автономија при одлучувањето, како и постојан дотек на пари од државата. Ако градот е заложник на државата или, пак, на некој начин е исклучен од неа, не може успешно да се развива. Ќе се покаже дека тоа е лошо за целата држава.

И нешто од него што го слушаме и од секој што престојува некој ден во Скопје или само минува низ него: кога би бил градоначалник на Скопје, Јанковиќ пред сите големи проекти најпрво би се погрижил за уреденоста и чистотата „која се уште не може да се види во градот“.

А слична листа на крајот од минатиот месец објави „Webzine AskMen“- листа од 29 градови на светот во кои нов живот е можен за сите. Тие се избирани според резултатите во 8 категории, како што се трошоци за живот, економска стабилност, култура, мода, здравје, мeста за излегувања, спортски случувања и забава. Таа може да послужи како споредба и, за жал, уште едно поразувачко сознание за Скопје.

Прв е Чикаго. Тој е град што нуди перфектен баланс помеѓу космополитскиот и лагодниот живот, комбинирајќи ги сите култури, забавата и софистицираноста на реновираните дестинации. Чикаго нуди неодолив начин на живот и бројни институции, како што е Институтот на уметноста, Symphony Orchestra, Меѓународниот филмски фестивал и прекрасна театарска сцена со популарни фестивали на џез и блуз музика. Дури 39% од американските комичари доаѓаат токму од него.

На второто место е Барцелона. Главниот град на автономниот регион Каталонија стотици години на ред се дистанцира од остатокот на Шпанија куултурно, уметнички, но и јазички. Ова чувство на издвоеност и даде сосема поинаков шмек од оној што го има Мадрид или Севилја. Географски Барцелона се наоѓа поблиску до Европа, па тамошните жители прво ќе ве поздрават на каталонски, а потоа на англиски и дури потоа на шпански, доколку навистина мораат. Градот ги пречекува гостите со раширени раце. Благата клима во текот на целата гдина е одлична за живот, а плажите, бродовите и летните бавчи го надополнуваат доживувањето. Сепак, во пауза секогаш ќе се најде време за гледање на некој натпревар на фудбалскиот клуб Барцелона.

Прочитај и за ... >>  Најдобар спортист во Европа во 2008- ма: Рафаел Надал

Како трет, Сан Франциско е неодоливо драматичен град со ридови и облакодери од кои можат да се следат промените на боите на небото. Тој има 2.870 барови и некои од најдобрите ресторани во Северна Америка. Според податоците, неговите граѓани се најздрави во САД. Во околината на градот има бројни лозја од каде што стигнуваат некои од најдобрите светски вина. На листата на „Форбс“ овој американски град се најде помеѓу 10- те „најпаметни“.

Чеврти е Лондон. Англискиот поет и писател Семјуел Џонсон рекол дека „кога е човек уморен од Лондон, тогаш мора да е уморен од животот“. Тој е едно од најинтересните и најбогатите места на планетата Земја. Овде е битно да имате работа со која можете да ги платите сите трошоци на живеење, зашто Лондон е еден од трите најскапм градови на светот. Сепак, бројните можности се она што најмногу ги привлекува луѓето да дојдат во него. Во Лондон се зборуваат над 300 јазици, па така претставува своевиден микрокосмос со најдобра интернационална кујна и култура. Спортот, купувањето, театарот, музиката во живо, музеите…се што ќе посакате ќе најдете во него.

На петтото место се пласира Сиднеј. Овој пристаништен град е втор на светот според бројот на хомосексуалци. Исто така е познат и според тоа што властите исклучително се грижат за населението, обезбедувајќи му одлична здравствена заштита и прилично добра социјална помош за невработените. Има 37 плажи, а повеќето се одвај 30 минути оддалечени од центарот. Кога е во прашање модата, Сиднеј е рамо до рамо со Париз и Милано. Секоја населба има свој стил, а тамошната кујна е една од најразновидните на светот.

На листата се наоѓаат уште Њујорк, Берлин, Хонг Конг, Копенхаген, Париз, Ванкувер, Рим, Буенос Аирес, Токио, Торонто, Мајами, Мадрид, Виена, Лос Анџелес, Монтреал, Панама, Портланд, Лион, Мелбурн, Тел Авив, Сантјаго, Кејп Таун, Хамбург и Единбург.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here