Потребно време за читање: 4 минути

(Напишано од мене на 22.02.2010)

Токму така. Инсистирањето на Грција за „компромисното“ решение „Едно име за севкупна употреба“ (erga omnes) е невешта стратешка замка во која би требало да „падне“ Република Македонија, поточно македонскиот народ. Таквото решение значи постапно, но сигурно и неповратно меѓународно губење-непризнавање на неговиот идентитет!

Затоа е тоа „главната црвена линија“ на Грција, од која никогаш нема да остапи по никоја цена.

Затоа и експлицитните ступидни барања за ограничена (зло)употреба на „придавката“ македонски (во случајов таа воошпшто не е тоа) имаат предвиден „празен простор“ за премолчена „отстапка“.

„Едно име за севкупна употреба“ не значи ништо друго, освен самоукинување, самообезличување, „доброволно бришење“ од мапата на народите на светот. Имено, доколку се прифати, тоа неминовно ќе се „рефлектира“ и на името на народот (мнозинската заедница во Република Македоникја) и на неговиот јазик, култура, корени, традиција, минато…

Конкретно: ако се прифати „се чини најприфатливото“ решение „Северна Македонија“ (сеедно дали „Република“ пред или помеѓу) со „севкупна употреба“ (значи и внатре-во земјата и на меѓународен план), неминовно е народот во неа да се вика „северномакедонски“, што значи „дојден од север“, и сѐ од него и што се однесува на него да биде „северномакедонско“. Со други зборови, дека е тоа народ кој се изделил од „некој“ што се нарекувал македонски, а во меѓувреме исчезнал (зашто нема негови други „делови“). „Паднал од небо“ на ова тло, со „колку-толку“ зачувана меморија за изделувањето, па се нарекол „северномакедонски“. Никако не значи дека постојат и јужно… и западно…и источномаедонски, како што поддржувачите на овој предлог наивно веруваат. Од проста причина што не можат никаде да се лоцираат (каде се, каде егзистираат?).

Како минува времето, без оглед на надворешните и внатрешните притисоци, сѐ повеќе „само по себе“ се наметнува единстеното решение на овој ступиден проблем- кал што сама си го создаде Грција, па сега не знае како да излезе, да се спаси: не „двојна формула“, туку алтернативно (едно) или алтернативни (повеќе) имиња на земјава. Само тоа ја овозможува бараната „клучна отстапка“ од Република Македонија: име за нашата земја за „внатрешна упоотреба“ на Грција (може и без согласност). Едновремено не остава никаков простор за наметнато или постапно-премолчено губење на идентитетот на македонскиот народ во сета негова комплексност.

Прочитај и за ... >>  Неприфатлива симплификација

Инаку, сѐ почесто познати, истакнати европски политичари и аналитичари недвосмислено изразуваат неразбирање, неприфаќање, па и револт од однесувањето на Грција. Една од нив е европратеничката Дорис Пак, која пред два дена изјави на прес конференција во Софија, на меѓународната трибина „Европа 2020- граѓанска визија“:

„Македонија не е падната од небо. Како е возможно да се оспоруваат имиња? Се срамам оти една европска држава може да се однесува на начин на кој што се однесува Грција“.

Бугарската агенција Бгнес пренесе дека таа изнела редица препораки до Грција поврзани со подобрувањето на нејзините односи со соседите.

Изнесувањето на ваков јасен и дециден став на Пак не е првпат. Таа на неколку наврати застана во одбрана на правото на Македонија да го користи своето уставно име и ја осуди Грција што го оспорува приемот на државата во ЕУ.

Во земјава престојува финскиот шеф на дипломатијата, Александар Стуб, се разбира со јасна цел: да „придонесе“ за што поголем притисок врз Македонија.

Гостинот од Хелсинки април го одреди како временска рамка до кога би требало проблемот да се реши, а за што е потребно многу посуштински да се навлезе во него.

Прочитај и за ... >>  Заврши судењето во Хаг

Тој потенцира дека Финска нема намера да посредува во македонско-грчкиот дијалог, но смета дека е неопходно да се инволвира некоја од моќните земји на ЕУ, како на пример Германија, Франција или Велика Британија:

„Се надевам и верувам дека она што не успеавме да го постигнеме во декември 2009-тата ќе успееме да го постигнеме во март или најдоцна до април годинава. Сметам дека треба да водиме сериозни разговори за спорот со името“.

Во пресрет на посетата на медијаторот Нимиц на Скопје и Атина, најавена за крајот на месецов, домаќинот-министерот Милошоски упати порака до јужниот сосед да демонстрира искрена волја, а не само декларативно да се залага за изнаоѓање на компромис:

„Македонија ќе биде подготвена за компромис што се однесува на спорот за името, но кој ќе го зачува нашето национално достоинство, нашиот национален идентитет, идентитетот на нашиот јазик и нашето суверено право. Крајната одлука за сите важни прашања, вклучувајќи го и името на Р. Македонија, ќе ја донесат нашите граѓани“.

Во меѓувреме продолжуваат јаловите обиди на Грција оние што не ѝ се премногу наклонети (пред сѐ поради свои интереси и позиции) да го разберат нејзиниот проблем и да ѝ дадат поддршка. Особено сега, кога е јасно дека и на Европа и на „големите и малите“ надвор од неа „спорот“ им е веќе преку глава.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Димитрис Друцас замина во посета на САД, на разговори за „спорот“, но и за грчко-турските односи, кипарското прашање, соработката помеѓу Атина и Вашингтон, како и за можноста за укинување на американските визи за грчките граѓани.

Во интервју за грчкиот весник „Етникос кирикс“, тој вели дека очекува од САД да играат конструктивна улога во напорите да се најде решение „и затоа е важно Вашингтон да биде добро запознаен со грчките позиции, кои се познати и јасни: име со географска одредница за севкупна употреба“.

Прочитај и за ... >>  Светот се движи, расте и паѓа

Со веќе познати ставови „се јави“ и претседавачот со Советот на министри на ЕУ, Мигел Анхел Моратинос. Тој во интервју за белградскиот весник „Вечерње новости“ нагласува дека шпанското претседателство со ЕУ ќе настојува да биде постигнат напредок во однос на стартот на пристапните преговори со Македонија, штом биде решено прашањето за името „за што сме оптимисти“.

А едно многу важно филмско остварување почнува да го обиколува светот и да го потсетува на апсурдниот, ступидниот проблем што го наметна Грција. Имено, филмот „Име си е име“, посветен на македонскиот народ и проблемот со името на неговата држава што го има Грција, започнува да се емитува „тргнувајќи“ од САД. Тој е дело на исландскиот режисер Сигурјон Еинарсон, продуцент е Џејсон Мико, а музиката ја напиша и ја изведува фронтменот на групата „АХА“, Мортен Харкет.

На еден скандинавски патник неколкумина Македонци му објаснуваат што значи да си Македонец. Еинарсон Македонците ги нарекува „нација во заложништво поради своето име“.

Премиерата ќе се одржи со помош на Обединетата македонска дијаспора во САД, а се очекува присуство на политичари, претставници од американскиот конгрес и дипломатскиот кор, како и Македонци кои живеат во Вашингтон.

Во изработката на „Име си е име“ учествуваа луѓе од Македонија, Исланд, САД, Норвешка, Велика Британија. Светската премиера веќе се одржа, во октомври минатата година во Торонто, Канада.

Забелешка:
Erga omnes е латинска фраза која значи „кон сите“ или „кон секого“, а не „за сите“ или „за секого“, односно „За севкупна употреба“. Со ова значење се користи и во правната терминологија.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here