Потребно време за читање: 5 минути

По повод почнувањето на „правната битка“ за Косово пред Меѓународниот суд на правдата, со предавањето на поднесоци на 17- ти овој месец од страна на правните тимови на Белград и Приштина, мошне широко во светот одекнаа две изјави односно два става на видни личности, со мошне цврсти аргументи за нелегалноста- незаконитоста на еднострано прогласената независност.

Во наредниот период, до почетокот на процесот (првата усмена расправа пред судот е најавена за декември годинава, а ќе се одржат повеќе во текот на 2010- та) може да се очекуваат бројни експертски, правни и политички оценки и проценки, но и досега и сега е јасно дека независноста на Косово е проблематична и допрва ќе биде проблематизирана.


Мошне угледниот стручњак за меѓународно право, водечки експерт за територии под меѓународна управа, консултант на одделни влади и меѓународни организации, член на Правниот факултет на Лондонскиот колеџ и професор на универзитетот Џорџтаун, Британецот Ралф Вајлд, во изјава за белградски „Вечерње новости“ децидно тврди дека Албанците немаат право на самоопределување, а Косово не е независна држава. Во однос на признавањето, во мошне независна ситуација е и Република Македонија (50- та држава што го призна Косово) бидејќи, според него, се работи за кршење на меѓународното право.

„Според меѓународното право, нова држава може да се формира од дел од територија на постојна и нејзиното настанување и признавање од други држави ќе биде законито ако тоа се случува со согласност на родителската држава. За декларацијата за независност и секое признание на така прогласената држава да бидат законити, мора да се најде некое посебно законско право. Во спротивно, тоа е кршење на правото на државите да бидат слободни да го одредат меѓународниот правен статус на својата територија. Тоа право сите останати држави се законски обврзани да го почитуваат преку општата обврска за неинтервенција“.

Според неговите зборови, Албанците на Косово немаат право на самоопределување, па со самото тоа ниту овластување да прогласуваат држава.

„Меѓународното право изискува во случај ако до решение се дојде без согласност на двете страни или без обврзувачка Резолуција на Советот за безбедност, тоа да го вклучување зачувувањето на суверенитетот на Србија над Косово. Декларацијата за независност на Косово е рамна на незаконска сецесија. Тоа е она што се случило овде“, вели Валјд додавајќи дека „државите кои го признаваат Косово неизоставно ја кршат својата обврска да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија“.

Прочитај и за ... >>  Од вашата доврба зависи нашата самодоверба

„Признанијата можат да имаат конститутивна улога, но само ако е збор за значаен број на држави. Исто така, ако значаен број на држави му го оспоруваат правото на Косово на државност тоа има конститутивна негативна улога по прашањето на неговата државност. Затоа е неизвесно дали е Косово држава, дури и ако некои држави го третираат така, а што, велам, нив ги става во позиција со која го кршат меѓународното право во делот кој се однесува на обврските спрема Србија“.

Тој наведува:

„Главниот критериум за државност во суштина подразбира практична одржливост на некој ентитет, што значи дека има територија, население и влада, и дека е независен од надворешна контрола. Главниот проблем на Косово тука е што не е независно од надворешна контрола. Тоа останува поле под надзор на ОН и НАТО. Проблем е што според Резолуцијата на Советот за безбедност 1244 и Мировниот план е договорено таквата контрола да се врши врз основа на тоа што Косово е дел од Србија, а не независна држава. Поради континуираното меѓународно присуство во покраината Косово останува протекторат, а поради неговиот правен статус тоа останува државна територија под протекторат“, заклучува Ралф Вајлд.

Втората мошне компетентна и аргументирана изјава ја даде шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак. Тој во Лондон изјави дека цврсто верува оти Меѓународниот суд на правдата во оценката за легалноста на независноста на Косово ќе го почитува меѓународното право и нагласи дека Словачка не ја призна новата држава токму затоа што е тоа згазено.

„Словачка не ја призна еднострано прогласената независност на Косов, зашто тој чин е спроведен без договор со српската страна и го згази меѓународното право“, потенцира тој во воведниот настап на конференцијата за правото на народите на самоопределување во Кралскиот институт за меѓунарони прашања во Лондон.

Лајчак наведе дека во косовскиот случај е згазен принципот правото на самоопределување да се однесува само на народи, а не на малцинства. Притоа го критикуваше и тоа што процесот на признавање на таа независност им е препуштен на државите, а ОН претходно не го решија судирот на двата клучни принципа- правото на самоопределување и правото на територијален интегритет.

Прочитај и за ... >>  Забрзан развој на македонското земјоделие

„Тоа е тешко прифатливо. Во случај кога две страни имаат проблеми да се договорат важно е меѓународната заедница, претставена од Обединетите нации и Советот за безбедност, да преземе иницијатива во тој процес“.

Шефот на словачката дипломатија како примери на мирно разделување, во кое не е згазено меѓународното право, ги наведе распаѓањето на Чехословачка и осамостојувањето на Црна Гора, додавајќи дека официјална Братислава не го признава отцепувањето на Абхазија и Јужна Осетија од истите причини поради кои не го признава Косово.

Инаку, српските медиуми мошне помпезно пишуваат за предавањето на поднесоците со кои правните тимови на Белград и Приштина ги изнесуваат ставовите за легалноста на еднострано прогласената независност на Косово. Притоа пренсуваат оценка на српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ дека се работи за „процес на векот“, бидејќи се одредува и мери правото на самоопределување против правото на одржување на суверенитетот и територијалниот интегритет на меѓународно признати држави.

„Во секој случај, пред половината на 2010- та година не можеме да очекуваме пресуда на судот, а таа ќе има преседански карактер бидејќи со тоа ќе се знае дали во 21- от век може да опстане етнички мотивирана сецесија“.

Тој е убеден дека судот ќе донесе одлука која е во согласност со меѓународното право, односно да се почитуваат границите на суверените меѓународно признати држави.

Правните стручњаци сметаат дека 15- темина судии на Меѓународниот суд на правдата ќе оценуваат помеѓу територијалниот интегритет на државата, со кој се штити целовитоста на земјите и се спречува хаосот кој би настанал со осамостојување на секоја малцинска заедница или регион, и правото на народите на самоопределување. Суштински судот нема простор за половично толкување, туку ќе се изјасни за тоа каков е сегашниот статус на Косово. Одлуките на судот се донесуваат со мнозинство на гласови.

Деновиве е објавена уште една изјава „во прилог“ на Србија- на директорката на Програмата за Европа на Меѓународната кризна група, Сабина Фрејзер:

Прочитај и за ... >>  Во прилог на исполнување на Македонија на уште еден критериум на ЕУ: развој на добрососедските односи

„Мислам дека одлуката на српската Влада да му се обрати на Меѓународниот суд на правдата беше мошне остроумна. Таа пред се го одложи процесот на признавање на Косово, зашто многу земји се колебаат да го признаат пред да ја чујат пресудата на тој суд“.

Во изјавата за Гласот на Америка таа наведува дека со тоа „е симнат притисокот од Владата на Србија да продолжи да се изјаснува за косовскиот статус. Затоа тоа беше добар политички потег. Мислам дека косовската независност ќе продолжи и земјите ќе продолжат да ја признаваат, но многу сепак ќе ја чекаат одлуката на судот“.

Аргументи за легалноста на еднострано прогласената независност на Косово до предвидениот рок на Меѓународниот суд на правдата доставиле 35 членки на ОН и косовските Албанци. (Поради фактот дека Косово не е членка на ОН документот на правниот тим на косовските Албанци ќе се третира како пишан придонес на судот и не се наоѓа на списокот што го соопшти судот). Помеѓу земјите се и сите 5 постојани членки на Советот за безбедност на ОН, односно Кина, Франција, Русија, Велика Британија и САД. Рокот за достава беше 17- ти април. Земјите и организациите кои испратија поднесоци имаат обврска до 17- ти јули да поднесат пишани коментари за другите поднесоци.

А вчера и Саудиска Арабија го призна Косово. По Обединетите Арапски Емирати таа е втора арапска држава што ја призна неговата независност.

Целта на признавањето, како што е официјално соопштено, „е иницијативата да се засили безбедноста, стабилноста и просперитетот на Косово и соседните држави“.

Саудиска Арабија е 58- ма држава која го призна Косово по едностраното прогласување на независност на 17- ти февруари 2008- ма година.

Не ќе е баш „сигурен“ оптимистичкиот став на косовските власти дека евентуално негативната за нив пресуда на Меѓународниот суд на правдата нема посериозно да ја загрози прогласената независност (одлуката не е обврзувачка), а само ќе го забави процесот на нејзино признавање. Во случајов „тежината“ е мошне „специфична“. Ако еднострано прогласената независност правно биде осудена, тешко можат да се предвидат наредните чекори на меѓународната заедница. Особено поради стравувањето од отворање на „малцинско- сецесионистичката Пандорина кутија“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here