Потребно време за читање: 2 минути

Реална е опасноста со почетокот на зимата да избувне нова гасна криза каква што се случи на почетокот од јануари годинава. Причина е одново Украина, нејзината неспособност да продолжи со редовна исплата на испорачаниот руски гас, а поради длабоката економска криза.

Путин навреме ја предупредува Европа, а таа засега „глуми“ ладнокрвност.

Премиерот на Русија го предупреди укринскиот претседател Виктор Јушченко дека ризикува да предизвика нова гасна криза во Европа.

„Се чини дека повторно ќе имаме проблем со плаќањето на рускиот гас“, изјави Владимир Путин по телефонскиот разговор со премиерката на Украина Јулија Тимошенко, инаку главен политички противник на Јушченко.

Европската комисија соопшти дека им предложила на владите на членките на ЕУ на Украина да и одобрат заем од 500 милиони евра (741 милиони долари), но е големо прашање дали тие ќе прифатат. Особено ако се има предвид однесувањето на претседателот- некои негови (популистички?) потези среде кризата.

Прочитај и за ... >>  Помеѓу „ќе“ и „можам“ (нема и „морам“)

Имено, извршниот директор на Меѓународниот фонд, Доминик Строс- Кан, изјави дека Законот за зголемување на минималните заработувачки во земјата за повеќе од 20%, кој го потпиша Јушченко и покрај противењето на ММФ, ја доведува во прашање исплатата на следната транша од 3,8 милијарди долари во рамките на програмата на Фондот за спасување на Украина вредна 16, 4 милијарди долари. Дека е тоа една, можеби главна причина за комплицирањето на плаќањето на рускиот гас, потврдила и Тимошенко. Според Путин:

„Јушченко ја блокира нормалната соработка помеѓу Централната, банка која ги контролира девизните резерви, и Владата на Украина, и со тоа го запира трансферот на паричните средства“.

Премиерот на Русија, кој повеќе пати досега ја повикуваше ЕУ да и помогне на Украина и да и ги олесни проблемите со плаќањето на гас, предочи дека е разочаран од изостанувањето на акција на Унијата.

Во меѓувреме, како што пренесоа руски агенции, Путин телефонски разговарал и со шведскиот премиер Фредрик Реинфелт, чија земја претседава со ЕУ, и му обрнал внимание на сигналите кои доаѓаат и од официјални извори во Киев на можни проблеми во плаќањето на рускиот гас, проблеми во транзитот за европските корисници.

Прочитај и за ... >>  Опозиционерска доследност на Црвенковски

Во наредните денови и недели треба внимателно да се следи однесувањето на Украина, посебно на претседателот Јушченко, но и на членките на ЕУ. Сериозноста на предупредувањето на Путин доаѓа и од „константната“ неподготвеност на европските влади да ги помагаат оние земји чии лидери внатрешните политички судири и несогласувања (Јушченко- Тимошенко) ги „пренесуваат“ и на меѓународен план.

Ако се има предвид досегашната меѓународна „практика“ (не само на ЕУ), се чини дека веќе почнаа да се бројат деновите на актуелниот украински претседател.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here