Потребно време за читање: 3 минути

Повторно следиме еднострано, тенденциозно, манипулирачко-шпекулативно информирање за проблемите во врска со пласманот-продажбата на годинашниов род на преспанското јаболко. Се разбира, веќе отрпнавме (на некои сигурно им „лежи“-не треба да ги спомнувам), но секогаш мора да се потсетуваме на неприкосновеното правило (не само правно)- да се слушне и другата страна.

Не е спорно дека на јаболкопроизводителите мора да им се помогне-што побрзо да се продаде ланскиот род на јаболка од 80.000 тони (продадени се само 10%), а пред се да помогне Владата односно Министерството за земјоделие.

Разбирлив е и очајот што го изразуваат со протести. Не треба да се „држат лекции“ за тоа колку животот воопшто во Ресен зависи од јаболкото (не само во Ресен и преспанскиот регион). Но не е прифатливо пред ТВ, која постојано го „проблематизира“ македонското земјоделие, да се фрлаат и газат јаболка. Јаболкарите ќе имаа поголеми симпатии ако им подареа по некоја гајба на сиромашните и гладните- социјалните случаи, децата без родители…

Од каде и зошто сега преспанскиот ајдарет стана проблем, да не може да се продаде, да се пласира на странските пазари како досега?

Познато е: последниве две години се мошне тешки за пласман (значи не е случај само годинава), побарувачката е незначителна, цената катастрофално ниска- 8 до 10 денари за килограм, а трговците ги нема никаде. Од друга страна, производителите ги мачат долгови, семејни проблеми (загроза на „голата“ егзистенција..). Формираа и Одбор за спас на преспанското јаболко.

Прочитај и за ... >>  Постојан и латентен судир помеѓу Владата и ЕВН

Незадоволството од Владата односно од ресорното министерство е поради молкот (неразбирлив) за нивните доставени барања како антикризни мерки на министрите за економија, за земјоделство и на премиерот: откуп на барем 20.000 тони јаболка (по примерот на хрватската Влада која за стокови резерви откупила 60.000 тони) и субвенција од 4 денари за килограм, и тоа од 100-те милиони кои се предвидени за земјоделието за оваа година (средствата за субвенционирање за подигање на нови насади да се пренаменат во делот на исплатата на премиите за произведен килограм јаболка- 4 денари за 1 кг произведено јаболко на предвидена количина од 40 тони по хектар), а јаболкото да биде дел од листите за размена со Русија, Украина и Албанија односно да стане стратешки производ.

Посочуваат и на друг мошне сериозен проблем, а за кој единствено е одговорно Министерството за земјоделство: неисплатени средства за штетите настанати од минатогодишното невреме што ја зафати цела Македонија (со тие средства би подмириле дел од направените трошоци за производство). Невремето (град и силен дожд) уништи насад од 50% до 100%, 30 хектари површина во долна Преспа како и во делот околу Ресен, селата Јанковец, Кривени и Избиште. Комисијата на терен извршила проценка, земјоделците од цела Македонија се обештетени, но не и преспанските јаболкари.

Прочитај и за ... >>  Услов за деловен успех: транспарентност

Молкот е неразбирлив затоа што не се работи за ултимативни барања, туку за предлози што се всушност помош да се надмине состојбата. Оособено што на тој начин се остава простор за она што го назначив на почетокот од овој текст: необјективност, опозиционерска медиумска „акција“. Наместо тој-просторот за тоа да се стесни до максимално можна мера, пред се со постојани средби- разговори и договори и заеднички ангажман за надминување на проблемите, се овозможува злонамерата да се шири непречено, а со тоа и револтот на македонската јавност.

Во тој контекст би бил сосема поинаков односот спрема она што е единствено долгорочно решение за македонското земјоделие воопшто, не само за јаболкопроизводството: долгорочна стратегија, во чии рамки конкретно, како што најави градоначалникот на Ресен Михајло Волкановски, се прави урбанистички план на 20 ха за изградба на дистрибутивен центар, ладилник и капацитети за преработка на јаболкото. За тоа веќе има(ло) и заинтересирани странски инвеститори.

И повторно прашањето: од каде и зошто проблеми со пласманот на преспанското јаболко?

Прочитај и за ... >>  Глобалната економска криза- крах на неолибералниот капитализам*

Се знае (знаат експертите, но и сите оние кои „информативно“ следат што се случува со земјоделието воопшто во Европа и светот, не само производството и пласманот на одделни производи): земјите кои пред две години имаа мало производство на јаболка, поради неповолните климатски услови, сега имаат голем род (посебно се посочува Полска, која со субвенционирано јаболко ги преплавила традиционалните „македонски“ пазари во Русија и Албанија; а од друга страна овие земји имаат високи царини за нашето).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here