Потребно време за читање: 3 минути

Успехот на македонската кошаркарска репрезентација на ЕП во Полска нужно наметнува преиспитување и промена на односот на спортските новинари, а и на публиката спрема спортот воопшто, посебно спрема оние што настапуваат под македонското знаме на меѓународни натпревари. Можеби не толку во оценките и критиките за нивните (не)успеси, некој ќе рече „толку им сече“, колку во создавањето на здрава, пристојна, коректна, конструктивна атмосфера наспроти еуфоричноста. Одамна е утврдено дека таа повлекува, понесува, па и однесува, заматува, поматува, го доведува нашето однесување до степен на губење на самоконтролата, во состојба кога не можеме да се (пре)слушаме себе си, а камо ли да (по)слушаме други.

Македонските кошаркари достинствено и со голем успех ја претставија земјава освојувајќи го 9- тото место. Можеа повеќе? Да. Пропуштија голема шанса за тоа? Да, се разбира, особено ако се има предвид натпреварот со европскиот првак Русија- можноста за пласман во четвртфиналето. Но какви се тие глупости со крајностите- или врв или дно, дека нема „златна средина“ за нив? Кој тоа им го поставил како цел, како обврска?

Прочитај и за ... >>  Маргиналнa и за Македонија неинтересна „приказна“

Зошто жолчна критика за осцијалициите во играта или поточно за пресметаниот, тактичкиот настап на финалниот турнир на ЕП? Зарем е толкаво непознавањето на новинарите на европската кошаркарска сцена, на „распоредот на силите“, па да се биде „слеп“, до таа мера еуфоричен што на македонските репрезентативци речиси да им се (по)бара освојување на шампионската титула?!

Слушавме- читавме дека „нема оправдување“ за високите порази со селекциите на Грција и Франција (со Хрватска како да се има „разбирање“), а на средбата со Русија „недозволено кикснаа“ во последните минути и секунди. Зошто да нема „оправдување“ во реално согледаните и пресметани сили, во нивното успешно распоредување за да се стаса до освоената позиција? Не е ли доказ за тоа токму натпреварот со Русија кој е загубен „несреќно“? (Што е среќа во спортот и што значи „среќата го следи подобриот“? Русија беше подобра?).

Сега, по постигнатиот, дури малку очекуван успех, слушаме- читаме смешни „корегирања“ на „жолчните коментатори“, кои се сведуваат на: „остварувањето заслужува почит и респект“. Патем потсетуваат дека всушност се работи за остварување на поставена цел (на самите кошаркари)- пласман на финалниот турнир на ЕП во Полска и учество во вториот круг. Од не помало значење: македонската селекција беше најпријатното изненадување (имајќи го предвид токму „распоредот на силите“).

Прочитај и за ... >>  Слобода на медиумите и слобода на новинарството

Мошне проблематична, инфантилна е оценката дека најголема добивка е новата генерација на кошаркари која на време гради вистински однос спрема репрезентативниот дрес. Едноставно, тоа не е добивка од настапот на ЕП, туку процес односно „паметна политика“ која резултира со пласман помеѓу 10- те најдобри во Европа. Зашто, кога станува збор за селекцијата на Македонија не може да се зборува како за други (Русија, Грција)- за смена на генерацијата, бидејќи одново се појавува на европската цена по цела деценија. Останува „она другото“: токму младоста на нашите кошаркари е „вовед“ за бележито, успешно учество и на наредните неколку европски, но и светски и олимписки турнири.

Меѓутоа, има нешто што се премолче и се премолчува, а можеше да се надмине „елегантно“ и едноставно: од кога македонската кошаркарска репрезентација е преименувана со „Витаминка“? За колку прилепската прехранбена икндустрија ја „купила“? Забележавте на градите на кошаркарите на некоја друга селекција да стои фирма- спонзор наместо името на земјата што ја претставуваат- афирмираат?

Прочитај и за ... >>  Во преговорите за „спорот“ за името ништо ново, освен се поголем притисок врз Македонија, па и закани од „меѓународниот фактор“

За неинформираните: под притисок на Данајската република (Грција) на македонската селекција и беше забрането да настапи под името Македонија, па е изнајдено „соломонското“ решение. Апсолутно неприфатливо!

А доволно ќе беше на дресовите на нашите кошаркари со мали- најмали букви да стоеше испишано она F.Y.R., а со големи- најголеми MACEDONIA. На тој начин на јужниот сосед ќе му помогневме да не направи уште една антологиска глупост, заедно со онаа во текот на ТВ преносот на натпреварот кога противникот беше претставен и се „третираше“ како фантомски.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here