Потребно време за читање: 5 минути

Токму како размрдување „Гласот на Русија“ го пренесе реагирањето на светските политичари на повикот за нуклеарно разоружување (обнова на СТАРТ). Меѓутоа, истото може да се однесува и на некои конкретни потези на внатрешно- економски (американски) односно надворешен економско- политички план, како што е укинувањето на дел од ембаргото спрема Куба.

Неспорно е дека не само САД, туку и светот во Барак Обама доби политичар од нов, модерен „ков“, какви што му се потребни на светот во овој 21- ви век.

Сосема е разбирлива резервираноста, можеби е поточно да се нарече очекуван првичен отпор на оние кои токму од САД како најмоќна земја на светот бараат радикален пресврт во светогледот и конкретните дејанија, а не постапност, чекор по чекор, внимателност. Некои политичари, како на пример францускиот претседател Саркози, веќе се истрчаа (нему тоа не му е првпат) и го оценија Обама како харизматична и паметна личност, но неодлучен и неискусен.

Патем, Никола Саркози, како што заклучува во својот коментар лондонски „Тајмс“, се чини дека веќе почнал да ги усвојува манирите на однесување на италијанскиот премиер Силвио Берлускони. Имено, тој деновиве имал работен ручек со група пратеници од повеќе партии во Франција и притоа „мошне отворено зборувал што мисли за некои од светските и европските политичари“. Интересно и за макар краткорочно паметење, колку да се чуе „одговорот“ и види однесувањето оние што му биле на „дневен ред“: за шпанскиот премиер Сапатеро забележал дека не е премногу паметен (засега нема коментар во Мадрид; на крајот од овој месец Саркози треба да допатува во официјална посета на Шпанија), за германската канцеларка

Ангела Меркел рекол дека таа пред самитот на групата Г20 во Лондон ги прифатила неговите позиции и барања до другите учесници дури откако сфатила во колку тешка состојба се наоѓаат германските банки и тамошната автомобилска индустрија“ (Меркел е веќе изиритирана од хиперактивноста на францускиот претседател и од неговата „претерана непосредност“); а единствено добри зборови имал за италијанскиот премиер Силвио Берлускони затоа што, како што рекол, три пати победил на парламентарните избори во Италија.

Прочитај и за ... >>  ИПАРД- фондовитe на ЕУ и во Македонија

Да се вратиме на конкретните потези на Барак Обама. Најнапред во врска со светското нуклеарно разоружување:

Германскиот кандидат за канцелар Франк Валтер Штајнмаер предложи минување на долгиот пат со мали чекори, а за почеток САД да ги повлечат своите нуклеарни боеви глави од Германија, да го ратификуваат договорот за забрана на нуклеарни проби во сите сфери, да бараат излез од конфликтот по планираното поставување на американски противракетен одбранбен систем во Полска и Чешка, да избегнуваат „нови ровови на студена војна“ во Европа.

Засега се останува на согласноста на Барак Обама и рускиот претседател Дмитриј Медведев дека треба колку што е можно побрзо да се обнови досега најсеопфатниот договор за атомско разоружување СТАРТ, чија важност истекува на крајот од годинава. Конкретната цел на новиот договор веројатно ќе биде прецизирана за време на посетата на Обама на Москва, што тој ја најави за јули.

Потсетување:

Договорот СТАРТ им дозволува на САД и Русија да имаат до 6.000 веднаш расположливи атомски боеви глави и уште по 1.600 носечки системи за нив. Московскиот договор од 2002– ра предвидува уште поголемо намалување на бројката на расположливи боеви глави, на 1.700 до 2.200, но тој се базира врз процедура што обете страни ја сметаат за непрактична.

Американскиот арсенал со атомско оружје сега содржи 5.200 стратегиски атомски боеви глави, а од нив 1.000 можат да бидат ставени на интерконтинентални ракети, што се лансираат од копно, околу 2.000 истрелани од подморници и уште околу 2.000 кои можат да бидат донесени на целта со стратегиски бомбардери со долг долет. Освен нив, САД имаат уште над 4.000 „неактивни“, резервни боеви глави.

Според стручни, Русија има околу 5.200 атомски боеви глави, од кои 1.600 на интерконтинентални, од копно лансирани ракети, потоа над 600 истрелани од подморници, како и околу 900 кои можат да бидат донесени до целта со бомбардери со долг долет.

Разликата од околу 2.000 боеви глави се објаснува со релативно големиот број „нестратегиски“ атомски оружја во Русија, како ракети и системи за противвоздушна одбрана и тактичко атомско оружје управувани крстосувачки ракети. И Американците исто така имаат околу 500 такви „нестратегиски атомски оружја“, од кои повеќето се стационирани во базите на САД во Европа. Руските „резерви“ изнесуваат околу 8.800 атомски боеви глави.

Прочитај и за ... >>  Интелектуалците политички маргиналци? Не, напротив!

Треба да се почека посетата на Москва за да се надмине оправданата воздржаност во врска со иницијативата на Барак Обама. Нуклеарното разоружување е секако мошне сложен процес, освен предложените мали чекори на Штајнмаер има уште многу други такви, но и поголеми и помали од нив. А предлогот за обнова на договорот СТАРТ е сепак добра и, се разбира, изненадувачка иницијатива.

За конкретните „дејанија“ спрема Куба:

Тие засега не се оценуваат според очекуваните економски ефекти во „рамките“ на олабавувањето на повеќедецинското трговско ембарго (воведено во 1961- ва), особено ако се има предвид неговиот став искажан во предизборната кампања дека трговското ембарго ќе остане на сила се додека Куба не се демократизира. Претседателот на САД укина дел од ограничувањата за патување на американските граѓани со кубанско потекло во Куба, а исто така им дозволи тие да можат да им испраќаат пари на своите семејства. Тој ја укина и забраната за американските телекомуникациски компании кои досега не можеа да добијат лиценци во Куба.

Претседателот наложи да се преземат тие чекори за да му се доближиме на кубанскиот народ и да ги поддржиме нивните желби за уживање на основните човекови права“, изјави за новинарите портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс.

По оваа одлука, повеќе нема да биде ограничен износот на средства што Американците ќе можат да им ги испраќаат на своите роднини на Куба, кој досега беше ограничен на 75 долари месечно. Но, поголемиот број од санкциите, како забраната за трговија или целосна забрана за патување за Американците кои немаат потекло од Куба, и понатаму остануваат на сила. Администрацијата на Обама се надева дека новите мерки ќе ја поттикнат еднопартиската кубанска држава да почне да да ги спроведува веќе долго време очекуваните демократски реформи. Тој и наложи да ја разгледа можноста за воспоставување на редовни комерцијални летови за Куба, со што ги навести можните следни чекори на неговата администрација.

Прочитај и за ... >>  Климата го возвраќа ударот

Реакцијата на екс- претседателот на Куба Фидел Кастро е разбирлива и очекувана. Освен што на Интернет страницата на кубанската Влада тој вели дека Обама погрешно ги интерпретирал изјавите на неговиот помлад брат, сугерирајќи затоплување на односите на двата ривала, тој потенцира дека понудата на неговиот помлад брат- претседателот Раул Кастро за разговори со новата американска администрација била израз на храброст и увереност во принципите на револуцијата кои го донеле комунистичкиот режим на островот во 1959– та. Тој го повика американскиот претседател да стави крај на „блокадата“ на островот и отфрли каква било „милостина“.

Имено, во говор на самитот на латино- американските левичарски лидери во Венецуела, Кастро кажа дека, како одговор на одлуката на Обама, Хавана е подготвена да разговара за се со Вашингтон, вклучувајќи го и прашањето за човековите права и политичките затвореници. Обама пофално зборуваше за гестовите на неговиот кубанаски колега на крајот на самитот на американските држави во Тринидад и Тобаго, но едновремено ја повика Куба да направи натамошни потези, меѓу кои и ослободување на политичките затвореници и намалување на давачките за парични пратки од Кубанските Американци до нивните роднини на островот.

Фидел Кастро ги отфрли овие сугестии, велејќи дека САД, а не Куба, се тие што треба да направат отстапки.

Сепак, значаен е делот од неговата изјава дека Куба не го обвинува Обама поради немилосрдноста од страна на другите влади на САД и не се сомнева во неговата искреност и желба да ја промени политиката и имиџот на САД. Куба разбира дека Обама водел „многу тешка битка за да биде избран, независно од вековните предрасуди“. Токму затоа, неговиот брат Раул Кастро изразил добра волја со изјавата оти е подготвен на дијалог „врз основа на најстрого почитување на суверенитетот“.

„Размрдувањето“ продолжува.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here