Потребно време за читање: 2 минути

За оние што недоволно го познаваат новиот шеф на државата, односно не ги следеле неговите досегашни активности, постигања, круговите во кои се движел, личностите со кои бил во постојана комуникација, со кои соработувал, составот на неговиот кабинет претставува мало изненадување. Не е за оние што добро го познаваат или веќе се информирале за неговата биографија, пред се неговата научна и интелектуална дејност. Особено треба да се има предвид фактот дека Доктор Ѓорге Иванов е водечки експерт за граѓанското општество и политичкиот менаџмент, како и еден од најистакнатите македонски аналитичари на политичките и општествените движења во светот. Несомнено е неговото учество и влијание врз обликувањето на политичката сцена во Македонија.

Новиот претседателски кабинет е мошне авторитетен, со доминантно дипломатско- професорско искуство: Генерален секретар е М-р Дарко Ангелов, а за советници се именувани Љубен Арнаудовски, Љуљета Ќуфлиу, м-р Љубен Тевдовски, поранешните амбасадори Јордан Плевнеш и Ристо Никовски, како и професорите Димитар Мирчев и Светомир Шкариќ.

Прочитај и за ... >>  Реално: предвремени парламентарни избори во Македонија пред почетокот на годинашново лето

Дел од нивните биографии:

Ангелов повеќе години работел за Советот на Европа како советник за соработка со Руската Федерација, како и со земјите на Југоисточна Европа. Претходно бил аналитичар за политички прашања на ОБСЕ, а соработувал и со македонската Влада во областа на односите со странски медиуми и јавната дипломатија.

Љуљета Ќуфлиу во кабинетот на Иванов влегува како предлог на ДУИ. Својата кариера ја започнала во Редакцијата за култура на Втората програма на Радио Скопје, како и во Редакцијата за култура на весникот „Флака“. Дипломатско искуство стекнала работејќи долги години со странски дипломати и во Набљудувачката мисија на ОБСЕ.

М-р Љубен Тевдовски има богато 12- годишно искуство во областа на меѓународните односи, со повеќе владини и образовни институции, како и со невладини организации. Тој е аналитичар и колумнист на повеќе национални и регионални информативни изданија, автор во стручни едиции, прирачници, консултант и надворешен советник на повеќе агенции.

Прочитај и за ... >>  Не двојна формула, туку алтернатива- алтернативи

Поранешниот амбасадор Јордан Плевнеш има работено во Институтот за македонска литература на Филолошкиот факултет, а предавал креативно пишување на повеќе европски и американски универзитети. Автор е на повеќе книги и актуелен потпретседател на Интернационалната асоцијација на УНЕСКО за дијалог помеѓу цивилизациите.

Професорот Димитар Мирчев е основач и претседател на Европското движење во Македонија, амбасадор на мирот на Универзалната светска федерација за мир и член на Глобалниот светски совет за мир. Има објавено над 180 написи, книги, статии и монографии од областа на политикологијата, политичката социологија и надворешната политика.

Светомир Шкариќ е професор по уставно право, автор на повеќе книги од кои поголем број се за уставното право, а има објавено и статии за политичкиот систем и мировните студии. Член е на Европскиот комитет за соработка во Советот на Европа, а бил директор на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања и член на собраниската Комисија за уставни прашања од 1986– та до 2001 -ва година.

Прочитај и за ... >>  Лошо режирана и опасна врева

Ексамбасадорот Ристо Никовски ја започнал својата дипломатска кариера како трет секретар во амбасадата во Кина, потоа бил прв секретар во амбасадата во Куба. Од 1994– та до 1997– ма година ја врши функцијата амбасадор во Велика Британија, Ирска и Исланд, а од 1998– ма до 2002– ра во Албанија. Од 2004– та до 2006– та е амбасадор во Руската Федерација, по што заминува во пензија.

Помеѓу советниците се и Љубен Арнаудовски, кој досега бил советник во неколку претседателски кабинети, и Борис Јосифовски кој засега не и е подетално претставен јавноста, освен она што е „откриено“ од некои новинари, инаку сосема безначајно за неговата функција- дека е син на поранешниот претседател на Државната изборна комисија Јован Јосифовски.

Претседателот Иванов има четворица асистенти: Ејуп Бериша, Златко Јанковски, Игор Каровски и Цветин Чилиманов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here