Потребно време за читање: 6 минути

Ништо не значи „нормалната“ реакција на Луис Фиго во врска со трансферот на моментно најдобриот фудбалер на светот Кристијано Роналдо за неверојатни 94,5 милиони евра, односно „расфрлањето“ на претседателот на неговиот клуб Реал Мадрид, Флорентино Перез (заедно со сумата за Кака- 65 милиони евра, вкупно 159,5 милиони евра!; а „трансфер летото“ штотуку започна):

„Тоа што го направи Перез во време на голема светска криза е срамота! Многу ги ценам Кака и Роналдо, но сметам дека парите потрошени за нив се премногу“.

А токму Луис Фиго е фудбалерот кој во 2000- та година ги помести границите на трансферот и за тогаш неверојатните 37 милиони фунти премина од Барцелона во Реал. Можеби не му е позната „сенародната“: „Кога ќе тргне колата прудолу…“

Светската криза криза важи и во фудбалот? Да, но само за просечните, стандардните, не и за врвните. Впрочем, како и во секоја друга област од животот, работата, дејствувањето. На пример, нема и ќе нема пропадната, банкротирана компанија од светски ранг, освен ако тој- рангот го градела или гради врз нереални, шпекулативни основи. А кај фудбалерите кои ги полнат стадионите ширум светот, што ќе рече се врвно доходовни, едноставно не се можни никакви шпекулации, импровизации, „нереален“ квалитет, „покривање“ од други (соиграчи) и сл.

Е сега, дали толку високите суми за Роналдо и Кака се „расфрлање“, „срамота“, вреди да се анализира и проценува- оценува, но само од аспект на очекуваната вкупна добивка од нивното ангажирање (во текот на една натпреварувачка сезона и во периодот за кој е склучен договорот). Не треба да се заборави дека се работи за „кралски клуб“ (па е нормално плаќањето да бие „кралско“), еден од најдобрите на светот, како и за една од двете најдобри први лиги- шпанската и англиската.

Не е ли ова рецептот за совладување на светската економска криза- вложување во најдобрите кои не можат да „промашат“

Веста гласи:

Фудбалскиот клуб Манчестер јунајтед во четвртокот соопшти дека е подготвен да му го продаде својот напаѓач Кристијано Роналдо на мадридски Реал за рекордна понуа од околу 130 милиони долари (90 милиони евра). Актуелниот првак на англиската Премиер лига потврди дека ја примил понудата и му дал дозвола на Реал да разговара со Роналдо за трансферот. Тој може да се смета за завршена работа, а така и се третира во коментарите на светските медиуми и во светот на фудбалот.

Роналдо во 2008- ма година беше прогласен за фудбалер на годината во Англија и Европа.

Интересно е што навивачите на англискиот првак ја поздравија веста за продажбата на Роналдо. Еден од нив за Би- Би- Си изјави:

Прочитај и за ... >>  Киднапирање на „извалкан“ политичар

„По малку ми е и драго што целата таа приказна е најпосле приведена кон крај…Кристијан страшно не нервираше“.

Друг:

„Фала му на Господ што конечно заминува. И минатата година правеше исто за по долги преговори да каже дека останува. Ако еден фудбалер не сака да остане во клубот треба да се пушти да замине, да се земе друг и повторно да се оформи екипата. Ќе му дадете прст, а тој ви зел цела рака. Но морам да признам дека е згоден“.

Во текот на 6- годишната кариера во Манчестер јунајтед Роналдо израсна во еден од најдобрите и најефикасни светски игачи. Токму благодарение на неговите голови англискиот тим нижеше успеси и во англиската лига и во Европа. Меѓутоа, Португалецот не криеше дека желбата му е да заигра за „кралскиот клуб“ од Мадрид. Минатата година Манчестер во последен момент одби да го пушти во шпанската престолнина. Остана на Олд Трафорд уште една сезона, чиј врв беше неуспехот на тимот во финалето на Лигата на шампионите.

Што се однесува на „расфрлачот“ Флорентино Перез, тој годинава се врати на функцијата претседател на Реал, а го следи репутацијата на личност која може да добие кого било од играчите, без оглед колку чини. Во Манчестер очигледно дошле до заклучок дека им стасала понуда која не можат да ја одбијат.

Патем, за доаѓањето на Роналдо своевремено тимот плати „сенасе“ 20 милиони долари. Со „продажната цена“ тој стана најскапиот фудбалер во историјата на фудбалот и спортот воопшто.

Интересно, портпаролот на семејството Глејзер, кое е сопственик на Манчестер јунајтед, изјави дека одлуката за продажба на Роналдо е фудбалска, а не финансиска, и оти ја донел менаџерот Сер Алекс Фергусон. А тој, пак, во последните 6 години „испрати“ четворица фудбалери во Мадрид- Бекам, Ван Нистелрој, Хајнце, сега и Роналдо.

Роналдо одигра 244 натпревари во црвениот дрес и постигна 118 гола во шесте сезони. Најпродуктивна му беше 2007-ма/2008-ма кога даде 42 гола и ја освои титулата во Лигата на шампионите. Освен неа, има и три премиерлигашки пехари и два во лига купот.

Што се однесува на репрезентативецот на Бразил Кака (неговото „полно“ име е Рикардо Изексон дос Сантос Лејте), тој не сака да зборува за преминот во Реал, а сака да се концентрира на игрите на „кариоките“ во Купот на Конфедерациите:

„Веќе реков се што сакав на таа тема. Сега сакам да зборувам за Купот на Конфедерациите“, изјави тој во Блумфонтејн, градот во кој Бразил ќе го игра спомнатото натпреварување. Кака и посака на својата поранешна екипа многу среќа и добри резултати во иднина:

Прочитај и за ... >>  Масакр во американската воена база „Форт Худ“ во Тексас: 13 жртви на поулавен психијатар

„Единствена причина што станав голем фудбалер е токму Милан. Се надевам дека ќе продолжи да бележи добри резултати“.

Бразилецот со Реал Мадрид потпиша 6- годишен договор.

Ќе има ли уште вакви, спектакуларни, според понудите и неверојатни трансфери годинава? Можеби не колку што е проценето дека вреди Роналдо, но „блиску до него“ секако. Како што е најавено, токму Реал Мадрид има уште „работа“, а сумата што веќе ја потроши за Роналдо и Кака е само 50% од подготвените пари за трошење. Сега „стрелите“ се насочени кон Валенсија, поточно кон нејзиниот најдобар играч и шпански репрезентативец Давид Вилја. Најнапред е понудена сума од 40 милиони евра, а потоа е променета во 30 милиони плус Алваро Негредо, играч на Реал на привремена работа во Алмерија. Меѓутоа, трансферот се уште не е реализиран бидејќи во меѓувреме „влета“ англискиот Челзи со понуда од 48 милиони евра. Вилја јасно му даде на знаење на својот агент дека не сака да оди од Иберискиот полуостров. Се вмеша и Барцелона со желба да го замени Ето со брзоногиот напаѓач. Доколку Перез не успее да го „купи“, веќе е подготвена „замена“- извонредниот Уругваец Диего Форлан,член на градскиот ривал Атлетико.

Во сите „игри и комбинации“ што ги полнат страниците на спортските весници и спортските рубрики во електгронските медиуми со посебно внимание се следи „активноста“ на светскиот првак Манчестер јунајтед. Се разбира, тој најнапред се обидува да го компензира заминувањето на Роналдо. Во моментов е мошне актуелна непристојната понуда на „црвените ѓаволи“ на лутиот ривал Ливерпул тешка 40 милиони фунти за Фернандо Торес. Тоа е двојно поголем износ од оној за колку што го доведоа од Алетико Мадрид во 2007- ма година.Торес е еден од кандидатите за Олд Трафолд, а се спомнуваат уште Самјуел Ето, Антонио Валенсија, Франк Рибери, Карим Бензема…

А на фудбалските, како и на сите други ѕвезди, поточно на нивните дебели џепарници им се „лепат“ и „првите дами“ (не толку според „дамството“, колку според богатството или сексуално- љубовното искуство). Веста за големиот трансфер брзо стаса и до неизбежната и сеприсутна Парис Хилтон. Девојката, чии фотографии не слегуваат од насловните страници на таблоидите, овојпат ја „намириса“ огромната сума на пари кај португалскиот фудбалер, па очигледно сакала да му понуди помош во нивното „располагање“.

Светските медиуми „бомбастично“ и детално ја забележаа нивната средба во еден ноќен клуб во Лос Анџелес, а потоа и дружењето кај нејзината сестра Ники Хилтон, иако дискотеката ја напуштиле во различно време. Роналдо дошол кај Ники и Парис на гости со такси околу 3 наутро и останал до 5. На калифорниските папараци ништо не им поминало незаблежано, така што Парис и Кристијано се снимени кога влегувале во ноќниот клуб, кога излегувале од него, дури и кога се шетале низ куќата на Ники Хилтон.

Прочитај и за ... >>  Убиството на Бин Ладен и натаму светска топ тема

Сепак, некои PR стручњаци од САД и познавачи на приликите во Холивуд тврдат дека е сето тоа дел од однапред испланирано сценарио. На пример, PR мнаџерот Марк Борковски за британски „Гардијан“ изјави:

„Не сум изненаден што Кристијано Роналдо ‘изгреа’ во таблоидите со Парис Хилтон под рака. Фудбалот остана игра само на основно ниво. Над тоа се најголемите играчи, нивните жени и девојки. Но, постои уште повисоко ниво. На него се суперстаровите кои вртат големи пари, како што е Дејвид Бекам, кој веќе не мора да игра фудбал за да заработи пари за голем број на луѓе околу него. Роналдо тргнува по истиот пат.

Се зборува дека трансферот на Кристијано Роналдо е завршен уште пред една година, така што Реал Мадрид имал време да ја испланира медиумската офанзива, со која својот нов играч би го лансирала во селебрити стратосферата. Ова излегување со Парис е прв чекор на патот кон претворање на Роналдо во најголем бренд на светскиот фудбал“.

Во меѓувреме, Парис Хилтон по две бурни ноќи со Роналдо им рекла на пријателите (објави британскиот таблоид „News of the World”):

„Ние ќе бидеме сјаен пар. Двајцата сме славни и ќе бидеме попознати од Дејвид и Викторија Бекам. На Кристијано му ветив дека ќе се преселам во Мадрид за што повеќе време да минувам со него“.

Меѓутоа, се чини дека веќе настанале проблеми во рајот (какво изненадување!): Парис била на вечера со родителите во Лос Анџелес, а Роналдо се одморал во Лас Вегас, и тоа, како што наведуваат некои американски мдиуми, со две непознати девојки, бринета и русокоса. Од друга страна, многумина сметаат дека приказната за нивната врска е само маркетиншки трик во режија на Парис Хилтон (изјавата на Борковски), која била разочарана зашто додека била во врска со бејзбол играчот Даг Рајнхарт престанала да биде главна тема на светските таблоиди.

Си дозволувам да се повторам со нешто од почетокот на овој текст:

Светската криза важи и во фудбалот? Да, но само за просечните, стандардните, не и за врвните. Впрочем, како и во секоја друга област од животот, работата, дејствувањето.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here