Потребно време за читање: 5 минути

Како што е официјално соопштено, денеска изутрина во тајна операција е уапсен Милорад Комадиќ за кого се тврди дека е всушност Ратко Младиќ. Претседателот Борис Тадиќ потврди дека се работи за Младиќ.

„Во име на Република Србија ве известувам дека утрово е уапсен Ратко Младиќ, во акција која ја изведоа координирано Безбедносната информативна агенција и службите за откривање на воени злосторства. Сакам да им честитам на сите припадници на акциониот тим на Советот за национална безбедност кој од формирањето на оваа влада во август 2008., кога Советот за национална безбедност почна во овој состав да функционира, секој ден, секој час, секоја минута работеше на откривањето на сите обвинети за воени злосторства.

Република Србија во својот полн капацитет соработува со Хашкиот трибунал трагајќи по обвинетите и затворајќи ја таа тешка страна на нашата заедничка историја“ изјави на прес конференција претседателот на Србија.

Се наведува дека Младиќ на агентите веднаш им го открил идентитетот: „Јас сум Младиќ“.

Бил кооперативен при апсењето.

Тадиќ не ја откри локацијата каде бил фатен Младиќ под туѓ идентитет,но весникот „Блиц“ објави дека е уапсен во селото Лазарево кај Зрењанин, во куќа на негов роднина.

Полицијата дошла во селото околу 6 часот и претресувала две куќи – едната на Бранислав Младиќ,роднина на Ратко Младиќ, а другата на син на Бранислав. Претседателот на месната заедница во селото тврди дека најверојатно Младиќ таму отишол на гости затоа што претходно никогаш не го виделе во селото.

Младиќ бил келав и избричен со пропаднат изглед.

Не се чекаше многу за други детали:

Младиќ се криел користејќи лажно име- Милорад Комадиќ, што е всушност проширена верзија на неговото вистинско име. Веројатно го избрал за полесно да го запамети својот нов идентитет. Познато е дека многумина бегалци користеле лажни имиња, а во моменти на исцрпеност или невнимание се издавале самите. Несакајќи го кажувале своето вистинско име, ако некој ги прашал како се викаат.

Весникот „Блиц“ ја опишува во две точки играта на букви од која настанало името Милорад Комадиќ:

1. Ако се прецртаат првите четири букви, се добива: Рад Комадиќ

Прочитај и за ... >>  Нова гасна криза во Европа?

2. Кога ќе се направи простор помеѓу буквите О и М се добива: Радко Мадиќ, што е многу слично со неговото име и презиме.

Тоа веројатно му било поприфатливо бидејќи и со лажниот идентитет задржувал дел од вистинското име и презиме.

Весникот потсетува дека и други хашки бегалци додека се криеле користеле лажни идентитети. Поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, е уапсен во Белград во јули 2008. година под лажен идентитет доктор Драган Дабиќ. Поранешниот полициски генерал Властимир Ѓоргевиќ е уапсен под името Новица Караџиќ.

Некои потсетија дека за време на потрагата по Ратко Младиќ полиции од различни земји неколкупати беа збунети. Белгиската полиција со денови го следеше пензионираниот сликар Фреди Дегриф. Потоа тој е приведен и испитуван. Подоцна е пуштен. Дегриф и признал на полицијата дека во 1978. година живеел во Хрватска, а неговата партнерка е по потекло од Србија.

Припадниците на специјалната полициска единица во Виена заѕвониле на вратата на Бошњакот Авда Сарачевиќ и на неговата сопруга. Сарачевиќ во Виена дошол како бегалец од Сараево, а поради физичката сличност го замениле со Младиќ. Извршиле претрес во неговиот стан. Сепак на крајот се покажало дека грешат бидејќи Сарачевиќ имал бемка на лицето и поинакви заби од Младиќ.

Речиси сите медиуми пренесоа дека Младиќ е уапсен на 21 февруари 2006. година. Дури се пишуваше дека е префрлен во Хаг. Српската влада ги демантираше информациите. Во текот на 2006. полицијата уапси неколку лица кои наводно му помагале. Против некои се покренати и кривични пријави за помагање.

Полицијата во Кенија во март 2009. година го приведе и Игор Мејашки од Загреб. Тој, како што пренесуваат хрватските медиуми, кажал дека некој скришум го фотографирал на плажа и го пријавил во полиција бидејќи му личел на Младиќ. Една ноќ минал во притвор, по што е пуштен.

Потсетување:

Ратко Младиќ е роден на 12. март 1943. во БиХ. Завршил Воена академија во Белград, а во 1965. година влегува во редовниот состав на Југословенската народна армија.

Во 1989. е именуван за началник на Одделението за настава во Третата армиска област во Скопје. Во јуни 1991. тој станува помошник командант за заднина во приштинскиот корпус.

Прочитај и за ... >>  Знаењето и волунтаризмот

На почетокот од војната во поранешна Југославија е префрлен во Книн. Во септември 1991. е именуван за командант на IX корпус во Книн. Во октомври истата година се стекнува со чинот генерал – мајор.

Од 1992. година до 1996. бил командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска.

Младиќ со војската на 11. јули 1995. влезе во Сребреница, град во источна Босна со мнозинско муслиманско население, кој беше под заштита на ОН. Младиќ го презеде градот и следните неколку дена ги протера жителите, а ОН ја напуштија енклавата. Според Хашкиот трибунал, во тие случувања настрадале 7.500 луѓе, претежно мажи.
По потпишувањето на Дејтонскиот договор во ноември 1995. со кој е завршена војната во БиХ Младиќ е сменет од должноста командант на ВРС, а потоа пензиониран со указ на тогашната претседателка на РС, Биљана Плавшиќ.

До 2000. година непречено живее во Хан Пјесак.

Ратко Младиќ бил одговорен за планирање и раководење со сите операции на ВРС, како и за надгледување на активностите на сите подредени старешини и единици за да се осигура дека неговите наредби се спроведуваат. Воената команда и контрола ја врши преку својот Генералштаб, се наведува во обвинението на Хашкиот суд.

Хашкиот трибунал првите обвиненија против Младиќ и противлидерот на босанските Срби Караџиќ ги покрена на 25. јули 1995. Второто обвинение за геноцидот во Сребреница и злосторства против човештвото е покренато во ноември истата година а обвиненијата во 2002. се раздвоени, кога Хашкиот трибунал го дополни обвинението за Младиќ со геноцид над босанските Муслимани.

Во 2007. Србија распиша награда од милион евра за информација која ќе помогне да се уапси Младиќ. На 13. мај 2010. Хашкото обвинителство поднесе предлог за измена на обвинението во 11 точки, со кои се обвинува за геноцид,злосторства против несрпското население и кршење на законите и обичаите на војувањето во текот на судирот во БиХ 1992-1995.

Се претпоставуваше дека се крие во Србија. Наводно е виден во 2000. година на фудбалски натпревар помеѓу Кина и Југославија во Белград. Некои, пак, тврдат дека го виделе во Москва.

Прочитај и за ... >>  ЕУ не ја користи историската шанса да го одложи сопственото пропаѓање

Сите светски личности го поздравија апсењето на Ратко Младиќ и констатираа дека е тоа голем чекор напред за Србија.

Од ЕУ е соопштено дека е ова исто така вистински момент да се оддаде признание за сите напори што ги направи и главниот обвинител на Хашкиот суд Серж Брамерц, како и дека е тоа почеток на нова ера во односите помеѓу ЕУ и Србија.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон го поздрави апсењето на Младиќ и побара да биде „без одлагање“ префрлен во Хашкиот трибунал.

Европскиот комесар за проширување Штефан Филе го коментира апсењето како „историски потег на Србија кој покажува дека го сфатила суштинското значење на регионалното помирување“.

Претседателот на Европскиот парламент Јержи Бусек апсењето на Младиќ го оцени како добра вест и истакна дека таа акција претставува убедлив доказ на српските напори и соработка со Хашкиот трибунал.

Бан ки Мун, генерален секретар на ОН, рече дека е ова „историски ден“ за меѓународната правда.

Белата куќа изрази очекување дека Младиќ брзо ќе му биде предаден на Хашкиот трибунал. Бен Родс, заменик на советникот за национална безбедност, рече дека апсењето на Младиќ покажува оти „такви криминалци ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.

Францускиот претседател Никола Саркози изјави дека апсењето ја доведува Србија чекор поблиску до членство во ЕУ.

Британскиот премиер Дејвид Камерон рече дека Младиќ е обвинет за „најужасни злосторства во врска со она што се случило во Сребреница и Сараево“.

Претседавачот со Организацијата за европска безбедност и соработка Аудрониус Ажубалис го поздрави апсењето на Младиќ како мошне важен чекор за правда и регионално помирување.

Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт изјави дека никогаш не се сомневал во „решителноста“ на српскиот претседател Борис Тадиќ.

Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини изјави дека апсењето на Младиќ претставува пресвртница за европската историја, која ја доближува Србија до ЕУ.

Поранешниот главен хашки обвинител Карла дел Понте смета дека по апсењето на Младиќ сега веќе нема пречки за патот на Србија во ЕУ.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмисен го поздрави апсењето како „чекор кон целосна, слободна и мирна Европа“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here