Потребно време за читање: 4 минути

Вонредниоте избри во Данајската република (Грција) се логична последица или, можеби попрецизно речено, завршница на едно лошо, неуспешно, деструктивно владеење на конзервативната партија „Нова демократија“, а посебно на нејзиниот лидер и (до) сегашниот премиер Костас Караманлис. Пред се на внатрешен план, доведувајќи ја земјата до економски колапс, до политичка и социјална дестабилизација, но и на меѓународен- со маргинализација, па и изолација еднакво поради „тврдиот“ став спрема проблемот со името на Република Македонија (блокирање на нејзиното членство во НАТО), дискриминацијата- непризнавањето на националните малцинства, пред се македонското, како и проблемите со Турција и Кипар.

Предноста на ПАСОК на Јоргос Папндреу од 6 поени (според последните две анкети) пред стартот на предизборната кампања сигурно ќе се зголемува, а на крајот ќе биде недостижна. Големото незадоволство на народот, таложено со години, разгорено особено во последниве неколку месеци, не може да се „преврти“ со какви било предизборни потези и ветувања, најмалку националистички, па вонредните избори закажани на 4- ти октомври воопшто не се неизвесни.

Обрнувајќи и се на јавноста преу телевизијата, Караманлис потенцира дека политичката слика на земјата мора да биде „појасна“ и власта мора да спроведе низа мерки што ќе овозможат економско опоравување. Притоа, тој оцени дека 2010- та година ќе биде тешка и решавачка и оти народот мора да избере Влада која ќе може да ја извлече земјата од кризата. Нормално, не крие дека сака повторно власт „за да продолжи со мошне острите реформи“, а кои, предупреди, ќе бидат мошне непопуларни.

Прочитај и за ... >>  Сомневање: не свинскиот грип, туку вакцината против него опасна по здравјето!

Се разбира, реченото е само параван за сопствената неспособност и обид да се спаси „што се може“, отфрлајќи лична вина за севкупните катастрофални состојби во земјата. Меѓутоа, не е само кризата таа преку која народот не може да мине (нештата треба да се гледаат и оценуваат во глобални рамки), туку и две други мошне „црни дамки“ на Владата на Караманлис.

Најнапред тоа се низата на корупционерски скандали. Поранешниот министер Аристотел Павлидес наводно примал мито за доделување на шпедитерски договори, а во минатиот октомври двајца министри поднесоа оставка откако беше утврдено дека државно земјиште му е отстапено на еден манастир на Света Гора во замена за помалку вредно. Пред тоа еден министер на трудот мораше да ја напушти функцијата кога беше откриено дека вработувал имигранти без социјално осигурување.

Втората работа се социјалните немири откако полицијата уби едно момче во декември минатата година, а 10 месеци подоцна не мируваат ниту екстремистите кои беа активни во текот на минатогодишниот бран на протести.

Треба да се има предвид и големото незадоволство од власта при справувањето со неодамнешните пожари што ја зафатија околината на Атина.

Аналитичарите и експертите сметаат дека одлуката за вонредни парламентарни избори е последица пред се на натрупаните економски проблеми и тешкотиите во спроведувањето на неопходните структурни реформи. Помеѓу нив доминираат јавната потрошувачка, која мора да биде драстично намалена и грчкиот дефицит кој годинава ќе изнесува помеѓу 5% и 6% од бруто националниот доход- а како членка на еврозоната земјата има обврска тој да не биде под 3%. Се посочува и на „пензионата бомба“- пари за пензии нема. Спасот е во нивно намалување или подигнување на старосната граница за заминување во пензија, а што е мошне непопуларна мерка особено во однос на последиците од кризата.

Прочитај и за ... >>  Кому му пречи отчетот?

Многумина сметаат дека одлуката за вонредни избори е тешка, но неопходна. Тие станаа извесни по поразот на партијата на Караманлис на изборите за Европскиот парламент, а главната опозициона партија- ПАСОК на Папандреу предупреди дека во март идната година следуваат претседателските избори кои би можеле да прераснат во парламентарни.

Што се однесува, пак, на можниот резултат од изборите на 4- ти октомври годинава, се стравува да не се добие убедлив победник кој сам би составил Влада. Тоа би предизвикално нови избори и продолжение на политичката неизвесност.

Во наредните недели се очекува бурна предизборна кампања, а решавачки дел од избирачкото тело, на кој ќе се насочат сите партии, е тн. генерација „700 евра“. Се работи за млади луѓе со минимални плати кои учествуваа во декемвриските протести и немири поради влошувањето на економската ситуација.

Што се однесува на преговорите за името на нашава земја (постојано нагласувам: проблемот на јужниот сосед е „Македонија“, а не уставното име- Република Македонија), тие практично се замрзнуваат. Судејќи според најавите на ПАСОК, можно е „омекнување“ на ддосегашниот „тврд став“ на Атина и изнаоѓање на заемно прифатливо решение. Меѓутоа, со голема резерва и пред се како предизборен потег (а не дури со „олеснување“ и „навивачки тон“- како што пренесоа некои македонски медиуми) треба да се третира изјавата на еден од најблиските соработници на Папандреу, Андреас Ловердос (кој се смета за најверојатен нов шеф на дипломатијата доколку победи ПАСОК), за една веб страница – дека кога ќе дојде ПАСОК на власт ќе го реши проблемот со името и ќе им биде дозволено на „славомакедонските бегалци, кои ја напуштија земјата по Граѓанската војна, да се вратат, а враќањето на имотите да го побараат по судски пат“. Сегашните закони не дозволуваат враќање, освен на оние кои ќе се декларираат како Грци по род и националост.

Прочитај и за ... >>  Опозиционерска доследност на Црвенковски

Ловердос најави дека идната Влада на Скопје ќе му испрати порака на помирување, а не на конфронтација, и ја обвини Владата на Караманлис за ескалација на разликите во преговорите за името. Тој смета дека Дора Бакојани прави голема грешка оти не влегува во директни преговори со Скопје, туку остава посредникот Метју Нимиц да изнајде заемно прифатлив компромис (иако Привремената спогодба го налага токму посредувањето).

Некои македонски аналитичари грешат во оценките дека „спорот“ за името нема да биде „дежурна тема“ во предизборната кампања. Напротив, таа сигурно ќе биде една од „константите“ и главна во надворешно- политичката агенда на сите партии- и од позицијата и од опозицијата. Впрочем, надворешната политика во изминатите години и се сведе на проблемот на „разликите околу името“ со „Скопје“ и долгогодишните нерешливи спорови и судири со Турција и (за) Кипар. За сите други меѓународни прашања и проблеми или самата се „оддалечи“ или ја маргинализираа нејзините сојузници во НАТО и ЕУ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here