Потребно време за читање: 2 минути

Некои аналитичари оценија дека станува збор за мошне значајна одлука на Европската комисија од аспект на перспективата на Западниот Балкан, а пред се на Република Македонија, иако станува збор за логичен, последичен, континуиран процес кој доби очекувана завршница.

Се разбира дека е ова важен момент за Хрватска- завршувањето на повеќегодишната макотрпна работа и затворањето на поглавјата од пристапните преговорите на земјата со ЕУ.

Меѓутоа, искажаната можност односно надеж од останатите земји Република Македонија наскоро да добие статус на кандидат е едкинствено во рамките на „поттикнувачката офанзива“ на САД и Европа што поскоро да се реши „билатералниот проблем“ за името на земјава („сега е моментот“- се мисли на постизборниов период).

Сосема друг одзив ќе имаше изјавата на европскиот комесар за проширување доколку не беше „врзана“ за нужноста од „заеднички јазик“ помеѓу Атина и Скопје. Имено, повеќе од сигурно е дека тој брзо нема да се „пронајде“ зашто Атина не ни помислува да ги „избрише“ своите „црвени линии“. ЕУ не познава такви, а тие (црвени) се сами по себе „бескомпромисни“, па…

Прочитај и за ... >>  Расмусен „непријатен“ за Атина

Комесарот за проширување на ЕУ Штефан Фуле изјави дека заврши „долгото патување“ на Хрватска од пред неполни 6 години:
„Хрватска се промени и се трансформира во силна демократија втемелена на владеењето на правото со сигурна пазарна економија. Владата, институциите и сите граѓани мораат да бидат горди на се што постигнаа. Им честитам на работата зашто подготовките за членство се тешка работа. Најтешко е да се доведе сопствената куќа во ред. Мојата порака до земјата која се крена од војна и која наскоро ќе прослави 20 години независност е јасна: се радувам што ќе ве поздравам како 28 членка на ЕУ“.

Хрватските медиуми јавија дека на на пресот свикан по предлогот на ЕК да се затворат и последните поглавја Фуле истакнал оти работата во врска со Хрватска е завршена, а сега на земјите членки е да решат дали може да се потпише договорот:
„Сигурен сум дека тоа ќе се случи затоа што процесот на пристапување беше долг и темелен“.

Прочитај и за ... >>  За евробирократската глупост

Областите во кои Хрватска напреднала, поради што комисијата предлага затворање на преговорите и членство на земјата во Унијата од 2013., се процесуирањето на воените злосторства и соработката со Хаг, борбата против корупцијата и промената на Законот за јавните набавки и начинот на финансирање на политичките партии, како и реформата на судството.
Според Фуле, новото ниво на приклучување на Хрватска во ЕУ претставува значаен сигнал за останатите земји на Балканот. Одлуката за Хрватска треба да биде силен поттик за државите во регионот и комисијата ќе предложи до членките и други држави во тој регион да добијат статус на кандидат:
„Гледам потенцијал и останатите земји во регионот да добијат статус на кандидат, а една од тие држави би можела да биде ФИРОМ. Верувам дека Атина и Скопје ќе пронајдат заеднички јазик“.

Во изјавата за Македонија (ФИРОМ), поточно одговорот на Фуле на новинарско прашање, поважно од „можноста“ и „верувањето“ е нешто друго: повтореното (по којзнае кој пат) признание дека земјава ги има исполнето сите услови за почеток на преговорите, освен решавањето на спорот за името со Грција што не е „дефиниран“, туку е услов што се „подразбира“. Поважно е зашто на некои во земјава, пред се од опозицијата тоа или не им е „доволно“ познато или не им е јасно.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here