Потребно време за читање: 6 минути

Пред да се обидам да одговорам на од ден на ден се поактуелното прашање за предизвиците што се повеќе и се натрупуваат на актуелната македонска Влада, а пред се на премиерот и лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски, укажувам на одамна познатата (докажана) вистина: секој предизвик, независно од големината и тежината, раѓа страв, но многу повеќе желба, енергија, па и храброст за соочување, совладување, „борба до конечна победа. Треба да се биде внимателен особено при пресметувањето на ризикот, имајќи ги предвид пред се времето и просторот во кои тој се јавува или опстојува.

Најголемиот предизвик за денешниот, модерниот политичар (и на секој што има важна улога во едно општество), а од кој најмногу се стравува, е личната одговорност.


Никола Груевски досега покажа и докажа дека и како премиер и како лидер на владејачка партија е е подготвен, има знаење, спсобност, па и мудрост пред се да избере луѓе- соработници подготвени не да ги избегнуваат проблемите, туку да се соочат со нив. А многупати досега се потврди и како личност која воопшто не бега од личната одговорност, туку ја носи и доносува до поставената или зацртаната цел.

Конкретно, најактуелно:

Каков предизвик е или треба да биде долго очекуваното „прочистување“ на СДСМ (мислам дека е посоодветно „чистка“), што ја направи и ја прави „ново- стариот“ лидер Бранко Црвенковски? Не тој самиот (како што Груевски вели „си го знаеме“), туку реално и уште многу долго најголемата македонска опозициона партија која, патем, носи многу голем „позицонерски“ односно владејачки багаж?Дали тој воопшто раѓа страв, односно желба, енергија, па и храброст за идно, мошне блиско соочување, совладување, за уште една во низата победи во последно време? Како што најави Црвенковски, мошне блиското соочување треба да започне веднаш по летово, по 1-ви септември, кога СДСМ ќе се врати „со полн капацитет“.

Најнапред, мислам дека е сосема непотребно занимавањето на ВМРО- ДПМНЕ со новите кадри на СДСМ (за ова подолу во текстов). Најголемата опозициона партија во Македонија уште прилично долго ќе се реформира и стабилизира, а пред се има уште за „прочистување“ на редовите. На пример, не е јасно зошто Црвенковски ги остави во „својот круг“ Јани Макрадули и Игор Ивановски, кои досега, со своите настапи, на партијата и направија и и прават поголема штета од многумина кои си го „одработија“ своето и се “тргнати“.

Прочитај и за ... >>  Нови антикризни мерки на Владата на Македонија

Дали треба да се потсетуваме дека стабилна, консолидирана, силна опозиција е нужна за секоја демократија (многупати потенцирано и од самиот Груевски)? Сакам да речам, она што е веќе преземено и се презема кај СДСМ, за жал се уште не и кај другите опозициони партии, треба да радува и да се поддржи. Особено ако се има предвид дека суштината на демократијата е натпревар, а таа е развиена онолку колку што натпреварувачите односно противниците се силни, моќни и што е можно порамноправни.

Иако многумина аналитичари проценуваат дека Црвенковски му е во моментов „најлутиот противник“ на Груевски, лично мислам дека не е. А во моментов се уште нема личност на политичката сцена која би го загрозила неговиот континуирано висок рејтинг. Најнапред, Црвенковски самиот потенцира дека не се смета себе си за „некоја далечна перспектива или иднина на СДСМ“ (што е сосема в ред– негова точна оценка), а потоа и дека со авторитетот и искуството сака да им го „трасира патот на оние помлади коишто навистина претставуваат иднина на партијата“ (што, пак, заслужува признание и респект).

Дали се или треба да бидат предизвик за Груевски „новите луѓе“ на Црвенковски?

Досегашниот в.д. претседател Зоран Заев, сега потпретседател, не покажа лидерски способности, ниту пак, некои особени, па и основни познавања на областа во која Груевски најмногу „поентира“- економијата, а поради која од редовите на неговата партија беше најавуван како „мошне идеен (со „интересни идеи)“ кадровски капацитет“. Очигледно е дека се работи за провинциско „политичарче и бизнисменче“, кое тешко дека може да се замисли подалеку од градоначалник. (Големо прашање е дали и колку може да се „носи“ и со “неговата“ Струмица.)

Другите двајца нови потпретседатели на СДСМ, Гордан Георгиев и Зоран Јовановски, не се непознати, но допрва треба да се покажат и докажат во политиката. Притоа е сосема непотребна искажаната загриженост на ВМРО- ДПМНЕ за Јовановски- дека ги знаел најдоверливите информации за сите банки како советник на гувернерот Петар Гошев, а претходно во „Комерцијална банка“ кај Хари Костов. Тоа му овозможува(ло) да ги уценува другите и да ги наруши пазарните односи во македонскиот банкарски сектор, а во корист на Комерцијалната банка и СДСМ. Доколку банките треба да се плашат од еден советник, па и на гувернерот, тешко на Македонија и нејзиниот банкарски сектор со такви. А што се однесува на неговата „вина“ дека како супервизор во банкарскиот сектор водел пререстриктивна кредитна политика и лиферувал шпекулации за девалвација на денарот, поради што Македонија немала поголем економски раст, тоа оди на адреса на СДСМ и довербата кај јавноста на која допрва треба да и се „прикаже“ и да ја освојува.

Прочитај и за ... >>  Реален и развоен буџет за 2010- та година

Дане Талевски не е многу „среќно“ кадровско решение, бидејќи е доволно познат како „активен демократ“, па не може да се очекува којзнае што во „кроењето на политиката“ на опозицијата (беше во Институтот за демократија заедно со актуелниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов).

Виктор Димовски е „сериозен кадар“, дојде од Агенцијата за разузнавање, но како „политичка перјаница“ исто така допрва треба да се докажува.

Бидејќи одвреме- навреме „подлегнувам“ на задоволството да бидам политички прогнозер (можам да се пофалам и со точни прогнози, од кои за најголема, за „самофалба“ ја сметам онаа дека иден претседател на Македонија ќе биде Ѓорге Иванов кој, според личното признание што ми го даде, кога „го прогнозирав“ не ни помислувал дека ќе биде предложен за кандидат од ВМРО- ДПМНЕ), еве и сега ќе си го дозволам тоа и „навреме“ ќе „типувам“ на Андреј Петров, новиот секретар, за иден лидер на СДСМ! Да не треба од него да се плаши (уште сега) Груевски? Засега не, ниту да го смета за (нај)голем предизвик (противник), но секако би требало малку повеќе да „внимава“ на него.

Не за Груевски, туку за ВМРО- ДПМНЕ уште сега е предизвик (не толку со „роден страв“, туку како желба, енергија, па и храброст за соочување, совладување, победа) радикалната промена на составот на Централниот одбор на СДСМ (од 90- мина дури 72- ца се нови членови), но и од следните, некои веќе најавени реформски чекори на партијата.

Повеќе е од сигурно дека следи процес на консолидација и јакнење не само на СДСМ, туку на целата опозиција, а за што има доволно време до следните парламентарни избори. Не ќе е на одмет и сериозно да се прими „пораката“ на „преобразбата“ на розата во цвет „силна тупаница“.

А шпекулацијата дека СДСМ подготвува- договара нов опозиционен блок? Да, се работи за шпекулација (новинарска или политичка, поточно опозиционерска сеедно), но многу повеќе шегобијност доколку се имаат предвид посочените „актери“.

Имено, лидерот на ДПА Мендух Тачи непромислено, задоцнето и мошне деградирачки ја „фрли“ оваа партија во радикалните „води“ со големи шанси наскоро да се „удави“ (предизвикувајќи анимозитет кај албанскиот електорат, а за неговата преголема „доза“ кај македонскиот и „остатокот“ од „немнозинскиот“ не треба да се троши ниту збор). Што се однесува конкретно на наводното договарање, од ДПА порачаа дека се отворени за соработка со сите, но не и за коалиција со Црвенковски додека двете партии се во опозиција.

Прочитај и за ... >>  „Скандал“ кој не е тоа

Партијата Обединети за Македонија на Љубе Бошковски се уште не е етаблирана на македонската политичка сцена како „важен играч“, ниту, пак, нејзиниот претседател е „затврден“ како сериозен лидер со кого може „да се садат тикви“ кои навреме ќе „созреат“. Којзнае, доколку како разумен компромис се прифати како ново име на земјава Република Северна Македонија, можеби „принудно“ ќе мора и „обединетите“ да си ја додадат „географската одредница“. Смешна и дилетантска е заканата на Бошковски за „ситнење“ на ВМРО- ДПМНЕ, односно најавата дека двајца пратеници од владејачката партија, неколкумина од левиот блок, но и партиски комитети на неговата поранешна партија сакаат да го сменат партискиот дрес и да преминат во неговата партија.

Што се однесува на ВМРО-НП, се работи за една од многуте минорни, безначајни партии кои само го „збогатуваат“ македонскиот политички плурализам.

Се разбира, при секое формирање на коалиција (како што беше случај и „За Македонија заедно“) никој не се „отфрла“, но СДСМ во овој момент не само што „нема време“ да се занимава со таква „направија“, туку не ја гледа ниту смислата, ниту целта за неа. Следните парламентарни избори сепак не се така блиску. Од друга страна, свесен е (почувствува на „сопствена кожа“) што значи „шарена“ коалиција- колку е кревка и лесна за „отстрел“. Примерот со коалицијата „Сонце“ за него е се уште „тазе“ и „горчлив“.

Има ли нешто и/или некој од што/ од кого треба да се плаши Груевски во овој момент? Нема, но е предизвик нешто од некои што би требало да му ги поттикне желбата, енергијата, па и храброста за соочување, совладување, „борба до конечна победа“. А пред се уште еднаш да го потврди како денешен, модерен политичар, со најголема доверба на народот.

Тоа е проверка, преиспитување, (пре)оценка на личната одговорност за досега (не)сработеното на најблиските соработници и во Владата и во партијата. Без оглед дали тоа ќе предизвика реконструкција, помдладување, освежување, стеснување или проширување. Пред се и над се поради ризиците пред кои се наоѓа и ја поставуваат Република Македонија, а го доведуваат во опасност дури и нејзиниот натамошен опстој.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here