Од вистина до заблуда

За вистината и заблудата може да се говори од искуствен аспект, но никако не можат и не смеат да се занемарат сознајно-теоретските елаборации и ставови на многумина филозофи и други учени. Дури, речиси нема филозоф или мислител-интелектуалец кој не запрел пред категориите „вистина“ и „заблуда“ и не се обидел да ги проблеамитизра, односно да изгради сопствен систем за нивно осознавање и толкување. Оттука, не може да се говори за „колку луѓе, толку вистини“, за „секој со својата вистина“ или „има само една вистина, сѐ друго е лага“.

Еден сосема маргинален преглед на филозофските учења за вистината може да не упати во вистинската насока.

Вистината претставува еден од темелните филозофски, а особено сознајно-теоретски поими, а нејзиниот третман во одделните теории гради вистински „плурализам на вистини“: позитивизмот вистината ја толкува како кохерентност на еден став со други ставови во рамките на даден систем; прагматизмот ја прифаќа како корисност во практиката; иманентната теорија вистината ја толкува како непосредна сопствена свест за логичната нужност на еден став; теоријата на адеквацијата или теоријата на кореспонденцијата вистината ја дефинира како согласување на мисли и ствари, односно како согласување на исказот и фактот.

Некои од тие теории сугерираат дека секој може да има своја вистина, ако таа се согласува со другите негови верувања или ако нему лично му е непосредно очевидна или корисна во практиката.

Па сепак, одделни теории на вистината различно третираат или истакнуваат некој нејзин елемент, некоја нејзина карактеристика за сметка на друг (елемент), друга (карактеристика) или други. Една од најстарите и најраширени е теоријата на адеквацијата, односно теоријата на кореспонденцијата, која потекнува уште од Аристотел, ја прифатиле средновековени и нововековни филозофи се до втората половина на 19. век, а има свои приврзаници и денес. Според оваа теорија, ќе повторам, вистината е својство на судот, а се состои во „согласување на мислите и нештата- стварите“, „во согласување на судот со она за што судиме, а што е такво какво што е, без оглед на тоа како ние судиме за тоа“.

Постојат повеќе модификации или варијанти на теоријата на кореспонденцијата: марксистичката теорија на одразот, семантичката теорија на вистината. Се разбира дека помеѓу современите филозофи има и такви кои целосно ја отфрлаат, почнувајќи од Хегел кој учи дека вистинит е предметот што е стварен, чие реално постоење се согласува со неговиот поим; па преку теоријата на евиденцијата, која вистината ја гледа во непосредниот увид, во очевидноста, „евиденцијата“; теоријата на кохеренцијата, која смета дека вистината како интерно својство на мислата не може да им припаѓа на одделни судови земени изолирано, туку само како една смисловна целина,а одделниот суд како дел од кохерентниот состав.

За нашево промислување, од тн. „субјективистички“ теории на вистината е посебно интересно сфаќањето на вистината кај прагматистите, како и најновата онтолошка варијанта на „објективистичката“ теорија на вистината кај филозофите на егзистенцијата.

Имено, прагматистите, да потсетиме, вистината не ја наоѓаат во меѓусебното согласување на идеите, ниту во нивното согласување со стварноста, туку во нивното согласување со човековите потреби, со нивната практична корисност. „Дали идејата е вистинита или не, тоа се гледа според нејзините последици. Вистината е идејата што „работи“, што во практиката ни донесува плодови“. За филозофите на егзистенцијата, пак, вистината е самото битисување во својата нескриеност.

За субјективната и објективната вистина, односно за апсолутната и релативната во овој контекст нема да понудам посебна елаборација оти тоа би не одвело на сосема друг колосек. Моево промислување да се изроди во некаков филозофски трактат без доволна аргументација. Само уште ќе додадам дека вистината не може да се прифаќа и толкува исклучувајќи го искуството, а еден мошне значаен елемент или сегмент на вистината е слободната човечка креативност.

Помеѓу вистината и заблудата стои лагата. Лагата најчесто се толкува како свесно искажана невистина, намерно извртување на факти. Притоа, се потсетува дека лагата не е исто што и објективно неточното тврдење, односно невистината, макар што фантазиските лаги се дел од оние неточни судови кај кои не постои субјективна намера на заведување.

Воопшто земено, лагата е „тврдење спротивно на вистината, а се изнесува со намера друг да се доведе во заблуда“. Се работи пред сѐ за за морален престап за кој говори уште Августин:

„Според неговото внатрешно уверување, а не според точноста или неточноста на самата ствар, мора да се суди дали некој лаже или не…Вината на лажливецот се состои во намерата со својот исказ да измамува“.

Го подлвекувам и посебното значење на терминот „лага“ кога означува појави што се противат на вистинските културни вредности и прогресивните стремежи на заедницата: општествената, политичката, уметничката, книжевната лага итн.

Што се однесува на заблудата, таа во своето поимно значење претставува погрешно мислење, оценка, суд или постапка, доколку се ненамерни или од критички аспект се толкува како непромислена и наивна постапка. Енциклопедиската единица за заблудата наведува, исто така, дека таа најчесто настанува кога фактите се толкуваат врз основа на неосновани, слепо прифатени или самоволно избрани претпоставки, односно предрасуди.

Инаку, заблудата се толкува најнапред како правна категорија во однос на кривичната одговорност, во однос на вредноста на правните работи во граѓанското право. Па се разликуваат стварни и правни заблуди.

Вистината страда во немирните, особено во воените времиња. За да се остварат нечии цели, таа треба да се релативизира, дезавуира, обезвредни. Секој добива право на сопствена вистина во името на лагата и заблудата.

И не се почнува веднаш со нејзиното бришење, уништување, туку прво како контрапункт се наметнува полувистината за да го освои просторот за настап на лагата.

Без вистината човекот е изгубен, дезориентиран и, благодарение на лагите што постојано му ја напаѓаат свеста, се доведува во заблуда, го вреднува и оправдува дури и она што како однесување и дејствување претставува чиста деструкција.

Кога интелектуалецот ќе им подлегне на лагите, кога ќе се доведе во заблуда, всушност му подлегнува на провинцијализмот кој веќе, со право или не, ѝ се прилепи на нашата интелигенција (секоја чест на исклучоците). Едноставно затоа што вистината, без оглед како кој ја сфаќа и прифаќа, ја релативизираат и негираат луѓе со ограничен дух, манипулатори, квазиинтелектуалци, оние кои власта ја разбираат како (единствена) можност за себедокажување и замозадоволување. Ова особено се потврдува во предизборни и изборни периоди (во демократските општества), кога наспроти вистината заблудувањето (на масите, на народот-гласачкото тело) е мошне ефикасен инструмент-средство за освојување на власт-позиција. Тоа-заблудувањето најлесно се остварува со ветувања кои никогаш не биле, не се, ниту некогаш ќе бидат обврзувачки. Кога би биле тоа, тогаш не би биле ветувања, туку обврски, „даден збор“, кои, меѓу другото, ги содржат чесноста и искреноста. Прашање што се наметнува само по себе: колку нив ги препознаваме во настапите на кандидатите за позиции во власта, за освојување на власта?

Барајте ја секогаш вистината за да ја оправдате сопствената егзистенција во модерниот, културен и цивилизациски свет. Во името на вашата и нашата иднина.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *