Потребно време за читање: 3 минути

(22.03.2007)
Да, очигледно е дека урбаната мафија во Скопје, особено на „фронтовите“ каде што во изминатите години најмногу ги засили своите „редови“ (во кои успешно „имплементира“ и лица од врвовите)- општините Центар и Кисела Вода, ја доби битката.

Со забошотување на многу работи по ненадејните удари (аферите „ФИ-КОМ“, „Кинески ѕид“ и други), со „смирување“ на јавноста, но и со примена на „заштитните механизми“ спрема првите општинари- со врзување на нивните раце.

Да, битката ја доби, но не и војната. Очигледно е дека таа од ден на ден ја губи. Пред се на економски план. И станува неисплатлива натамошната интензивна изградба со криминални проекти, а не можат да го продадат или се потешко го продаваат она што во меѓувреме го изградија. Поради сеопштата недоверба кај граѓаните.

Имено, според анализите на агенциите за продажба на недвижности и покрај драстичното намалување на цената на новоизграден станбен квадратен метар за купување нема речиси никаков интерес. Напротив, расте цената на староизградениот, особено на оној што е сеизмички „зацврстен“ и граден во годините и неколкуте децении по катастрофалниот скопски земјотрес. Граѓаните научија дека најголемиот број од новоизградените објекти не ги исполнуваат прописите односно нормите за сеизмичка стабилност.

Прочитај и за ... >>  ОЕЦД и Македонија-инвестиции

На урбаната мафија овојпат централната, а не локалната власт и зададе уште еден „посреден“ удар: Министерството за транспорт и врски им ги одзеде градежните надлежности на општините Центар и Кисела Вода. Всушност, им ги врза рацете (чисти?) на градоначалниците Џорџе Арсов и Виолета Аларова односно им забрани да даваат дозволи за градба, да вршат инспекциски надзор, а им ги одзеде и надлежностите во врска со спроведувањето на урбанистичките планови. Забраната ќе трае 3 месеци. Во соопштението до медиумите, меѓу другото, стои дека заклучно до денеска (14.03) општините не ги отстранија неправилностите, не се справија со дивоградбите и другите општински проблеми. Затоа отсега документирањето и управувањето со градежното земјиште, како и инспекцискиот надзор за градби од трета, четврта и петта категорија, целосно ќе ги преземе Министерството.

За сите утврдени неправилности Државниот инспекторат веќе ги известил Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.

Да потсетам, и покрај тоа што градоначалниците на големо најавуваа до темел уривање на дивоградбите, успеаја да урнат само поткровја.

Прочитај и за ... >>  Сепак, само вербален напад

И веднаш, наредниот ден (15.03) жестока реакција на градоначалникот на Кисела Вода. Решението на Министерството Арсов го коментира како тенденциозно, невистинито и злонамерно. Ја обвини директорката на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Жаклина Ангеловска:

„Имаме наназад месец дена добиено 25-26 предмети од нивна страна кои се повикуваат во писмото како пријави за недобро работење, меѓутоа стручните служби на сите тие им одговорија со аргументи“.

Тој е оптимист, верува дека ќе добие позитивен одговор по жалбата до соодветната владина комисија.

Градоначалничката Аларова, пак, преку соопштение признава дека од 23 предмети, за кои Министерството утврдило неправилности и донело такво решение, само 3 се проблематични. За останатите 20 не сака да преземе одговорност зaшто нив ги наследила од претходниот градоначалник (како да подзаборавила дека веќе го „турка“ вториот градоначалнички мандат).

На Советот на општина Центар, на советниците и градоначлничката, им беа потребни 4-5 дена (20.03) да се „соземат“ и да минат во „контраофанзива“. Оценија дека Градежниот инспекторат неправедно им ги одзел надлежностите и тоа треба да се обжали. Со забелешка на Аларова дека дел од забелешките треба да бидат упатени на преразгледување до Министерството за транспорт и врски бидејќи се работи за пропусти кои ги има во секоја општина, „ништо спектакуларно, недостасувале паркинзи“. Инспекторатот барал да се вметнат во деталните урбанистички планови објекти за кои општината издала решение за уривање. Тоа е кршење на законот, обвинуваат советниците на општината.

Прочитај и за ... >>  Се повеќе „европски аграр“ во Македонија

Од Државниот градежен инспекторат не ги коментираат обвинувањата. Одговор ќе дадат дури откако ќе ги добијат писмено.

Се уште молчат. Веројатно не стасале. Можеби е рано. Поминаа само два дена. Во наредните денови, недели и месеци очекуваме конкретни, па и „спектакуларни“ удари на урбаната мафија од страна на Министерството за транспорт и врски, а во рамките на преземените градоначалнички надлежности.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here