Потребно време за читање: 8 минути

Очекувано, без никакво изненадување. Наводната неколкудневна „драма“ на седницата на Советот на Европа се „одвиваше“ само во главите на некои новинарски медиокритети и трабанти кои „независно“ континуирано информираат од Брисел. Се разбира, секогаш „длабоко загрижени“ за Република Македонија денес и нејзината иднина.

Сите дилеми во „апсолутно спокојство“, својствено на политичките итромани и лицемери, се сведуваа на тоа колку повеќе да му се удоволи на „миленичето“ Грција и како да не се избламира Брисел, конечно да не му паднат сите маски. На штета на Република Македонија? Па, таа не постои! Ако се мисли на FYROM (единствен „заштитник“ на СФР Југославија и на совеста на „меѓународниот фактор“ за нејзиното крваво уништување), в ред. Ама таа треба „да си го реши“ проблемот со името и идентитетот на својот народ затоа што е пред се „билатерален“ (без оглед на тоа што нема и не прави такви проблеми со Грција).

Европската унија го одложи определувањето на датум на FYROM за членство во ЕУ во „наредните шест месеци“, за време на шпанското претседателствување. Односно додека таа не се согласи на „компромисно име“ што и одговара на Грција, нои да се откаже од идентитетот на македонскиот народ (јазикот и се друго што се подразбира под етнички, културен, историски, регионален…идентитет).

Дека Советот на Европа имал лесна работа, состанок во „добро расположение“, говори „главниот“ финален заклучок- неговото „внимателно“ формулирање:

ЕУ „ја нотира“ препораката на Европската комисија за отпочнување на претпристапните преговори со Македонија и ќе се наврати на прашањето во текот на следното претседателство.

Што значи „ја нотира“? Тоа беше негова задача? Што ќе се случеше ако не успееше да „нотира“? А „ќе се наврати“? Не разбирате? Зарем можете да замислите што би било ако не се донесеше „одлука“ да се „наврати“ во текот на следното претседателство? Изгледа како мајтап? Не, „сериозноста“ и „обврзноста“ на тој заклучок се „поткрепува“ со следниот:

Одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и заеднички прифатливо решение за името, останува од суштинско значење. ЕУ е охрабрена од последните позитивни случувања на релација Скопје – Атина.

За секој случај, за министрите уште малку да се „покријат“, не е пропуштено „патем“ да се „забележи“ дека „се потребни уште напори во борбата против корупцијата и обезбедувањето на функционално и независно судство во Македонија“.

„Посрамениот“ Оли Рен само пропелтечи нешто што само по себе претставува нонсенс: дека било „многу важно да се одреди некаква временска рамка за Македонија и тоа е постигнато“:

„Советот на ЕУ реши да го врати ова прашање во текот на следното претседателствување. Тоа е знак дека имаме рамка која означува напредок на оваа земја на патот кон ЕУ. Кај мене има поттик од позитивниот развој и повторно обновените контакти помеѓу двајцата премиери што се однесува на делот на спорот за името кој е, впрочем, од билатерална природа. Ова треба да им овозможи на двете земји да го решат проблемот со името кој е од билатерален карактер“.

Рамка „навраќање во наредните шест месеци“?! А да не е „раѓање на дилема“ кај него повторувањето (самоубедувањето) дека проблемот е „впрочем билатерален“? Да не научил или разбрал во меѓувреме дека не е?

Уште поголем „бисер“ на прес конференција по седницата на Советот „фрли“ Карл Билд:

„Долго време сме сведоци на решавање на ова прашање. Ако имате ситуација каде што едната страна е премногу задоволна, а другата премногу депримирана, тоа предвидува појава на проблем. Но ако и двете страни покажуваат интерес и желба за успех и се подготвени на компромис, тоа е добар знак дека еден ден ќе успеат да ги надминат сите проблеми. Ние го имаме токму ова. Ние имаме ситуација каде двете страни се чекор понапред до крајната задоволителна цел. Тоа е крајниот резултат од компромисот. Токму тоа ќе ја однесе чекор напред и Европа и овој дел од Европа. На ова треба да гледате како на знак на охрабрување и многу важно движење нанапред во следните неколку месеци за тоа конкретно прашање“.

Прочитај и за ... >>  Резултати далеку од катастрофални, но не и за (големо) задоволство

Несфатливо е како овој Г-дин не ја разбира „вистинската“ ситуација кога вели дека нема една страна „премногу задоволна“, а друга „премногу депримирана“. Ако „другата“ и не е којзнае колку „депримирана“ (реална согледба и очекување), зошто „едната“ (Грција) не би била навистина „премногу задоволна“? Во нешто отстапила? Нешто и е оспорено? Поради нешто и се „истегнати ушите“?

Па згора, му „расте“ оптимизмот оти „двете страни покажуваат интерес и желба за успех и се подготвени на компромис“. Би било добро Билд да се распраша кај своите грчки пријатели на каков компромис се подготвени и како е можно една држава членка на ЕУ да има „црвена линија“ кога никој нема таква во унијата, кога нејзини единствени се сината и жолтата (да, мислам на нивната симболика)? Знае ли тој (и сите во ЕУ што мислат како него- „консензуално“) кое е нејзиното суштинстко значење (во однос на меѓусебното разбирање, соработката, толеранцијата, демократијата…)? Лично не верувам дека не знае, па останува да се заклучи дека само се прави на „удрен“. Можел да ја искористи „шансата“- присуството на заменик- министерот за надворешни работи на Грција, Димитри Друцас, и да го праша (ако веќе не го сторил тоа, ако не му е јасно) што е „националната црвена линија“ за Грција во спорот за името и што значи „важи безусловно и нема да се откажеме од неа“ (најнова изјава на портпаролот на грчката Влада, Георгиос Петалотис).

Сосема на место се реакциите- коментарите и ставовите на „првите луѓе“ од македонскиот државен врв. Дури би рекол и прилично воздржани.

Премиерот Никола Груевски:

„Не сме многу изненадени, но овој пат е направен малку пософистициран начин отколку она што беше на самитот во Букурешт. Иако можноста да се навратат на прашањето за името во наредните шест месеци остава надеж дека нешто можеби ќе се приближи во тој правец.

Ќе останеме во делот на разговорите околу изнаоѓање на решение, но ако Грција мисли дека ова ќе им го реши проблемот, со блокада или на ваков начин ќе ги решат проблемите, се покажа и во минатото дека не се решаваат на ваков начин. Тоа е неевропско однесување. Тие веројатно тоа не го прифаќаат и затоа се однесуваат на ваков начин.

Но, ова е ситуација која не зависи само од нас. Ние нашето го сторивме, ги исполнивме „бенчмарковите“ (одредниците-заб.м.), сега имаме работи кои не зависат само од нас. Грција очигледно бара работи од нас кои никој од никого во светот не ги бара.

Јас слушам сега во земјата има коментари во последните денови дека и денеска сме пропуштиле историска шанса. Знаете што, пропуштена е историска шанса да се обезличиме како нација, како народ. Да се избришеме од мапата. Таква шанса да – пропуштена е, да се откажеме од идентитет, од се буквално. Таква шанса имало и во минатото, веројатно ќе има и во иднина. Така што на сите оние коишто критикуваат дека сме пропуштиле некоја историска шанса, морам да им одговорам дека пропуштената шанса е практично себебришење од мапата на нациите и бришење на сопствениот идентитет, на сопствениот народ. Така што од тој аспект ништо посебно не сме пропуштиле. Но, се надевам дека во иднина ќе се укажат некои други шанси. Дека во Грција ќе почнат да дуваат поинакви ветрови“.

Прочитај и за ... >>  Престројување на ЕУ според Лисабонскиот договор

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски:

„Денешниот исход во Брисел може да се дефинира како нова грчка хипокризија. Затоа што земјата која, наводно, се залага сите земји од Западниот Балкан да се приклучат кон Европската унија што поскоро, при првата шанса да и даде заслужена можност на нашата земја да ги отпочне преговорите тоа го блокира.

Грчкото попречување не само што ќе штети на угледот на ЕУ во процесот на проширување, туку може да ја наруши и атмосферата во билатералните разговори што ги имаме во спорот кој Грција го има со нашето уставно име.

Блокадите нема да донесат предност. Блокадите од Атина нема да не премислат да продолжиме и понатаму да ги застапуваме и да ги браниме нашите уставни норми и нашиот национален, јазичен, македонски идентитет“.

И повторно новинарско- аналитичка „утка“: реакцијата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, е најава за „нова доктрина-Евроскептицизам“. „Утка“ затоа што, прво, тој- евроскептицизмот не е и не може да биде „доктрина“ (за тоа што е таа може да се научи во која било општа енциклопедија), а второ (како прво), очигледно не е „разбрано“, не се знае што е тоа евроскептицизам (најосновното: разочарување не од, туку во ЕУ и/или стравување од последиците од претстојно членство во неа). Исто така, воопшто не станува збор за заострување на тонот. Најмалку, пак, за критики во однос на почитување на европските вредности, бидејќи таа едноставно ги нема (освен „материјално- финансиската“- еврото кое, пак, не важи за „третата сила“ во ЕУ, Велика Британија). Станува збор за критика на непринципелноста, лицемерието, мимкријата на Брисел:

„Добиваме колеблив одговор. Добиваме решенија кои важат од денес за утре. Си дозволуваме блокади, притисоци на ситните интереси. Гледаме отсуство на визија. Добиваме најави за 2012, 2014, 2015 година. Како мислиме да ги постигнеме тие рокови? Со опструкции и со попречувања?“.

Мошне проблематични (во најмала рака) се оценките на некои домашни експерти. Точно е дека Шпанија нема да биде многу заинтересирана за Западниот Балкан, освен за прашања кои неа директно ја тангираат (Косово). Се разбира, не може да отстапува од „општата заложба“ за натамошно проширување на ЕУ, па тоа ќе го прави повеќе декларативно. Меѓутоа, сосема е погрешно „гледањето“ на решението на проблемот на Грција со името Македонија како „пазар“ или „игра без граници“, па да е „нужно“ да се дефинира цената која Република Македонија е подготвена да ја плати за да влезе во ЕУ. А за алтернативата (на членството во ЕУ), треба да се има предвид дека се што нема алтернатива, нема перспектива. Следствено, не треба да (се) прашуваме за неа, туку да ја бараме и наоѓаме. На пример кај земјите кои не се членки во ЕУ, ниту размислуваат да бидат во иднина (во Европа има вкупно 50 држави- сосе Македонија и оние кои со еден дел припаѓаат и на друг континент, а од нив 25 се членки на ЕУ), или „преостанатите“ земји во ООН.

Прочитај и за ... >>  Кампања за предвиден пораз и сигурна победа

Проблемот е во она што упорно се потенцира, а за жал е прифатено и од некои „невнимателни“ домашни политичари, експерти и новинари; нема никаква логика (се работи за „обична“ ступидарија), но во спротивно се би се одвивало сосема поинаку: дека тој- проблемот бил и е билатерален.

Досега многупати сум посочувал на она што го знаат и „обичните луѓе“: тој би бил билатерален доколку Република Македонија има исто така проблем со името Грција и со идентитетот на грчкиот народ! На пример, билатерален е, и не може да биде поинаков признанието, статусот, правата и слободите на малцинствата.

А македонската опозиција? Кај неа ништо ново. Освен дека одлуката во Брисел била „подобрата или, поточно, помалку лошата за Република Македонија, со оглед на опциите и жестокото противење на Грција и нејзините поддржувачи на секаква временска одредница“. Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски (негова е оценката) одново е „помеѓу“: македонската „црвена линија“ му е одамна позната, таа е и „опозиционерска“, ама Груевски треба да ја дефинира и да ја запознае македонската јавност со неа:

„Господине Груевски, Вие сте премиер на Република Македонија и сите наши граѓани со право очекуваат од Вас да ги решавате проблемите, а не да им објаснувате колку Ви е тешко и кој се е виновен што не сте успеале. Затоа, уште од утре зафатете се со работа. Конечно, дефинирајте ја вашата „црвена линија“ и запознајте ја македонската јавност со неа.

За нас во СДСМ таа „црвена линија“ е зачувување на нашиот национален идентитет, односно именување на нашиот јазик и нашиот народ како македонски“.

Многу е поинтересно и позначајно што напишаа грчки весници за „случувањата“ на седницата на Советот на Европа во Брисел: дека ЕУ е длабоко поделена околу пристапните преговори на Македонија со ЕУ (што значи дека конзензусот е само „рамка“ која сигурно ќе „пукне“ во блиска иднина; во еден од последните текстови на овој блог дадов „смела прогноза“ дека токму тој ќе биде причина за нејзино „растурање“).

„То Вима“ известува дека Грција е подложена на силен притисок и оти за голем број земји- членки на Унијата членството на Македонија е фактор на стабилност на Балканот. Разединета била до тој степен што низа држави инсистираат преговорите со Македонија да започнат, а друга група бара ЕУ да се солидаризира со Грција.

„Катимерини“ е „најсвеж“- известува од Брисел дека по долги консултации е постигнат начелен договор кој ја задоволил грчката страна, бидејќи во него не се спомнува март за почнување на преговори со Македонија.

„Елефтеротипија“, пак, потсетува на еден друг проблем и на Грција и на ЕУ, а кој е во „контекстот“: во Брисел почнала битка не само за Македонија, туку и за присоединувањето на Турција кон Унијата.

6- те месеци под претседателство на Шпанија со ЕУ не се од „пресудно значење“ за Република Македонија, туку за Грција. Имено, нејзиниот ултиматум за промена на името на државата и бришење на идентитетот на македонскиот народ („црвена линија“), што не е ништо друго освен однесување од позиција на сила, како апсолутно неевропско и нецивилазциски не ќе може долго да се толерира ниту од Европа, ниту од „меѓународните фактори“ надвор од неа (тие сигурно ќе „реагираат“ побрзо). По тој период, доколку во меѓувреме не се изнајде компромисно решение, Грција и нејзините сојузници во Европа и надвор од неа ќе бидат големи губитници. Ако не и поразени „до нозе“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here