Потребно време за читање: 6 минути

Најголемата летна културна манифестација во Македонија по традиција и годинава започна со спектатуларен музички настан, иако таа одамна не е само музичка, туку, најконкретно, музичко- драмска. Можеби нејзиното 50- то издание ќе ја воспостави „нарушената рамнотежа“- да започне со исто така спектактуларна драмска или, можеби најдобро, мултимедијална претстава.

Како и да е, Енио Мориконе одамна требаше да гостува на „Охридско лето“, се разбира со посебно внимание и почит. Тоа го потврди и со вечерашниот концерт посветен на неговото богато музичко творештво во Античкиот театар во Охрид.

Вообичаено, свечениот почеток на „Летото“ секогаш се „пречекува“ со огромна посетеност не само на поклониците на музичката уметност (можеби најмалку тие на број), туку (најнапред) на политичкиот „крем“ и на „обичните“ граѓани, туристи, домашни и странски гости специјално дојдени за оваа вечер- над 3.000 во и околу театарот.

(Патем, колку за потсетување, тој не е дел од „антиквизацијата“ на Македонија, но, види чудо, на новинарските и политичките домашни и странски морони неговиот „едноставен“ назив, барем досега, не им „попречи“- не предупредиле дека со него се прави уште еден „вознемир“ на Данајската република (Грација). Зошто не бараат да се преименува „барем“ во „Театар во Македонија од античкиот период“, со што би се направило „оградување“ од минатото и контунитетот на античките Македонци?)

Постои посебна филмска музика? Токму делото на Енио Мориконе нуди многу аргументи за потврден и/или одречен одговор.

Ако постои, кои се нејзините специфики што ја изделуваат од другите? Дали е тоа нејзиниот „говор“ (со многу ефекти) или следењето и надградбата на филмското дејствие, односно е дел од филмската драматургија? Дали е доволно прецизно таа да се подведе под „применета музика“? А која музика не би можела да се примени за што било (не е ли таа тоа со самата изведба во различни ситуации и состојби)? Не е ли посоодветно да се зборува за практична примена на музиката?

Се разбира, ова не е просторот за детални теоретски елаборации, па поставениве и низа други прашања што се наметнуваат ќе ги оставам отворени (можеби во скора иднина ќе најдам време и сили макар за мал есеј на оваа тема), а само ќе подречам:

Токму „филмската музика“ уште еднаш ја потврдува универзалноста на музичкиот јазик, а во нашево денес и утре се повеќе и нејзиниот мултиемдијален карактер. Исто така, таа е и ќе биде најзаслужна за надминувањето, бришењето на ступидното разграничување помеѓу „сериозна“ и „несериозна“ односно „забавна“ музика.

Прочитај и за ... >>  Вест од Македонија за светски „Топ 10“

И самиот Мориконе го негира „филмскиот карактер“ на својата музика. Вели дека таа е апсолутна, со негов личен препознатлив печат:

„Ги преферирам сите музички видови, инаку би ми било многу здодевно. Поминувајќи од еден филм на друг, многу е позабавно, може да се експериментира, да се прави истражување. Претходното искуство оди во друг филм, меѓутоа на друг начин, останувајќи верен на истиот стил на композиторот, кој покрај различните филмови, неговата личност останува таа, непроменета“.

Познато и малку познато за него:

Енио Мориконе е роден на 10- ти ноември 1928- ма во Рим, како прво од петте деца на музичарот Марио и домаќинката Либера. Татко му свирел труба во еден локален ансамбл, така што тој инструмент била првата играчка на малиот Енио. Тој уште во 6- тата година го слушнал делото на Вебер „Волшебниот стрелец“ и оттогаш е опседнат од него. Почнува да експериментира компонирајќи ги првите дела, а веќе во 10- тата година влегува во тој ансамбл за да го замени болниот татко.

Подоцна се запишува на угледниот конзерваториум „Санта Чечилија“ во Рим, каде што предавач му е искусниот педагог Џофредо Петраси. Тој веднаш забележал дека има работа со голем талент и на колегите го претставува Мориконе со следната констатација:

„Одамна не сум имал вака надарен студент, само стек на несреќни околности треба да се случи за тој да не стане голем уметник“.

Во 1946- та година Мориконе дипломира на конзерваториумот (отсек труба), а потоа и на отсекот за оркестрација и композиција. Во 1950- та ја запознава Марија, која 6 години подоцна официјално ќе му стане сопруга. Со неа има четири деца- три сина и една ќерка.

Малку е познато дека Енио немал лесен пат до успехот. До 31- та година се борел некој да слушне за него, зашто се знае дека музичкиот свет е една затворена средина во која се неопходни врски за да се исплива од анонимноста.

Во 1959- та година тој почнува да соработува со некои филмски режисери, но и натаму нема слобода да ги претстави своите иновации, туку им е само соработник на некои композитори. Се потпишува како До Савио и Лео Николас. Трпеливо работи со италијански пејачи, наслутувајќи дека ќе се појави некој што на младиот човек конечно ќе му даде шанса да покаже што знае.

Прочитај и за ... >>  Медиумска кампања и саморекламирање

Серџо Леоне, тогаш малклу познат режисер, мака мачи да собере соработници за својот филмски проект. Има убава идеја и ишто повеќе од тоа. Замислил да сними филм со италијански каубојци (подоцна ти филмови се наречени „шпагети вестерни“), а кои ќе се разликуваат од американските, полни со стереотипи, во кои се се сведува на судир на шерифот со лоши момци и кои секогаш имаат среќен- патетичен крај, при што јунакот на филмот ги убива „bad boys“- ите и завршува во прегратките на некоја убавица (исклучок е филмот „Шејн“).

Леоне му се обраќа на својот другар Мориконе, со кој заедно одел во една римска гимназија, му нуди соработка. Енио ја прифаќа и веднаш почнува да работи. Но, проблемите околу финансирањето на филмот и натаму не се решени.

Хенри Фонда, Чарлс Бронсон и Џејмс Кобурн ја одбиваат главната улога во филмот „За грст долари“, не верувајќи во успех на еден таков зафат. Немајќи каде и што, Леоне мора главната улога да му ја довери на анонимец. Во еден бар го запознава Клинт Иствуд и му препорачува да почне да пуши томпус за да делува колку е можно поубедливо на филмското платно. Иствуд, инаку непушач, се согласува и конечно, во 1964- та година, филмот „За грст долари“ е снимен и наспроти очекувањата доживеал успех. Следната година го снимаат „За грст долари“, а во 1966- та филмот „Добар, грд, лош“ со кој на Американцитре им даваат лекција како се снимаат вистински вестерни.

Двата филма влегоа во сите филмски антологии, а нивната вредност е немерлива. Особено е интересно какви се новини внел Енио Мориконе. Компонирајќи за тој жанр, тој ја напушта традиционалната техника на американските вестерни и развива свој препознатлив стил заснован на жестоки ритми со елементи на битот. Уфрлува необични звучни ефекти (фучење на ѕвона на камшик, човечки врисоци, удар на чекан во наковална). Многумина тврдат дека поради овие маестрални теми филмската музика се дели на онаа пред и по Енио Мориконе.

Во 1969- та година се снима филмот „Беше еднаш на Дивиот Запад“ кој претставува слатка одмазда на Серџо Леоне. Оние што одбија да глумат во неговиот прв посериозен филм (Хенри Фонда и Чарлс Бронсон) одвај дочекале да ги повика за да ја поправат грешката. Дури сега виделе што изгубиле препуштајќи му ја улогата на анонимниот Клинт Иствуд. Во 1971- ва тандемот Леоне- Мориконе го снима филмот „Внимавај, експлозив“, а во 1984- та култниот филм „Беше еднаш во Америка“. Во 1989- та година големото име на светската кинематографија, Серџо Леоне, умира.

Прочитај и за ... >>  На македонскиот политички „фронт“ ништо ново

По првите успеси, Енио Мориконе продолжил да работи со уште посилно темпо. Паралелно со филмската музика пишува музика за театар, за италијански поп пејачи, симфониски и камерни дела.

Во 1969- та година, кога се појави „Беше еднаш на Дивиот Запад“ триумфира на фестивалот Сан Ремо со песната „Se telefonando“. Таа е интересна според тоа што фразите се редат една на друга без хармониски промени, што дотогаш не беше случај.

Сите кои работеле со него се согласни во едно: Мориоконе е невиден талент за оркестрација и аранжмани. Самиот има изјавено:

„За разлика од други, јас оркестрацијата ја пишувам веднаш преку партитурата, и тоа најчесто во својот кабинет- без инструменти“.

Свири на четири инструменти- клавир, труба, виолина и гитара, а најчесто компонира користејќи го клавирот. Тој е исклучително повлечен и скромен човек, кој се згрозува од разни приеми и коктел партии. Слободното време го минува играјќи шах со синот Андрео. Живее во Рим. Негова прочуена реплика е „Не, не, тоа нема ништо да промени“, а ја користи често кога некој режисер ќе му предложи да поправи музичка тема.

Изјава на Бернардо Бертолучи за филмот „Давесетти век“:

„Само Енио Мориконе можеше да пронајде таков епски акцент за филмот, беше инспириран од Верди“.

Брајан де Палма не сакал да прифати во неговиот филм „Casualties of war“ да се слушне Пановата шупелка, но на крајот бил задоволен и го замолил Енио да му прости оти воопшто се посомневал во неговите квалитети.

Енио Мориконе на вечерашниот концерт диригираше со Унгарскиот филхармониски оркестар Гјор и хорот на Македонската опера и балет. Како солистка настапи сопранистката Сузана Ригачи, а на бисот со маестрото настапи македонската обоистка Гордана Јосифова Неделковска, музички селектор на фестивалот.

Помеѓу гостите имаше многу политичари, познати имиња од јавниот живот и двајца претседатели на држави на Албанија, Бамир Топи, и на Косово, Фатмир Сејдиу.

На свеченото отворање на годинашново „Охгридско лето“, пред концертот посветен на творештвото на Енио Мориконе, во името на уметниците фестивалот го поздрави актерот Дејан Лилиќ, а за отворен го прогласи неговиот покровител, претседателот на државата Ѓорге Иванов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here