Потребно време за читање: 5 минути

Tребаше да се кренат на нозе жителите на селата Бујковци и Миладиновци, да го блокираат влезот, да не дозволат нормално работење на ОКТА- редовен дотур на нафта и мазут, да измрзнуваат со денови, да протестираат цели 9 дена, за конечно Владата на Македонија и рафинеријата да се договорат дека таа повеќе нема да ја загадува околината, нема да ги труе, да им ги загрозува животите!

Вакво нешто не може да се случи во ниедна „нормална“ држава. Во „нормалните“ (читај: правни, функционални, сериозни, стабилни, со ред и поредок итн.) таков безобразен загадувач, кој дури лаже дека не труе, дека работи според нормите, дека ги исполнува „сите услови“, веднаш се казнува и се казнува и се казнува… и се „запечатува“ се додека не се „опамети“.

Сепак е постигнат „успех“: претставниците на Владата, ОКТА и локалното население постигнаа договор. Бидејќи недовербата на луѓето е голема (лажени и игнорирани со години), протестите односно блокадите се ставени во мирување (значи не се прекинати) се до неговото целосно исполнување.

Бујковци и Миладиновци се најблиски населени места до рафинеријата, а жителите со години се жалат на загадувањето кое предизвикува зачестена појава на канцерогени и респираторни заболувања. Тоа предизвикува огромни последици врз квалитетот на воздухот и земјата во околината, нанесувајќи им ненадоместлива штета на денешните и идните генерации. Освен тоа, од рафинеријата се шири неподнослива смрдеа.

Најзагрижувачка е здравствената состојба за која не „проработува“ ниту совеста на раководството на ОКТА. Имено, бројот на заболувања предизвикани од загадување со сулфур кај децата, кои живеат во пошироката околина, е зголемен 3 до 4 пати. Мештаните велат дека можеби има и над 500 затруени деца. Се закануваат дека нема да ги пуштаат на училиште бидејќи загадениот канал минува на само 10 метри од него.

Министерот за здравство Бујар Османи најави вонредни лекарски прегледи за жителите околу ОКТА:

„Мобилни екипи ќе одат на терен во тоа село, околу рафинеријата, да ги прегледаат луѓето и да евидентираме каква е нивната здравствена состојба“.

Она што претставува вистински срам за ОКТА, а голема одговорност за властите (не само на актуелната Влада), е фактот дека пред поставувањето на десулфуризаторот рафинеријата испуштала незамисливи 30 тони сулфур дневно, што е стопати над максималните дозволени концентрации.

Прочитај и за ... >>  Опозиционерска доследност на Црвенковски

Во меѓувреме, на повик на жителите на Миладиновци дојде и делегација на Европската комисија, ја посети ОКТА, го констатира загадувањето од нејзина страна и последиците по здравјето на луѓето што живеат во нејзината околина, и оцени дека Република Македонија поради тоа ќе има проблеми при аплицирањето за членство во ЕУ.

Што е конечно договорено? Ќе бидат поставени мерни станици (донација од страна на Владата), кои ќе го мерат квалитетот на воздухот (нешто што претставува услов за работа на секоја рафинерија- пример е онаа во Панчево- Србија), чистење на одводниот канал, бесплатни здравствени прегледи за локалното население, градење на цевковод (од страна на ОКТА), но и поднесување на кривични пријави за оние кои загадувале и го дозволиле истото.

„Задоволство ми е што со претставниците на Координативното тело на претставниците на граѓаните и општината и ОКТА конечно најдовме решение за овој проблем со којшто се соочуваат жителите од Миладиновци и околните села“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер на Македонија.

Раководството на ОКТА, која е соопственост на грчката нафтена компанија „Хеленик петролеум“, со години одбиваше да ја прифати одговорноста за загадувањето. Од друга страна, пак, е познато дека уште од приватизацијата не е вложен ниту денар во подобрувањето на стандардите за заштита на животната средина, а користи застарена опрема на која и е итно потребна обемна реконструкција.

Најнова последица на лошата, дури катастрофална состојба на опремата на ОКТА е силниот пожар кој избувна деновиве, за среќа без жртви и повредени. Според луѓето кои ја блокираат, силна експлозија го осветлила небото над ОКТА, по што ги тргнале блокадите за да поминат противпожарните возила. Пожарот настанал поради експлозија на пумпа во дел каде што се дестилира нафтата. Ова на краток рок сигурно ќе предизвика застој во работата на рафинеријата, а нема сознанија и проценки што ќе значи тоа за редовното снабдување со нафта и нафтени деривати.

Потсетување: рафинеријата ОКТА е изградена во 80-тите години на минатиот век. Требало да ги снабдува пазарите на Македонија, Јужна Србија и Косово. Експертите велат дека нејзината технологија е одамна застарена и сега не може да работи, а да не загадува.

Прочитај и за ... >>  Усвоена резолуција и извештајот на Дик Марти

Што се однесува на казнувањето односно новите казни за загадување на животната средина што треба да ги усвои Собранието, а кои се повеќекратно зголемени (загадувачите ќе плаќаат глоба од 70.000 до 150.000 евра, наместо досегашните максимални 20.000), граѓаните што ја блокираат ОКТА велат дека тие нема да ја спречат да загадува.

Вообичаено, ништо во оваа држава не може, не „оди“ без политика, па сосема очекувано, но и оправдано, опозиционата СДСМ ја обвини Владата за штетните последици од договорот со кој на ОКТА и е овозможено да произведува горива со ниски квалитети. Се работи за договор што е склучен на крајот од минатата година помеѓу Владата и ОКТА, а со кој на рафинеријата и е дозволено до 2009- та година да произведува неквалитетни горива. Министерството за животна средина, пак, излезе пред јавноста со контраобвинување во кое се вели дека владите на СДСМ не направиле ништо за заштитата на животната средина, што е исто така неспорен факт.

Меѓутоа, како последица (или одговор) токму на таа „дозвола“, во април годинава настана сериозна повеќедневна криза на границата со Косово, а која со „добра волја“ на косовската страна се надмина (привремено?). Имено, Косово забрани увоз на македонска нафта, а околу 150 полни цистерни повеќе од една недела стоеја на границата чекајќи потврда на стандардот на квалитетот. Косовската страна без претходна најава ги промени еколошките стандарди за увозна нафта, кои ја елиминираа можноста за увоз на нафта која досега влегуваше на косовскиот пазар. ОКТА реагираше дека тие стандарди вредат само во две земји на ЕУ. Она што ја натера македонската Влада да реагира веднаш и да бара објаснение, односно дозвола за влез на цистерните, е фактот дека прекинот на македонскиот извоз на нафта на Косово би го пореметил целиот трговски дефицит на земјата, зашто Македонија единствено со Косово има трговски суфицит, доминантно поради извозот на енергенси. Скопската рафинерија ОКТА годишно на Косово пласира 300.000 тони гориво, вредни 200 милиони долари. Извозот на нафта е една десетина од вкупниот извоз на Македонија, а тој со ништо не може да се компензира. Тоа е и главна причина за „мекоста“ на Владата спрема ОКТА.

Прочитај и за ... >>  Македонските тинејџери се по(не)европски од европските

Во врска со спомнатиот договор:

Меѓународниот арбитражен суд во Париз по тужбата на ОКТА пресуди дека Македонија треба да и плати на рафинеријата, односно на грчката фирма „Елпет балканика“ или „Хеленик петрролеум“ вкупно 53, 4 милиони американски долари, и тоа без пресметани камати, како казна за неколкугодишното непочитување на одредбите од купопродажниот договор. Едновремено, судот донел и (само) една пресуда во корист на Македонија, а во врска со нејзината контратужба од 2004- та година, со која Грците треба да и дадат на земјава 20% од сопственоста во мешовитата компанија „Вардакс“, која беше формирана за транспорт на нафта од Скопје до Солун, и дополнителни акции во ведност од 2,9 милиони долари.

Купопродажниот договор помеѓу Република Македонија и „Хеленик петролеум“ го склучи во мај 1999- та година првата Влада на ВМРО- ДПМНЕ. Претходно, меморандумот за разбирање го потпиша тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, а параф на договорот стави министерот за финансии Борис Стојменов. Директор на Агенцијата за приватизација беше Марјан Ѓорчев, а сегашниот премиер Никола Груевски беше министер за трговија. Владата на СДСМ во 2004- та година го раскина договорот, по што следуваше тужба од ОКТА пред судот во Париз. Тогаш СДСМ поведе иницијатива за преиспитување на законитоста на договорот, а за потписниците се бараше кривична одговорност. Антикорупциската комисија не презеде конкретни мерки.

Предновогодишниот договор во врска со казната (потпишан на последниот ден од 2007- ма, што е чудно и предизвикува различни сомнежи) се однесува на порамнување на 40 милиони долари. Со него се признава одлуката на меѓународниот суд и меѓународното право, а всушност значи дозвола грчката рафинерија да продолжи да произведува горива надвор од европските стандарди до 2009- та година.

„Вешто грчко- данајско „врзување на рацете“ (немоќ ) на Република Македонија? Да, но сепак привремено и не на сите.

Анонимна група на автори, мотивирани од проблемите со загадувањето и блокадите на жителите на Миладинвоци и околните населени места, креирала сатиричен web- сајт на непостоечката туристичка агенција OKTA Village Travel, која нуди „загадувачки туризам“, наведувајќи дека рафинеријата е атрактивна дестинација, под мотото „OKTA Village– место за нови живописни искуства“.

Посетете ја www.oktavillagetravel.com.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here