Потребно време за читање: 5 минути

Северна Кореја и се закани на Јужна Кореја со војна доколку им се приклучи на САД во пресретнувањето на бродови кои носат оружје за масовно уништување. Заканата уследи откако јужнокорејските медиуми известија дека Пјонгјанг, соочен со меѓународни санкции поради нуклеарната проба што ја изведе на почетокот од неделата, повторно ја пушти во погон постројката за преработка на плутониум:

„Секоја непријателска акција против нашите бродови, вклучувајќи пребарување и заплена, ќе биде сметана за непростливо загрозување на нашиот суверенитет и веднаш на тоа ќе одговориме со воена сила“, изјави портпаролот на војската, а пренесе официјалната севернокорејска агенција KCNA.

Развој на ситуацијата:

Северна Кореја ноќеска, и покрај предупредувањата на меѓународната заедница, тестираше уште една ракета од краток домет од својот источен брег, јави јужнокорејската новинска агенција Јонхап. Вчера, пак, Пјонгјанг тестираше две ракети од краток домет, откако во понеделникот е изведена втората подземна нуклеарна проба и тестирани ракети. Портпаролот на севернокорејската војска изјави дека земјата веќе не е должна да ја почитува спогодбата за примирје, потпишана по завршувањето на Корејската војна 1950- 1953- та, зашто Вашингтон ги прекршил своите обврски како потписник на таа спогодба кога го наведе Сеул да и пристапи на Иницијативата за безбедност на профилацијата, пренесе Ројтерс.

Имено, Јужна Кореја вчера соопшти дека одлучила да се приклучи на Иницијативата, што ја покрена администрацијата на поранешниот американски претседател Џорџ Буш. Земјата досега имаше статус на набљудувач во програмата во која се пресретнуваат бродови за кои постои сомневање дека носат оружје за масовно уништување. Таа е 95-та држава што се приклучува. Како што пренесе Ројтерс, севернокорејската нуклеарна проба предизвикала стравувања дека Пјонгјанг би можел да им продаде оружје на други земји или организации.

Пјонгјанг претходно го предупреди Сеул дека таквиот потег ќе го смета за објава на војна. Во соопштението се додава дека „империјалистите“, мислејќи на Американците, и „предавниците околу јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг- бак“ го довеле корејскиот полуостров на работ на војна.

Односите помеѓу двата соседа се влошија откога на власт во Сеул дојде Ли Мјунг- бак во февруари 2008- ма. Северна Кореја го смета за предавник.

Повикувајќи се на неименувани извори од владата, јужнокорејските медиуми објавија дека американски сателити за надзор регистрирале пареа од еден дел од комплексот, кој се наоѓа на 80 километри северно од Пјонгјанг, што значи дека нуклеарната постројка Јонгбјонг е повторно пуштена во работа. Во Јонгбјон, од 80- тите години на минатиот век, работи единствениот нуклеарен реактор во државата со моќност од 5 мегавати. На 14– ти април Пјонгјанг предупреди дека ќе го рестартира во знак на протест поради меѓународните критики од истрелувањето ракета за која Западот тврди дека била балистичка, а Пјонгјанг дека бил лансиран сателит. Таа е изградена во времето на СССР, а демонтирана минатата година во согласност со мултилатералниот договор за разоружување во замена за помош.

Прочитај и за ... >>  Климата го возвраќа ударот

Се верува дека Северна Кореја веќе сега има доволно плутониум за да произведе барем 6 атомски бомби.

Истовремено, Џејмс Џоунс, советник на американскиот претседател за национална безбедност, предупреди дека Северна Кореја може да продаде или да предаде свои нуклеарни технологии на други држави.

Портпаролот на Ијан Кели синоќа изјави дека американската државна секретарка Хилари Клинтон работи на тоа меѓународната заедница да и пренесе силна порака на Северна Кореја дека, доколку не го промени курсот, „ќе плати“ за патот на кој сега се наоѓа. Тој наведе дека Вашингтон останува отворен за продолжение на тн. преговори на шест нации (САД, Русија, Јапонија, Кина и двете Кореи) во текот на кои Пјонгјанг во 2005- та прифати да се откаже од сите свои нуклеарни програми. „Вратата останува отворена“, потенцира американскиот портпарол коментирајќи ја можноста Северна Кореја да се врати на преговарачката маса.

Претседателот на Русија, Дмитриј Медведев, ја осуди Северна Кореја поради подземните нуклеарни проби. Во телефонскиот разговор со претседателот на Јужна Кореја Ли Мјун- бак, Медведев истакнал дека Северна Кореја ја крши резолуцијата 1718 на Советот за безбедност на ОН, како и нормите на меѓународното право, и оти тоа води кон директен пораст на напнатоста.

Руската агенција Итар- тас пренесе дека Клинтон разговарала со рускиот колега Сергеј Лавров и ја истакнала неопходноста од „брз и единствен одговор на провокативните акции на Северна Кореја“.

Лавров изјави дека Русија смета оти „не треба да се казнува само поради казнување“, туку да се разработат мерки кои би придонеле за неширење на нуклеарното оружје и да се најде пат за обновување на 6-страните преговори. Тој оцени дека не носи само Северна Кореја свој дел од вината затоа што тие запреа пред неколку месеци, додавајќи дека е потребно да се создадат услови за негово обновување.

Прочитај и за ... >>  Економската криза допрва ќе се продлабочува

Советот за безбедност на ОН ги осуди нуклеарните проби во Северна Кореја и одлучи да подготви нова резолуција во врска со нуклеарните активности на Пјонгјанг. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун порача дека Северна Кореја мора да се врати на преговорите за спорната нуклеарна програма.

„Имаме иста цел, а тоа е јасно и недвосмислено да покажеме дека акциите на Северна Кореја не се во согласност со интересите на регионалниот мир и стабилноста“, им изјави на новинарите американската амбасадорка во ОН, Сузан Рајс, по состанокот со своите колеги од Русија, Кина, Франција, Велика Британија, Јапонија и Јужна Кореја.

Резолуциојата би можела да биде усвоена до крајот на неделава, а со неа на Пјонгјанг би требало да му бидат засилени санкциите.

Американското Министерство за финансии исто така го разгледува воведувањето на додатни санкции против Северна Кореја.

Поради нуклеарните проби Бразил го одложи отворањето на своја амбасада во Пјонгјанг, а амбасадорот останал во Пекинг. Бразил требаше да биде првата јужноамериканска држава која ќе има амбасада во Северна Кореја.

Претседателот на САД Барак Обама остро ја осуди Северна Кореја, наведувајќи дека е неопходен одговор на САД и меѓународната заедница. Нуклеарните и балистичките активности на Северна Кореја „претставуваат сериозна закана за мирот и безбедноста во светот, затоа тоа остро го осудувам“, рече тој во кратката изјава во Белата куќа. Активностите на Пјогнјанг „ја загрозуваат безбедноста на народите во североисточна Азија. Тоа претставува флагрантно кршење на меѓународните закони“.

Претставникот на јапонската влада, Такео Кавамура, истакна дека неговата земја смета дека лансирањето на ракети е предизвикување на Советот за безбедност на ОН:

„Се чини дека Северна Кореја ги смета санкциите за неправедни, како и изјавата на претседавачот на Советот за безбедност и бара Советот за безбедност да и се извини. Се чини дека таа погрешно го толкува расположението на меѓународната заедница“, наведе тој.

Во соопштението од Кабинетот на британскиот премиер Гордон Браун се вели дека меѓународната заедница ќе постапува спрема Северна Кореја како спрема партнер доколку се однесува одговорно, а во спротивно може да очекува само целосна изолација.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана, смета дека е потребен одлучен одговор на меѓународната заедница. ЕУ ќе биде во контакт со партнерите поради договор за соодветни мерки.

Прочитај и за ... >>  Час поскоро вонредни парламентарни избори во Македонија!

Потсетување:

Поради острата поларизација помеѓу комунистичка Северна Кореја и демократска Јужна Кореја, корејскиот полуостров има долга историја на употреба на воени сили како средство на политички притисок.

Северна Кореја одржува една од најголемите армии на светот. Со вкупен број на население од нешто повеќе од 20 милиони луѓе таа има повеќе од 7 милиони активни и резервни војници. Поради тоа земјата ја нарекуваат „земја на касарни“. Јужно од демилитаризираната зона што го пресекува полуостровот, Јужна Кореја, со околу 48 милиони жители, има 670.000 активни припадници на одбранбените сили и 2 ипол милиони резервисти. Освен тоа, САД имаат 28.000 војници стационирани во земјата. Силите на ОН, предводени од САД, се бореа на страната на Јужна Кореја, по инвазијата од север во 1950- та година. Освен тоа, во соседна Јапонија се стационирани околу 70.000 американски војници, како и уште десетици илјади на Хаваи и на американскиот западен брег кои би можеле да помогнат во случај на напад од страна на Северна Кореја.

Северна Кореја смета дека присуството на американски трупи егзистенцијално го загрозува нејзиниот опстанок, без оглед што САД ветиле дека нема да го нападнат север.

Во текот на изминатите 6 децении помеѓу двете Кореи повремено доаѓаше до насилство. На пример, поморските сили на двете земји се судрија неколку пати долж морската граница, западно од полуостровот.

Многумина аналитичари укажуваат дека поради сиромашната економија на армијата на Северна Кореја и недостасува модерно вооружување. Од друга страна, Јужна Кореја, една од поголемите економски сили на светот, има добро опремени одбранбени сили, способни да употребат најново високотехнолошко оружје.

И покрај воените закани на Пјонгјанг, познавачите на корејската беезбедноста ситуација предвидуваат помал број на слични судири на зборови во наредните месеци, но ништо посериозно од досегашните. Тие тврдат дека што било друго би било мошне ризично за Пјонгјанг.

Сепак, сиромаштијата, гладта, чувството на загрозеност и успехот на нуклеарно- ракетните проби можат да предизвикаат желба за „решавачка битка“.

Иако борбите престанаа во 1953- та, Северна Кореја никогаш не потпишала мировна спогодба, па според тоа официјално е се уште во војна со Јужна Кореја.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here