Партиското дејствување

Не ми е познато дали нашите политички партии го планираат, осмислуваат и реализираат своето континуирано дејствување на политичката сцена според глобални или одделни (посебно разработени) стратегии и тактики. Меѓутоа, судејќи според она што го нудат, се чини дека на тоа посветуваат најмало, повеќето од нив дури никакво внимание.

Просто зачудува безидејноста во промовирањето на своите програмски заложби и конкретни акции, а за некои новитети во формата и содржината на нивниот настап пред јавноста не може да стане ниту збор. Мислам на политичкиот маркетинг.

Тој е составна компонента на секојдневната партиска активност, а особено во однос на позиционо-опозиционерската „рововска“ битка. И за него во нивните редови како да нема ниеден специјалист, па на пример предизборните кампањи им ги препуштаат на специјализирани маркетинг агенции. Се разбира, не велам дека така не треба, дека тоа не е добро. Напротив. Но тврдам дека тоа е една од причините поради кои тие агенции досега им продадоа и „бофл стока“ или „мачки во вреќа“,  и тоа во не мала мера.

Сечие партиско дејствување, на партија или поединец-лидер или член, е пред сѐ „повеќенаменско“, а потоа и содржински „плурално“. Впрочем, политичкиот, поточно партискиот плурализам и не е друго, освен заложби различни во „нијанси“ и различен однос спрема граѓаните-гласачите-електоратот. Во едно граѓанско демократско општество е сосема нормално да нема суштинска разлика во политичките платформи-програми и заложби за уредувањето-системот и функционирањето на правната држава (нагласка на социјал-демократските, либералните, националните; експертите веќе утврдиле дека и во тоа се прилично измешани „лончињата“).

Дејствувањето на нашите партии е насочено и кон медиумите, што е сосема погрешно бидејќи тие се користат не како креатори на јавното мислење, туку како средство за наметнување на јавноста. Дури мошне агресивно,  со често преминување на пристојноста и достоинството.

Партиското дејствување на теренот е сосема друга тема.

Нешто конкретно: дали можете да се сетите на друг начин односно друга форма, па и содржина на настап на нашите политички партии пред јавноста, освен на прес-конференции и соопштенија?

Во последно време забележуваме и организирање на конференции, трибини, дебати на одделни теми (со ангажирање и на непартиски домашни и по некој странски експерт), спонзорирани од странски фондации кои, пак, кај јавноста не предизвикуваат некој особен интерес, ниту постигнуваат поголем ефект.

Не ми е познато дека некој правел какво било истражување за соодносот или поточно обусловеноста на рејтингот на политичките парти и политичките личности и формите и содржините на дејствувањето во континуитет. Без предизборниот период,  во кој тоа дејствување е мошне интензивно, но, ќе повторам, „стандардно“. Меѓутоа, сметам дека не е тешко да се аргументира заклучокот оти рејтингот е таков каков што е, меѓу другото, и поради отпор односно здодевност од едно те исто. Без никаква нова идеја, без никаква свежест во постојните секојдневни активности.

Би можел да наведам бројни идеи кои би го „разнишале“ утврдениот стандард, дури и на секојдневното однесување (имиџот), а пред сѐ би предизвикале внимание, љубопитност, интерес. Тоа нема да го направам затоа што, како што е познато, во полит-бизнисменскиот свет (а нашиов е, нели, таков) најскапа е идејата.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *