Политичката комуникација

Таа настанува во воспоставувањето на односи помеѓу власта и политичката јавност односно помеѓу политиката и цивилниот сектор на општеството. Притоа, политичката јавност треба да се разбере како групирање на критички настроени и комуникациски активни поединци и групи. Делотворната политичка комуникација тече според однапред дадени-создадени канали и со активност на одделни општествени институции, кои се наменети за јавно и масовно комуницирање-масмедиумите.

Во процесот на политичката комуникација учествуваат три страни: актерите на власта, медиумите и граѓаните, односно политичката јавност. Во современите општества е типично моќта да се врзува за некое одредено место или институција, како што има многу општествени места и установи без моќ. Како по правило, таквата „судбина“ најчесто ѝ се случува на политичката јавност, значи токму на оној домен во кој начелно е можен слободен пристап за сите граѓани.

Не постои ниеден вид на политика кој наедно не претставува комуницирање. На пример, комуникацискиот чин е изразување на поединечна волја со уфрлување на ливче во изборна кутија; тоа е исто така парламентарната дебата кога „претставниците на народот“ комуницираат за да се направи добар закон или да се донесе политича одлука; конгресите, митинзите, демонстрациите и манифестациите на партиите, синдикатите или општествените движења, се исто така форми на политичко комуницирање. Може да се каже дека комуникацијата е во сржта на политиката кога се прави обид неизбежниот конфликт на интереси да се разреши на мирен начин, а тоа значи со разговор, преговори или договор. Ако решението се бара или се наметнува со сила, истовремено се дерогирани и политиката и комуницирањето, па може да се рече дека таму кајшто престанува политичкото комуницирање, почнуваат војна и бунтови.

Однесувањето на политичките актери во политичкото комуницирање лесно може да го откријат нивните својства. Начинот на кој им се обраќаат на граѓаните и медиумите ги открива колку нивните внатрешни, демократски капацитети, толку и дефицитите. Политичките актери мошне често ги маскираат своите гледишта и своите интереси во убави зборови или на луѓето прифатливи симболи. Јавно, тие „емитираат“ лажни симболи, формули и зборови за да влезат во преговори и договори со идеја дека, ако не го кажат искрено она што го сакаат, што им е интерес, ќе успеат да ги надмудрат или измамат другите политички субјекти. Затоа политичкиот дискурс, особено во средините со ниска политичка култура, е загаден со големо присуство на еуфемизми и лаги, а пати од хронично отсуство на дијалог.

По целосна политичка комуникација, која, повторувам, ги вклучува сите три страни (власта, медиумите и граѓаните), можно е да се постигне консензус за одредено прашање или проблем. Некоја помалку јавна и недоволно опфатна политичка комуникација може да доведе до создавање на јавна согласност- ublic consent, но таа е многу понестабилна и привремена состојба.

Хроничниот дефицит на демократски потенцијали и намери во политиката остава трага и на реториката на политичката комуникација. Нејзиниот јазик врие од нејасни и туѓи зборови. Едно од објасненијата е дека политичките „играчи“ сметаат дека така можат себеси да се претстават како попаметни, поумни или помистични. Како помистични изгледаат и недопирливи за обичните граѓани, Со други зборови, ако својата работа ја претстават со неразбирлив јазик, тогаш изгледа како необично стручна, како нешто што обичниот човек никогаш не би можел да ја врши, дури и кога би добил некоја политичка функција.

Валидна, содржинска, квалитетна политичка комуникација се остварува со високо ниво на политичка култура. Нејзиното стекнување е бавен и долготраен процес, затоа што се многу фактори „во игра“: од домашно воспитување, социјализација, образование, традиција, но и примери од околината. Со се послободниот проток на стоки, услуги и идеи, расте и свеста за тоа дека постои и поинаков политички живот.

Во споредба со Европа и светот, кои се свртени кон отвореност и интеркултуралност, нашата политичка култура е сѐ уште анахронизам.

Политичката комуникација од која апстинираат граѓаните е јасен знак дека владеењето во која таа се одигрува не е добро.

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *