Политички нудизам

Нудистичкото движење во светот веќе не е популарно како порано, а во нашава земја воопшто и го немаше (и покрај езерските и планинските услови). Не само на нудистичките, туку и на плажите за „полуоблечени“ во светските туристички земји, во текот на летото (но и пред него и по него) можат „нормално“ да се видат како „рамнодушно“ се шетаат, пливаат или се сончаат угул голи туристи (многу почесто полуголи-женските „топлес“, машките…).

Сосема е нормално што брзо изгуби на популарноста, ако се има предвид одамна потврдената вистина дека на очите им се интересни облечените само додека не се разголат, и тоа до „предмасовната“ фаза.

Меѓутоа, за разлика од светот, развиениот, полуразвиениот, а богами и неразвиениот (позаостанатиот од нас), во нашава земја во последниве годиини мошне интензивно се развива еден необичен, според многу нешта специфичен, наш нудизам: политички. Тој развој, сум забележал, се интензивира правопропорционално (не обратно) со развојот на демократијата, а во нејзини рамки особено со развојот на свеста на граѓаните дека вината за нивниот статус ја сносат исклучиво политичарите и од позицијата и од опозицијата.

Бидејќи тој статус е сѐ понезавиден, веќе за никаде, политичарите, сакале-не сакале, мораат да се разголуваат сѐ повеќе. Во спротивно, тие-граѓаните ќе ги разголат, што му доаѓа на исто. А зошто им е потребно тоа? Зарем им се поинтересни разголени односно угул голи?

Суштината на проблемот не е во „интересноста“, туку во процесот на разголувањето. Тој трае долго, дури предолго. Мнозина се од поодамна угул голи, ама „клучните“ никако да го завршат разголувањето-соблекувањето. Затоа, најверојатно граѓаните наскоро ќе бидат принудени да преземат конкретна акција: тие да ги соблечат до гола кожа, па да ги изложат на македонското сонце, и покрај опасноста оти можат да поцрвенеат односно „од место“ да изгорат, со што ќе им се ускрати можноста да фатат убав, црн тен. Од проста причина што македонското сонце е мошне силно во летните месеци. Во поголемиот дел од денот многу долго стои високо.

Почна разголувањето? Па, да, иде лето! Ама мене лично ич не ми се допаѓа што нагло пораснаа температурите дниве. Ко да веќе почна годинашново лето. А се знае кога почнува, мислам календарски.

Иако некои најавуваа, некои од нас се надеваа, од „некаква“ пролет одамна нема ништо. Што од горештиниве, што од трудењево, „горниве“ почнаа да се разголуваат пред нас, па ми иде дури и да ги сожалувам.

Сѐ повеќе сум сигурен дека со календарското почнување на летово ќе почнат да ни се покажуваат угул голи.

Сте чуле за политички нудизам? Ако не сте чуле, еве да се потрудам да ве запознаам со неговите основни карактеристики:

Најнапред, како што пишав погоре, тој според многу елементи може да се нарече специфично македонски. Не само затоа што го „упразнуваат“ нашиве „горни“ (па и „средните“ и „долните“, особено последниве), туку и поради докажаното бесрамие такви-угул голи да им се покажуваат на странците кои, нели сте забележале, ни доаѓаат секогаш комплет облечени. Некои злобни сатиричари (кои на „врвните“ политичари им предизвикуваат големи главоболки) тврдат дека и машките и женските секогаш, кога ќе им се укаже прилика за тоа, се местат пред нив, поточно секогаш им се наоѓаат за одзади (нивна омилена пејачка фраза: „Со симнати гаќи и опинок в глава“).

Втора негова специфика е што самите нудисти воопшто не се гледаат голи помеѓу себе, туку напротив, дури се трудат да ги убедат граѓаните, особено членовите и симпатизерите на нивните партии дека се облечени по (и пред) последна мода, во облеки и обувки (па и друго, на пример, накит и сл.) на познати светски модни брендови.

А главната и мошне проблематична специфика на политичкиот нудизам е неговото времетраење. Имено, судејќи според покажувањето и докажувањето, очигледно е дека тој допрва ќе ја доживее својата кулминативна точка. Тоа допрва може да биде многу скоро. Не затоа што нашите политичари решија конечно да излезат пред граѓаните-гласачите угул голи, без срам и перде, туку оти на граѓаните-гласачите се чини дека им пука пред очи, па веќе немаат трпение да го гледаат нивното перманентно разголување, без намера конечно да го зарвшат со што и тој-политичкиот нудизам, како сѐ друго во модерниот свет, конечно ќе стане демоде.

Да не заборавам на уште нешто, всушност најважно:

Политичкиот нудизам (посебно нашиов, македонскиов) е најнепосредно, речиси директно, со папочна врвка поврзан со декриминализацијата, декорумпиранизацијата и други слични „де…“ кои го прават масовен.

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *