Политичкиот говор

Секој говор е индивидуално препознавање. Во крајна консеквенца тој ја инаугурира личноста во комуникацијата, ги дефинира нејзиниот систем и содржина, па и нејзината улога, нејзиното функционирање во вредносна смисла. Ја афирмира мислата, промислата, целта. Го претпоставува конкретниот ангажман, ја докажува личната определба.

Секој говор-говорот на културата, на критичката размисла, говорот на секојдневната кореспонденција, си има свои норми, сопствен вокабулар, свое препознавање.

Во едно политичко плурално милје говорот на индивидуата ја определува нејзината политичка ориентација, нејзиниот сознаен политички потенцијал. Тој е всушност обраќање кон јавноста, кон политичките истомисленици и противници, но и изграден став за одреден политички проблем и конкретен ангажман. Зависи од многу нешта, а најмногу од политичката култура на секој homo politicus.

Можно ли е во нашава ситуираност да се диференцираат спецификите на сечиј политички говор и, во тој контекст, на сечиј конкретен политички ангажман? Мошне тешко прашање за одговор, со оглед на не докрај дефинираните политички определби и на индивидуален и на колективен план. Рецидивите од минатото се сѐ уште присутни, сѐ уште ненадминати.

Имено, и кај позицијата и кај опозицијата, во нивните платформи и програми, лесно се препознаваат елементи на социјалистичкото, поточно соц-реалистичкото, најмногу самоуправното „разбирање“ на нештата (на пример, на корпоративноста во бизнисот). И во терминолошка смисла промените и разликите тешко се воочуваат. Најприсутен и во настапите, и во однесувањето, и во акцијата, се разбира и во политичкиот говор, е популистичкиот речник кој ги редуцира, ги упростува, па дури и ги конфронтира со нормите на современиот, „западно развиениот“ политички говор (терминот „капиталистички“ ретко може да се сретне во него).

Конкретно, употребата на некакви метафори, кои се во суштина најчесто небулози, го сведуваат севкупниот настап на индивидуата на сопствена карикатура. Наместо да го богати и поедноставува, тој го осиромашува до степен на празна фразеологија, на бесцелна јазична акробатика.

Во нашиот Парламент најчесто слуша(в)ме како „се поставува прашањето“, како вулгарно, навредливо се делат „епитети“, се лепат „етикети“, како се напаѓа без аргументи.

Сепак, основното во нашиот сеприсутен политички говор, кој не излегува од рамките на основнотно непознавање на нештата, е некултурата (може да се изедначи со ароганцијата и агресивноста), пред сѐ како „најмоќно оружје“ против аргументот. За некаква аналитичност во согледувањето на прашањата и проблемите што се поставуваат, за некаква логична промисла, тешко може да стане збор (секоја чест на исклучоците), а посебно кога се работи за тн. импровизација, „слободното говорење“ кое не е ништо друго, освен неподготвеност и некомпетентност.

Секој може да каже сѐ и да говори секако, па и во политиката. Но треба претходно да се научи, да се знае кога и како се кажува и говори. За да се одбрани достоинството на сопствената личност. Над сѐ.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *