Потребно време за читање: 2 минути

(28.02.2008.)

Може ли да се води успешна политика без лаги и измами? Го нагласувам водењето, а не практицирањето на политиката, имајќи го притоа предвид ставот на некои учени дека политиката е вештина на владеење воопшто, а особено со луѓе, групи-маси, народ.

Практицирањето на политиката, пак, претставува акција (неретко, особено кај нас и манипулација), а не „политизирање“. Притоа, лагите и измамите или не поминуваат или брзо се откриваат со предвидливи последици.

Водењето политика не значи конкретно дејствување. Дури, може да се рече дека тоа е еден вид на подготвителна фаза или вовед во практицирањето-освојувањето на власта односно владењето. Значи, лагите и измамите се единствено „врзани“ за водењето политика. Може ли без нив?

Многумина ќе речат: може, ама не кај нас, имајќи ги предвид и поблиското и подалечното „гласачко“ минато. Оние што го тврдат тоа, мислат токму на предизборниот период во однос на ветеното и она што потоа (откако ќе се победи, ќе се освои власта) се остварува, реализира. Ако им се спротивставиме со фактот дека и во најрзавиените демократски земји ветувањата, односно лагите и измамите во текот на предизборната кампања се „нормална работа“, тие одговараат со „Да, ама не во толкава мера како кај нас“.

Прочитај и за ... >>  Ах, таа транспарентност!

Предизборните политички лаги и измами воопшто не се „опасни“. Напротив, токму во развиените демократии тие служат за „политичка игра“ со гласачкото тело, како и за вербална битка со политичките противници. Во таа битка победува (што не значи дека ја освојува власта) оној чии лаги и измами се „поуверливи“, „пореални“. Кај нас политичките лаги и измами стануваат се повеќе проблем за „победниците“. Не затоа што на нив се помалку им се верува.

Со развојот на демократијата и изборните процеси наивни и недоветни (ќе) има сѐ помалку на број. Стануваат проблем затоа што мора да бидат сѐ повеќе „уверливи“ и „реални“, а тоа значи и пообврзувачки. Всушност, проблем се бидејќи сѐ помалку станува збор за лаги и измами, а сѐ повеќе за она што единствено треба да бидат: заложби, програми, решенија.

Едно мое предвидување: во секоја нова предизборна кампања во Македонија ќе слушаме малку или воопшто нема да слушаме ветувања (како лаги и измами кои ќе „овозможат“ манипулација по „победата“), а сѐ повеќе за „досегашни успеси“ (и на сегашната власт и на опозицијата). Значи, многу повеќе „отчет“, „извештај за сработеното“, и тоа како основа, залога за оправдано барање на нова доверба кај електоратот.

Прочитај и за ... >>  Авионски трагедии без последици за авиобизнисот

Или, како што веќе имавме дури крајно неинвентивни, дури ќе речам дилетантски предизборни пораки: „Да продолжиме заедно“. Може, нема проблем, само ако досега (и до изборите) сработеното „во доволна мера“ нѐ ослободило/ќе нѐ ослободи од политиката.

Да не заборавиме заедно со големиот Жан Пол Сартр дека целта на политиката е да нѐ ослободи од политика. Во име на граѓанското општество, на граѓанинот, на почитувањето на неговата личност, на одбраната на неговото достоинство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here