Политичкото квазилидерство

Ако не му се застане на патот, ако навреме не се открие и не се отфрли, политичкото квазилидерство може да заведе, може да ја мобилизира деструктивноста кај поединецот и масата, па да предизвика дури трагични последици.

Граѓанските војни обично се планираат и подготвуваат во главите на политичките квазилидери за кои, во остварувањето на личните амбиции, интереси и цели, смртта е само неизбежна бројка на „храбри“ животи. Тие се подготвени без никаква грижа на совеста и најмал инцидент да го искористат за разгорување на страстите, омразата и агресивноста.

Случајот од пред повеќе години на едно балканско пазариште наместо да го протолкуваат и прифатат како дел од борбата против шверцот, против криминалот, за жал со трагични последици, а со што би ја потврдиле сопствената заложба за правна држава и за сожителство, тие-политичките квазилидери го искористија за најотворен повик на меѓунационален судир, на војна, со јавни изјави и ноторни лаги од кои, сигурни сме, им се креваше косата дури и на чесните членови и симпатизери на партиите што ги водат. Нешто за што во една правна држава веројатно и би се одговарало пред законот, како антидржавно, непријателско дејствување.

Политичките квазилидери наоѓаат плодна почва за своето дејствување кај маси и поединци со ниско културно, цивилизациско, интелектуално ниво. Профилирани личности, силни индивидуи не можат да бидат заведени од нив, од нивната валкана фразеологија и помрачен ум.

Политичките квазилидери секогаш наоѓаат нерешен или дури нерешлив проблем за да го наметнат како судбински за националниот опстанок. Наместо да работат на културната и духовната еманципација на сопственото членство во достасаните цивилизациски рамки, тие манипулираат со него, го туркаат во хаос, во анархија, и тоа со систем на партиско организирање во кое владеат строги односи на супремација и субординација, во кој „цврстата рака“ не дозволува ниту најмал приговор, а камо ли слобода на мислата како основно демократско право во плуралистичкиот свет. Ако некој се противи, ако е некој против таквиот систем, се прогласува за предавник, дури за непријател на сопствениот народ.

Мои пријатели од блиското минато, па и од сегашново време, уверен сум, ќе најдат сили во себе, ќе ја разбудат сопствената свест и совест, и ќе се ослободат од сопствените политички квазилидери. Со сопствениот индивидуалитет, со својата личност и своето дело. И уште еднаш ќе го потврдат своето искрено пријателство со мене и кон мене, сосе заложбата за сожителство на овие наши простори. Не верувам дека се заведени до степен нивните политички квазилидери да можат да манипулираат со нив како знаат и умеат, да не можат да се препознаваат себеси.

Знам дека нема да чекаат, нема да дозволат времето да ги премолчи, па брзо ќе ги отфрлат од сопствените редови. Знам дека мои пријатели од блиското минато, па и од сегашново време, нема да дозволат да живеат покрај нас во опсадна состојба. Исто како без нас.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *