Потребно време за читање: 6 минути

Дали сте прочитале- чуле виделе некаде во светот, во минатото и денес да има(ло) адолесцентна, недозреана, незрела држава? Се разбира не. Ниту имало, ниту ќе има, ниту може да има таква во иднина. Дури и во симболичка смисла, како недооформена, несигурна, небезбедна, привремена.

Сепак има. Денеска разбрав(ме) дека до овој ден сме живееле токму во таква, ама отсега живееме во нормална, што ќе рече држава со сите нишани, како секоја друга, пред се полнолетна?! Се разбира, тоа значи дека пред се оние што ја водат, што владеат со нас, до денеска биле малолетни, а на овој ден го положиле „испитот на зрелоста“ (нема промашување- дека некој ќе „падне“), но и ние, нејзините граѓани.

Каква ступидарија!

Бидејќи долго време се занимавам со поетскиот (и прозниот) говор, секојдневно „баратам“ со симболи и метафори, можам мошне „стручно и комептентно“ (во наводници оти не треба да се биде ептен таков) да тврдам дека ниту во „најопшта“ смисла „полнењето“ на 18 години не симболизира полнолетство или некаков „заокуржен“ период, а особено не на „меѓудржавно“ односно „светско“ ниво. Денес го има изгубено симболичкото значење дури и Денот на полнолетството, од проста причина што границата помеѓу адолесцентниот период и зрелоста на личноста, во која било смисла, а особено „сексуално- психолошката“, е одамна поместена под 18 години.

Меѓутоа, кога станува збор за Република Македонија, за мојава- нашава држава, судејќи според „назнаката“ на денешниов ден (не само од медиумите- новинарите), таа досега го минувала токму адолесцентниот период, „созревала“ (и ние во неа и со неа), а отсега, од денеска стапува на меѓународната сцена како „зрела“, полнолетна! Никако не можам да си простам на заблуденоста дека во сиве изминати 18 години сум живеел, дејствувал, работел во самостојна, суверена, независна, пред се „зрела“ односно сериозна држава, а со мене владееле зрели, полнолетни и одговорни ( таа- одговорноста е во темелот на полнолетството) политичари, јавни и тајни административци, шефови, директори, па и полит- бизнис олигарси.

Добро, се согласувам, „шубе“ ми е привремената референца ПЈРМ (ептен привремена!), бидејќи значи дека и државата така именувана „автоматски“ е привремена, ама од друга страна е добро познато (им е познато и на оние во ЕУ и НАТО и на Атина) дека 125 земји ја признаа под уставното име- Република Македонија, што ќе рече дека и ја признале „полнолетноста“ пред овој „пресвртен“ ден. Денеска Република Боцвана, најголемиот извозник на дијаманти, сместена на југот на Африка со приближно два милиона жители, се „запиша“ како 126-та земја која го стори тоа (помеѓу нив и 3 од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија и Кина). Коминикето, како што соопшти Министерството за надворешни работи, го парафирале шефовите на мисиите на двете држави при Обединетите нации во Њујорк, Слободан Ташовски и Чарлс Нтваге. Двајцата амбасадори потпишале и заедничко писмо, упатено до генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, со кое тоа се доставува и се замолува тој да го дистрибуира како официјален документ на ОН до сите земји- членки. (Минатиот месец Република Македонија воспостави дипломатски односи под уставното име и со Принципатот Андора.)

Прочитај и за ... >>  По катастрофалниот земјотрес на Хаити

(Патем, се уште многумина не разликуваат одбележување на датум или настан од прослава, па велат дека државава одбележува 18 години од успешно спроведениот референдум, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава (како малолетни или полнолетни?), но и дека ги слави односно го прославува денов. Што и не е којзнае колкав грев. Всушност, имаат право ако се прифати „испитот на зрелоста“. Значи, се одбележуваат 18 години, но и се слави полнолетство!)

Да остане забележано и од мене:

Денот на независноста на Република Македонија се одбележа „свечено и манифестационо“. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски вчера приреди прием во Парламентот, а вечерва во Македонската опера и балет се одржа свечена академија на која се обрати шефот на државата Ѓорге Иванов.

АРМ традиционално го одбележа денов со почесна стрелба на 10 плотуни од 12 артилериски орудија во касарната „Илинден“ во Скопјe, a во Охрид се одржа Вториот воен атлетски маратон.

Македонските иселеници во Канада првпат годинава, по повод Денот на независноста, организираа манифестација „Кревање на знамето“. Пред Парламентот на Онтарио во Торонто цел ден се вее македонското знаме, на јарбол висок 15 метри.

„Мало“ потсетување:

Убедливо мнозинство- над 95% од граѓаните што излегоа на референдумот на 8- ми септември 1991- ва година, позитивно одговорија на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. На референдумот му претходеше Декларација за независност, која првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25- ти јануари истата година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати, на 18- ти септември 1991- ва во Собранието на Република Македонија. Следен важен чекор во зацврстувањето на државата (не полнолетството!) беше усвојувањето на новиот Устав, на 17- ти ноември таа година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија е и ќе остане бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. 10 години подоцна, по конфликтот во 2001- ва и потпишувањето на Рамковниот договор, Уставот беше надополнет.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Прочитај и за ... >>  Македонски музички „евродилетантизам“

Меѓународно- правниот субјективитет на државава дефинитивно беше потврден на 8- ми април 1993- та година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации Македонија беше примена за 181- ва полноправна членка на светската организација. Поради противењето и притисоците на Данајската република (Грција), која не го прифаќа името Македонија, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца „Поранешна југословенска Република Македонија“. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори односно преговори (и едното и другото!) за решавање на проблемот, а кои се уште траат.

Но, ај да не бидам премногу „тврд“, некој ќе рече „буквалист“ ( а не „симболичар“ или „метафоричар“), па да го прифатам денов (овој ден, денеска) како „Ден на полнолетството на Република Македонија“. Дали таа навистина од денеска е полнолетна

Мојот колега Александар Чомовски ќе рече (на плоштадот „Македонија“ во Скопје односно на А1 ТВ):

„Како хроничар на полнолетноста на третата Македонија, ме фаќа срам и бес што политичките елити, кои биле или се водачи на државава, како да не го ценат и вреднуваат чинот на самостојноста. Изгледа граѓаните имаат повеќе чувство на државотворност од неговите лидери.

Некои од нив ги ископаа коцките од овој плоштад на самостојноста, а новите сакаат да го насадат Александар Македонски. И двете политички групи имаат заеднички именител- левите сили и немаа храброст за самостојна земја, вмровските групации со антиквизацијата како да ја погребуваат третата Република.

(…)

Надворешната политика нема константа. Не знаеше да го прифати признавањето на Македонија под уставното име од Елцин и Русија, втората власт потоа не оддалечи од Кина со признавањето на Тајван, а денешната поткрепа на САД како константа на обезбедената државност актуелната власт може да ја прокоцка со тврдокорноста на новиот балкански патриотизам. Сите три големи членки на Советот на безбедност се гаранти на уставното име и идентитет.

Македонија ги помина етапите од „Оаза на мирот“, како што милуваше да каже првиот премиер Кљусев, но да стане и последно „Буре барут“ со воениот конфликт 2001- ва година.

(…)

Со оваа Македонија владееја политичари пубертетлии. Премиерите Црвенковски и Георгиевски влетаа на „Илинденска“ без еден ден работно искуство. Првиот го изведе криминалниот трансфер на капиталот, создаден од генерации, вториот брутално се збогати. И Груевски беше најмлад премиер во Европа. На почетокот тој се самопромовира како технократ, медиумите се повеќе го критикуваат дека владее како автократ“.

Го потенцирам она за политичарите пубертетлии, сосе „описот“ (како целосна согласност). Но никако не смее да се остане во тој „тесен круг“ кога се „анализира“ досегашното „пубертетство“ на државава. Списокот би морал, освен политичарите (значи не само првите двајца премиери), да опфати и лица (не личности оти такви не можат да бидат доколку не се полнолетни) од многу, да не речам сите „бранши“. Освен граѓаните на оваа од денеска „полнолетна“ држава. Да, тие се докажаа како ептен „зрели“ (полнолетни) уште на референдумот во 1991- ва, а беа такви и кога грешеа при изборот на оние што владееја, како позиција и опозиција (парламентарна) владеат со нив.

Прочитај и за ... >>  Критериум и критика

А тоа што се уште држава се уште има привремен грб, уште од ПЈР, не во преносно односно симболичко значење, тоа е поради небрежност или преангажираност на политичките елити во „зреењето“, во нивното минување низ пубертетските, адолесцентските години.

Може ли (не)полнолетството на Република Македонија да се „постави“ во корелација со нејзиното евро- атлантско интегрирање?

Во 2005- та година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во последниве години го интензивира процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната. Се очекува најновиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, како и датум за почеток на преговорите за членство. И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО, на самитот на Алијансата во Букурешт во април минатата година Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Данајската република (Грција) поради спорот за името го искористи правото на вето и го блокира приемот. По примерот со НАТО, таа повторно се заканува дека ќе го блокира и членството на земјата во ЕУ.

Во што е пубертетството? Во прилагодувањето? А колку се прилагодени, на пример, соседна Бугарија и Кипар како членки на ЕУ? Дали членките на НАТО ги исполнуваат сите услови што ги исполни Република Македонија? Не ќе да е.

Напротив, со толерирањето, па и поддршката на ступидното, неразумното однесување на Атина (токму така оценети), членките на ЕУ и НАТО покажуваат и докажуваат дека се незрели, дека се уште не го положиле „испитот на зрелоста“, дека се далеку од полнолетство. Без оглед на повеќедецениското „растење“.

Меѓутоа, круцијалното прашање што се наметнува во овој „полнолетен миг“ е: дали со ново, „компромисно“ име, со што ќе се надмине „привременоста“ на нејзиното постоење (како тоа- привременото именување односно референцата да е conditio sine qua non), земјава конечно ќе им докаже на „белосветските“ дека е „полнолетна“?

Ако е така, работата е веќе задоцнета. Од денеска, од завршувањето на овој ден почнува броењето на нејзините „полнолетни години“. Па зошто и натаму да разговара- преговара со јужниот сосед со посредство на Нимиц?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here