Помеѓу колективниот и индивидуалниот идентитет

Општествените промени што ги остваривме поради потемелно, посуштинско освојување на граѓанските слободи и демократијата воопшто, на културниот и цивилизацискиот напредок, ја отворија перспективата на личноста и нејзиниот пред сѐ творечки идентитет; таа да се најде во конкурентско опкружување, постојано да ги проверува своите способности и достигања, да се надградува себеси со забрзано темпо, до степен рамноправно да комуницира со светот.

„Довчерашниот“ општествено-политички и економски систем, во многу домени деструктивен, демагошки, едноумен, во голема мера и тоталитарен, го оневозможуваше нашиот човек, односно го ситуираше во мошне тесни привилегирани кругови задоени со кариеризам, хиерархиска надреденост и подреденост, егоизам и снобовштина. Прилагодувањето беше егзистенцијален услов, а секое свртување од „нормалниот“ колосек значеше етикеција од прв, втор, трет итн. степен, односно прогласување за „внатрешен“ или „надворешен“ непријател од прв, втор, трет итн. ранг. Со евентуално дисидентство не како пребег, како спас, туку како „херојски“ чин на индивидуалното несогласување и отпор.

Го напуштивме таквиот систем, се ослободивме од тоа „вчерашно“ време, се ослободуваме од сопствените заблуди во името на новото,. Во согласност со севкупните промени во светот што ги диктира технолошката револуција, но и севкупните општествено-економски движења и промени во развиениот свет.

Завршен заклучок: заложбата за модерно граѓанско општество го исфрли на преден план граѓанинот со неговите права и слободи, со неговиот индивидуалитет, наспроти колективната свест и колективизмот. Дали?

И на промислувачот без компетентна аргументација му е јасно дека ништо не се може „преку ноќ“, дека сите промени што настанаа кај нас и во светот, што ги овозможи незадоволството од постоечкото, се дел од развојниот процес; и дека тој процес ќе трае прилично долго со оглед на материјалното, социјално-политичкото, културното и, воопшто, структурното ниво на општеството.

Во таа смисла, политичката плурализација не значи истовремено ослободување од едноумието, оти освојувањето на власта и доминацијата многу лесно наметнуваат ново едноумие. Дотолку повеќе што демократски избраната нова власт, со победа или супремација на една партија, речиси без исклучок најнапред ги брани и афирмира националните интереси, дури по цена на подгревање на националистичките страсти, како неопходен „здив“ или „меѓупростор“ за себеснаоѓање, оспособување да се зафати со крупните општествени и економски проблеми на заедницата и поединецот.

Според тоа, националистичката еуфорија во поранешниот југословенски простор не може да се толкува како нешто „што мора да се одживее“, што би значело регресија наместо демократизација, туку како последица на неспособноста и неадаптибилноста на новата власт.

Агресијата врз индивидуата, најнапред врз нејзиниот идентитет, е conditio sine qua non. Колективниот, конкретно националниот идентитет станува цел сама за себе, ја заробува индивидуалната свест сосе целиот нејзин интелектуален капацитет. Во интерес на нацијата, борбата за одбрана на нејзините граници, жртвувањето на индивидуата, нејзината „херојска“ смрт станува епизода.

Веќе е евидентно: националното чувство не е во колизија со индивидуалниот идентитет, па и со неговата космополитска димензија. Националистичкото, пак, напротив, го потиснува, па и го негира преферирајќи го колективниот. Не станува збор за никаква противречност: слободниот развој на нацијата, ликвидацијата на националните нееднаквости, остварувањето на правото на самоопределување до отцепување, целосната културна, економска и политичка самостојност не значат и афирмација на националниот, колективниот идентитет на сметка на индивидуалниот.

Национализмот, пак, кој во својата основа претставува идеолошко средство за мобилизација на општеството во корист на политичките и економските цели на новата власт, речиси целосно го негира и уништува индивидуалниот икдентитет за сметка на колективниот. Национализмот ја претпоставува агресивноста, нетрпеливоста и исклучивоста, се потпира врз малограѓанскиот менталитет. Наспроти тоа, индивидуата го претполага квалитетот на живеењето, одбраната на личниот интегритет, творечката идентификација во светот на вредностите.

Можен ли е пораз на интелектуалната моќ на индивидуата пред агресијата, војната и смртта, во одбрана на колективниот, националниот идентитет, а всушност национализмот? Каде се изгуби граѓанинот-космополит од овие балкански национално-националистички простори?

Дали е изгубен? Или е само притаен и го чека „своето време“ за да излезе, да „исплива“ на виделина, да ги преземе работите во свои раце?

Го препознаваме токму помеѓу колективниот и индивидуалниот идентитет.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *