Помеѓу „овде и сега“ и „таму и којзнае кога“

Во сите изминати транзиционо-реформско-приватизациони (апашки) години, Македонија се наоѓаше и се наоѓа токму помеѓу наведените состојби. Затоа сме кај што сме. Всушност, не сме за никаде.

Се е слично е на она: „Помеѓу чеканот и наковалната“.

Притоа, чеканот е првото („овде и сега“), а наковалната не е второто („таму и којзнае кога“), туку народот, поточно граѓанинот на чиј грб полит-бизнис олигархијата постојано става парчиња вжарено (течно) железо и удира со чеканот сѐ додека не добие некаква „употребна“ форма. Најчесто многу слична на жолта петокрака со роза, а одвреме-навреме срп и чекан.

Некој сериозен двете за „помеѓу“ може да ги поистовети со краткорочна и долгорочна развојна политика. На таквиот веднаш му кажувам дека многу ќе згреши. Воопшто не греши оној што, евентуално, би ги споредил или поистоветил со краткорочни и долгорочни интереси. Но, притоа да внимава да не падне во стапицата истите да ги означи (или прифати) како „државни“, „заеднички“, „сожителни“.

Во изминатиот период, а и денес слушавме (слушаме) дека ни требаат резултати „овде и сега“. Затоа се правеше сѐ и се прави како што се прави (значи, продолжува). Бидејќи „Македонија нема време за чекање“.

А всушност правеа и прават сѐ за да го забошотат основното: дека „овде и сега“ нема никаква (ниту „блага“, ниту „кисела“) врска со „времето за чекање“. „Овде и сега“ е исто што и денес, не денеска (со кое најчесто и најнепосредно е врзано чекањето односно одложувањето за утре). „Овде и сега“ е нашево време во кое се вградени и минатото и идното. „Овде и сега“ како „денеска“ се спомнатите апашки години ( на „независност“, „самостојност“ итн.)

Што е со „таму и којзнае кога“? Ништо не е и не треба да е. Дури, не треба да дозволиме да биде. Затоа што оние во власта (во сите досегашни) не туркаа „таму“ до „којзнае кога“, па сега сме ни ваму-ни таму. Да бидам (нај)конкретен: блиску, а сепак (многу) далеку од Европа. Спротивното можат да го тврдат и го тврдат само тврдо-главите, оние што и сами не знаат (или не сакаат) да одговорат „до којзнае кога“. Се разбира, затоа што сметаат дека постигнале „извонредни резултати“ на секое поле.

Да, „таму“ е Европа, а во неа ќе влеземе „којзнае кога“. Откако ќе не „европеизираат“ истите што досега нѐ транзитираа, реформираа и приватизираа, нѐ испокрадоа и нѐ  крадат. Сите досегашни!

Што да правиме кога сме веќе кајшто сме: помеѓу „овде и сега“ и „таму и којзнае кога“?

Не ни преостанува ништо друго, освен ова:

Повеќе да не дозволуваме на „овие“ и „оние“ да им бидеме наковална. Време е да им го одземеме чеканот од раце. А вжареното (течно) железо да почнеме сами да го коваме. Дури сѐ  уште не се оладило.

Што беше тоа власт? Уметност или наука?

Да не е двете?

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *