Помеѓу властодршците и властољупците

Дали е потребно објаснение на термините во насловот? Не знаете што се тоа властодршци и властољупци? Исти се? Може да се исти(те), ама може да се, а и поначесто се различни. Уште поначесто се на спротивни страни, како „лути“ противници.

Се разбира дека властодршците се и властољупци, ама ја држат власта в раце. А властољупците само како такви ја љубат, ама не ја држат. Може ја држеле некое време, но случајно или намерно им се испуштила или им ја зеле со помош на „довербата“ на гласачите, на избори (мислам на досегашната доверба, па затоа ја ставам во наводници). И бидејќи властодршците ептен ја љубат власта, ептен се навикнале во љубењето, се борат против вторите со сите сили. Најжестоко на парламентарни, помалку жестоко на претседателски, а досега најнежестоко на локални избори. (Допрва и на нив најнајжестоко, со оглед на перспективниот развој на локалната самоуправа кај нас).

Властољупците, пак, ги има два вида: првите се оние што ги спомнав-ја имале власта в раце, ја љубеле некое време, ама може од премногу љубење (може и од прељубење, па и силување) им се испуштила од раце или им ја (пре)зеле оти не се покажале како добри, искрени и способни љупци. Вторите властољупци ептен ја љубат власта, ама досега не им се укажала добра прилика или не им се дало, не биле ербаплии да ја земат во свои раце и да покажат колку умеат односно знаат да ја љубат.

Кај нас, во изминатиот период, на политичката сцена е навистина многу тешко да се разликуваат едните од другите. Дури, некогаш изгледаат како да се едно исто. Ко да се во договор, ко да се менуваат во љубењето на власта. А таа, пак, да ми простите, веќе ми изгледа истрошена, малаксана од љубов (и секс), ко, да ми простите, да е проститутка, ко да се проституира. Кој ќе плати повеќе, нему му легнува. Ни трага од евентуална невиност, чистота, искреност, да не спомнувам некаква вредност. Ги имала некогаш, макар една од тие доблести? Којзнае.

Јас лично досега не сум чул за власта, туку за политиката дека е, да простите, курва односно ороспија. Велите што има да слушам, па таква се покажува и докажува на секој чекор? Но, дали вие знаете што мислите или што ми велите? Што сме ние со, односно под таква, курвинска-оросписка власт? А што се оние во неа? Сакате да ми кажете дека не треба ни да помислувам да влезам во неа, да станам дел од неа, оти со тоа и јас ќе станам…Затоа овие нашиве интелектуалци не сакаат да се ангажираат односно да се бојосаат политички? Хммм…

Туку, шегата настрана, да си кажам еден мој став што можам лесно да го одбранам:

И на следните избори во нашава земја (претседателски, парламентарни, локални) ќе се случи најголемата, најжестоката и најрешавачката битка на политичкиот фронт помеѓу властодршците и властољупците. Тешко е, всушност е веќе неверојатно дека на политичкиот фронт помеѓу нив ќе „застанат“, како ни победени ни поразени, некои сервисограѓани кои конечно ќе ја прифатат личната одговорност за добиената доверба., Кои ќе му бидат горди и достоинствени, а не фрустрирани служители на народот. На жалост на сите, а особено на народот и на нас како дел од него.

Е, сега, да не останам недоречен, да не ве оставам збунети со она сервисограѓани.

Да, тоа е моја лична кованица. Ако не ви се допаѓа, можам само да жалам поради тоа оти во овој момент не ми текнува некоја поубава.

Како ми текна баш таа? Сама ми се наметна:

Бидејќи се знае дека модерната држава не е за одумирање (нема кој да ја одумре откако умре комунизмот), туку треба-мора да биде сервис на граѓаните, логички е оние во државата односно властодршците и властољупците да бидат граѓани-сервисери.

Не се такви? И јас мислам дека не се. Ниту се покажале, ниту можат допрва такви да ни се прикажуваат (ич не ги бидува за глумци, тотални антиталенти). Па, токму затоа, признавам и со мала разочараност и голема резигнација, поточно апатија, тврдам дека помеѓу нив дефинитивно нема да „застанат“ други како такви. Особено со таква сила и моќ, а пред сѐ и над сѐ со политичко искуство (ербапство, мафијаштво или како сакате) што ќе им овозможи да станат служители на народот.

Напомена во врска со последново-„служители“: намерно го употребив наместо „слуги“ оти такви (слуги) нема во модерни држави (има во „старовремски“-буржоаски, монархиски и др.).

Сигурен сум дека ја знаете разликата помеѓу служење и слугување. Народот второво никогаш не го сакал.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *