Постојан и латентен судир помеѓу Владата и ЕВН

ЕВН е постојано незадоволна, реагира, се закаува, македонската Влада предупредува и „се надева“, а граѓаните трпат штети поради чести прекини на струја и масовни исклучувања. За нејзиниот квалитет да не правиме муабет.

Ама сепак ќе мораме. Само ова: да, „европска“ цена на електричната енергија (и при „неевропски“ стандард), ама и „европска“ струја! Дали каде било во Европа (мислам пред се на земјите- членку на ЕУ) ЕВН би можела- би смеела да наплатува „нормална“ цена за „ненормална“ испорачана струја (со несоодветен односно „нестандарден“ напон)?

Најновото незадоволство на Австријците (ЕВН): според новата методологија за пресметка на цената на струјата не се опфатени суштински делови, па таа (како предлог) не била во согласност со европските директиви. И повторно (по којзнае кој пат) закана од „устата“ на Карл Хајнц Грасман:

„Доколку на ЕВН не и се земат предвид одредени тарифи, може да се предвиди неликвидност. Тоа ќе значи запирање на инвестиции, како на пример Бунарџик, а ќе бидат загрозени и обврските кои ЕВН Македонија ги има спрема ЕЛЕМ и другите доставувачи на електрична енергија. Доколку не се подобри ситуацијата, се разбира дека инвестициите ќе бидат загрозени, а со тоа и економијата“.

Новата методологија се уште не ми е позната (ниту на јавноста), но од она што го подразбрав се работи за дискреционо право на Регулаторната комисија за енергетика да не им признава одредени трошоци на компаниите (значи не само на ЕВН), а кои би влијаеле врз крајната цена за граѓаните.

Објаснение на Славе Ивановски, претседател на комисијата, кое ништо не објаснува:

„Новата методологија дава можеби потранспарентен начин на пресметка на трошоците, што значи дека Регулаторната комисија ќе има подобар увид во реално направените трошоци, што од друга страна може да резултира и со намалување на цената. Кога ќе ги признаете реалните трошоци, тогаш ќе видите дека компаниите можеби не инвестирале и немале толкави колку што се обидувале да претстават“.

Засега не е утврден точниот термин за почеток на примена на новата методологија.

Владата на Груевски не ги коментира заканите за престанок на инвестициите на ЕВН, ама „верува“ односно „се надева“ оти тие нема да се остварат. Запишани се во купопродажниот договор (значи се обврска што не е условена со ништо), па апелира до Австријците да продолжат со подобрување на квалитетот на струјата. Неинвестирањето во електричната мрежа би имало лош одраз врз македонската економија и врз странските компании што сакаат да инвестираат во земјава.

Малку „повеќе“ од верување и надевање до ЕВН упати вицепремиерот Соран Ставревски:

„Ние тогаш ќе бидеме принудени по судски пат да ги преземеме сите правни инструменти што ни стојат на располагање, за оштетата од тоа да биде надоместена. Но верувам дека нема да дојде до тоа“.

Без коментар (макар од „обичното“ граѓанство) остана веста дека струјата што Државните електрани (ЕЛЕМ) ќе ја увезуваат, на ЕВН Македонија не им требала оти си нашле по поевтина цена. Оттаму тврдат дека никој не побарал од ЕЛЕМ да им увезат струја.

Да потсетам, ЕЛЕМ доби понуди од 9 компании. Се бараат 78 GWh за да го надополнат домашното производство кое нема да помине над 6.000 GWh, но и уште 277 GWh за продажба на Австријците по пазарна цена. Највисоката понудена е 88 евра за мегават час. ЕЛЕМ ќе увезува за периодот од јануари до април догодина. Да не заборавиме и на следново: увозот на струја е една од причините за растот на трговскиот дефицит; струја повторно (ќе) се увезува и покрај тоа што големите потрошувачи веќе цела година сами си купуваат на отворениот пазар.

Уште нешто, како мало „дообјаснување“ на изјавата на Ставревски: по меѓусебните обвинувања околу висината на инвестициите предвидени со купопродажниот договор, ЕВН Македонија побара разговори, а не судски разрешници со Владата. Притоа Г- дин Валднер потенцираше оти обврската за инвестирање била „стопроцентно исполнета“, а нивните инвестиции „се конкретни“: досега инвестирале 67 милиони евра- во 700 километри во нови кабли, („4 пати повеќе од растојанието од Скопје до Охрид“), во 300 (?!) нови трафостаници „и многу други работи кои го подобруваат квалитетот на системот за електрична енергија во Македонија“. (Ако е така, не е јасно зошто се бара(ше) „проблемот“ да се реши со дијалог.) Владата, пак, тврди дека тоа не е точно. Се бара ревизор кој ќе ги провери инвестициите на австриската компанија од 2006-та па наваму. Доколку се утврди дека не е инвестирано според предвиденото, власта најави парични казни за ЕВН.

Во меѓувреме состојбата како да се „смири“, проблемот како да се одложи, односно се најде некаков компромис кој и остана непознат на јавноста.

Меѓутоа, она што е битно, основно, е крајно лошата, дури алармантна состојба на енергетската сегашност и непосредна иднина на Република Македонија, а на која не може да и помогне ниту нова методологија за пресметка на струјата, ниту (не)реализирањето на инвестициите на ЕВН, а најмалку, пак, самите граѓани со редовното плаќање на сметките (на што посебно инсистира- притиска ЕВН, заедно со доброволното или принудното легализирање на диво приклучените во мрежата).

На еден форум одржан деновиве во МАНУ, во рамките на „Недела на енергетика- Македонија 2008- ма“, под наслов „Енергетска ефикасност- регионална соработка“, беше забележан настапот (истапот?) на еден од најкомпетентните македонски енергетски експерти, академик Глигор Каневче:

„Во Македонија постои енергетска неефикасност во сите домени, од производството, дистрибуцијата до користењето на енергијата. И во индустријата и во домаќинствата и во комерцијалниот и услужен сектор ние трошиме повеќе енергија, споредбено со нашата економска моќ, од речиси сите други европски земји.

Нови објекти од поголем капацитет не се градат за една или две години, така што ништо не може да се промени во наредните неколку години. Малку ќе се промени состојбата со изградбата на гасната термоцентрала „Топлана Исток“ и со изградбата на когенеративната постројка, која се гради во кругот на Скопска железарница, но ќе постои недостиг на енергија се до изградбата на некој покрупен енергетски објект.

Неопходна е и итна ревитализација на сите постојни енергетски објекти, со што ќе се подобри нивната расположливост и ефикасност, но недостигот од енергија сега- засега единствено може да се реши со увоз.

Сите случувања од транзицискиот период оставија длабоки траги во нашата економија, а со тоа и во енергетскиот сектор. Ние дури во 2006- та година го достигнавме нивото на БДП што го имавме во 1990- тоа. Тоа не можеше да не биде проследено со заостанување во енергетскиот сектор, бидејќи струјата се сметаше како социјална категорија поради што производителите на електрична енергија немаа доволно средства за да ги реализираат неопходните зафати за нивно одржување и осовременување“.

Ќе повторам по којзнае кој пат (имајќи ги предвид токму цитираните предупредувања и укажувања на Г-дин Каневче): до Стратегијата за енеретски развој на Република Македонија, што ја подготвува МАНУ, Владата на Република Македонија час поскоро (од денеска!) мора да започне со уште една неопходна медиумска кампања (без оглед на очекуваните реакции на опозицијата во тој „контекст“)- штедење на енергенсите (не само на струјата) и стимулирање на индивидуални иницијативи за обезбедување односно користење на алтернативните извори на енергија (сонце, ветер).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *