Правото на сомневање

Неодминливо прашање: колку сомневањето е поттикнувачко во универзална смисла; како животен став, како појдовна позиција на секое промислување?

Во историјата на филозофијата, и на науката воопшто, омиленото мото на Маркс дека човекот треба да се сомнева во сѐ се однесува на безброј клучни историски личности, но и на недоброј секојдневни, обични луѓе, по ништо изделени од средината.

Вредноста на сомневањето, и како став и како сознавачки процес, изгради посебна филозофија-скептицизмот. Според него, „нема сигурен критериум во одредувањето на вистината, па следствено е невозможно објективното сознание”. Се разбира, скептицизмот, кој како филозофија преферира неможност од потврден или одречен одговор, ја изразува пред сѐ воздржаноста.

Меѓутоа, кога говориме за право на сомневање, не го земаме предвид претерувањето односно воздржувањето од изрекување на какви било судови. Затоа што тоа подразбира и воздржување од дејствување, од активитет односно индиференција. Напротив, поттикнувачкиот импулс на правото на сомневање е инициран од секој порадикален пресврт, од секоја порадикална општествена промена, од секоја промена на животот. Притоа, како кај Августин, Декарт, Монтескје и други филозофи, сомневањето или скептицизмот се разбира и прифаќа како „критичка методска постапка што треба да доведе до сигурни сознанија“.

Колку во нашево време, во овие наши секојдневни превирања, напуштањето на утврдени догми и заблуди, изградбата на нови системи, светогледи и ставови, го употребуваме своето право на сомневање  како критичка методска постапка? Колку им го признаваме тоа право на другите, на тој начин бранејќи го сопственото?

Афримацијата на демократските принципи на живеење и опстојување во плуралистичкиот свет на преден план ја ставаат личната аргументација. Како што нема и не е можна расправа без аргументи, без сопствена аргументациска апаратура, како што нема и не е можно какво било осознавање без неа, исто така без неа нема ниту динамика на промените, па дури ниту промени воопшто.

Правото на сомневање е неприкосновено лично право кое мора да се почитува, а не да се атакува врз него со пресија односно репресија. Резултатите од пресијата врз мислата и размислата воопшто, врз слободата на мислењето конкретно, а во нејзини рамки и врз правото на сомневање, до вчера, а во многу сфери сеуште и денес, се мошне видливи и илустративни.

Правото на сомневање најнапред значи сопоставување на личната аргументација со аргументацијата на друг или на други, притоа не плашејќи се од „губење на битката“. Напротив, и во „поразот“ се остварува основната цел: дополнување, па дури нова „развојна фаза“ на личната аргуметнација.

Оној што го промислува времето сосе неговите промени, сосе неговиот динамизам, се сомнева во борбата против едноумието кога тоа не е докрај пројавено и откриено, кога навреме не се дефинира, разграничувајќи го од личното мислење или личниот став. Не наметнувајќи им го на другите, а борејќи се за него и негово остварување. Се сомнева бидејќи повиците против едноумието, едновремено не прокажувајќи го, не се друго освен обид за навреме „престројување“ или притајување до подобри времиња токму на оние на кои им се сосема јасни, сосема видливи последиците од него. Човек се обесхрабурва кога во името на промените препознава ново едноумие што се брани како заедничка цел. И кога таа-целта не претпоставува широка и делотворна расправа со лична аргументација.

Активитетот на сомневањето е втемелен во самата организација на животот. Луѓето ја менуваат неа доколку стане непримерена на нивното опкружување; тие не се согласуваат со организација која ги изделува, ги изолира од другите околу нив. Нивниот активитет е насочен кон промените што ги навестуваат другите. Сомневајќи се во нив, осознавајќи ги, ги преиспитуваат и во исто време ги прифаќаат или отфрлаат. Од друга страна, предвременото  настанување на промената е пред сѐ реализација на авангардноста на индивидуата чии крајности, историјата на авангардизмот тоа многупати го потврдила, на почетокот речиси без исклучок се негираат, одбиваат или осудуваат, за потоа да се прифатат како „природен“ тек на нештата.

Сомневањето е поттикнувачко и ги придвижува работите напред. Промените во општеството ја нарушуваат најпрво постоечката организација на животот за да се воспостави видоизменета или нова, а во која свеста и сознанието на човекот, како дел од внатрешната промена на индивидуата, се на повисоко рамниште од „општиот договор“. Не само во однос на личната слобода, туку и на слободата на другите.

Потребно е да се сомневаме во сѐ, а најмногу во она што ни се ветува како сопствена заложба. Борбата за власт, за преземање на работите во свои раце, без прецизно дефинирана програмска цел, не може од нас да добие приклон или наклонетост, оти сомневањето е, меѓу другото, реверзибилно.

Правото на сомневање значи право на сознавање. Сознавајќи, човекот продолжува да се сомнева. Тоа право никој никому не може и не смее да му го оспори или одземе.

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *