Потребно време за читање: 4 минути

Ќе се открие ли некогаш дали предвременото топење на снеговите во земјава поради глобалното затоплување (во март наместо вообичаено во април) беше „искористено“ за енормно зголемување на водата во Охридското езеро? За подолг период, додека владее актуелната политичка гарнитура, сигурно не, во догледно време можеби да- можеби не, но кога- тогаш сигурно.

Засега поверно е тврдењето дека не се работи за никаква „злоупотреба“, односно дека глобалното затоплување не може да не одмине и нас, туку напротив. Некои експерти тврдат дека Република Македонија е веќе помеѓу 4-те- 5-те „најпрви“ на светот.

Што се однесува, пак, на политизацијата, таа е неспорна, но е многу повеќе градоначалничка глупост и недоветност што, нормално, во не мала мера ќе се одрази врз и онака мизерниот рејтинг на неговата партија (СДСМ).

Потврда на ставот дека, ако не единствено, тогаш најмногу климатските промени придонесоа за незавидната состојба на водите во земјава (значи, не само на Охридското езеро), е зголемениот дотек на сите реки, водната заситеност на почвата (последица се бројни одрони) и појава на површински подземни води. Се разбира, не треба да се занемари и човечкиот фактор, но во „најширока смисла“-повеќедецениска: несоодветна, „вонпланска“ изградба на патиштата (за што сигурно е ќарено „неплански“), „необработени“ водотеци, па и оние за кои во изминатиот период се фрлени пари (токму така- без наводници), нерегулирани речни корита- за регулација на дел од нив е исто така фрлена пара, „несоодветна“ градба на испусни канали и колекторска мрежа…Може сето тоа „темелно“ да се истражи и открие? За подолг период сигурно не, во догледно време можеби да- можеби не, но кога- тогаш сигурно.

Прочитај и за ... >>  Валканата дипломатска игра на Атина привршува

Нивото на Охридското езеро моментно е 13 сантиметри над максимално утврдената точка, веќе незначително се поплавува крајбрежјето, кејот во одредени делови. Дел од куќите во селото Пештани се под вода, но не од поплави од езерото, туку поради излегување на подземни води.

Во изминативе денови се изнаслушавме политизирани, но и глупави изјави, оценки и однесување на градоначалникот Александар Петрески (најголем „бисер“ му е „заканата“ дека, доколку актуелната Влада на Груевски не „реагира“, помош за Охрид ќе побарал од бугарскиот премиер(?!)-да не мисли дека е тој „надпремиер“ -на Бугарија и Македонија?) , а за што би требало да се загрижи неговата партија. Тој сега се обидува да се „корегира“ изјавувајќи дека не станува збор за (негова) паника или политика, туку за критична состојба што може да ескалира. Па како да е „екстериторијален градоначалник“, ја кани(!) власта и премиерот Груевски да дојдат во Охрид и да се уверат каква е реалната ситуација (веројатно сметајќи дека не доаѓаат без покана):

„Меѓународниот пат за Свети Наум е поткопан и тој може во секој момент да се урне и повеќе да не постои. Колекторот, кој исто така трпи штети, може целосно да заврши во езерото, односно неговите цевки може да пливаат во него и ништо да не остане од колекторскиот систем. Има голема опасност и за водоводот и за електричната енергија и за каблите од поштата кои поминуваат во Пештани“.

Прочитај и за ... >>  Залудно изгубени години или...

Не е јасно, а тој не кажува „експертски“, дали мисли дека на сето тоа може итно да се реагира односно да се санира во рок од неколку дена, и зошто досега не е сторено ништо за „критичната состојба“ да се предупреди. Особено е „интересна“ неговата „стручна“ оценка дека колекторските цевки може да „запливаат“ во езерото и од колекторот да не остане ништо! Кој дозволил толку небрежна- небезбедна негова изградба, та таков „распад“ да биде предизвикан макар и од енормно зголемување на нивото на езерото?

Дека состојбата во целата земја е загрижувачка, па бара не само будно следење, туку и преземање на пошироки безбедносни мерки, потврдуваат други „случувања“: во Вевчани под влијание на големите дождови синоќа по полноќ се откинал дел од ридот над Здравствениот дом, свлекувајќи голема лавина од земја во широчина од 150 до 200 метри и висина од 2 метра, која се струполила кон селото. Водите на Црна река ги поплавија плодните ниви и кај демирхисарските села Единаковци и Света, уништувајќи ги површините засеани со пченица и јачмен. Водата се закани и во крушевско Бучин. Реката Треска се излеа близу до Македонски Брод, кај Пласница и Лисичани се поплавени 10 ха селски ливади, а водата влезе во дворот на селското училиште. Во скопскиот регион проблемите со излевање и поплави се минимални благодарение на добро исчистените главни одводни канали, а во пелагониско затрупаните канали направија цели езера. Сообраќајот на автопатот Скопје- Велес денеска се одвива нормално, откако вчера дел од него затрупа голем одрон и е во меѓувреме исчистен.

Прочитај и за ... >>  Хрватска во „стресна состојба“

Нема причина за сомнеж дека Владата внимателно не ја следи состојбата со одроните што се случија во изминатите денови, а преку надлежните субјекти презема мерки за нивно санирање. Од проста причина што така би се однесувала и „најнеодговорна и најнепоканувана“.

Изјава министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески:

„Има формирано координативно тело на ниво на Влада, со тоа што будно ги следиме сите активности, сите случувања. Видовте дека за многу кратко време беше исчистен патниот правец Скопје-Велес. Во однос за прашањето за патниот правец околу Дебар, договорени сме со Градежниот факултет кога ќе се смири малку земјиштето да излезат на терен, да направат увид на ситуацијата и доколку се покаже според увидот дека тоа е активно свлечиште, ќе се направи проект и тоа ќе се изгради“.

И повторно непрофесионално, еднострано (политизирано), дури сензационалистичко односно „вознемирувачко“ информирање за состојбите во земјава од страна на некои, пред се електронски медиуми. Најголема потврда е актуализирањето на прашањето колку државата е подготвена да се справи со елементарна непогода, конкретно со поплави во поголеми размери(!). Не затоа што тоа не е интересно и значајно, туку поради „логиката“: тешко на онаа држава која не била досега и не е подготвена за тоа. Особено кога се знае дека „од памтивек“ постои Дирекцијата за заштита и спасување и од поплави и свлечишта и одрони.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here