Премислувам, промислувам, разграничувам и домислувам

Секој ден, речиси по цел ден и во не мал дел од ноќта. Еднакво кога пишувам, допишувам, запишувам или препишувам. Еднакво кога физички се трошам во што било и за што било.

Се разбира, никогаш едновремено. Не оти е невозможно, ако не сѐ можно е барем со две или три, туку поради времето што ми преостанува откако ќе ги поминам или ќе ме одминат сите банални секојдневности. А тоа никогаш доволно.

Премислувам-значи сум поставен или самиот сум се поставил во однос на некои нешта (множина): предмети, појави, пројави, состојби, процеси. За да ги осознаам, за да ги откријам, согледам, процесуирам. Притоа, поважна е мојата поставеност отколку нештата (множината).

Во прашање е лична позиција (моја) од која тргнувам за да продолжам, а да не запрам. Поважна е мојата поставеност, а најважен е потгтикот за творечка авантура-предизвикот, неспокојот. Премислувам помеѓу, не поради определба за едно или друго, за или против, туку поради потврда на сопствениот идентитет.

Промислувам-значи сум  запрен или ме запреле пред некое или пред некои нешта (во еднина или множина, зависи од моќта на концентрацијата), а за да си одговорам на вообичаени, дури  банални прашања: зошто, кога, каде, колку, дали. Ова последново-дали е многу почесто од другите.

Дали го оправдува промислувањето на нешто? Суштината на каков било одговор е-сомневањето. Со дали се потврдува правото на сомневање. Тоа е тоа. Право на сомневање. Тоа право никој не може да им го одземе на промислувачите и творците, а над сѐ на мислечките луѓе. Тоа е основа на промислувањето.

Разграничувам-значи доаѓам до, значи стасувам на крајот. Кога мора да биде крај, за да биде почеток. Ништо полесно, но и ништо потешко. Ништо полесно да биде крај, ништо потешко да биде почеток.

Крајот како почеток, почетокот како разграничување на некои  нешта од нешто сешто  (множина). И не знам дали тоа што го домислувам некого ќе премисли.

Домислувам:
На пример, што се случува со мене кога не сакам ништо да напишам? Ниту ред-стих, ниту збор, ниту слог, ниту буква. Проблем е што не се случува ништо, а тоа воопшто не е поттикнувачко.

Кога не сакам ништо да напишам, излегувам надвор од моите четири ѕида, се искачувам на врвот од планината до градот, и молчам загледан кон соседната планина, мошне далечна од мене. Со свои врвови.

Навистина не се случува апсолутно ништо. Ниту со мене, ниту во мене, ниту на врвовите!

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *