Потребно време за читање: 4 минути

Се смета дека клучни функции во „новата ЕУ“ се претседателот, шефот на дипломатијата и генералниот секретар на Советот.

Судејќи според изборот, првите оценки и коментари се дека суштината на политиката на заедницата по стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, на 1. декември, ќе биде комрпомисот. Избраните се докажани „компромисери“, малку познати економисти, кои според многумина нема да им „пречат“ на лидерите на европските земји, ниту да го загрозуваат нивното значење.

Меѓутоа, од друга страна се поставува прашањето на кој начин ќе се спроведува неопходниот авторитет на ЕУ на внатрешен и надворешен план, а кој во изминативе години е прилично разнишан.

За прв претседател на Европската унија е избран премиерот на Белгија Херман Ван Ромпуј, а Британката Кетрин Ештон, европски комесар за трговија, за шеф на дипломатијата.

Францускиот дипломат Пјер де Буасје е именуван за генерален секретар на Советот.

Од случувањата пред изборот:

Британскиот премиерм Гордон Браун го прифатил фактот дека Тони Блер нема шанса да биде избран за претседател на Советот на ЕУ, па поддршката и ја дал на бароницата Кетрин Ештон за функцијата висок претставник на Унијата за надворешна политика.

„Советот го именува Херман Ван Ромпуј за прв претседател на Европскиот совет и ние му честитаме“, им изјави Браун на новинарите по самитот.

Пред почетокот на вонредниот дводневен Самит на шефовите на држави и влади на ЕУ е одржан неформален состанок на кој се разговарало за новите функции, а набрзо од различни извори пристнале информации дека е постигнат договор и оти името на Тони Блер не се нашло во него.

„Постои консензус. Владите на десниот центар и социјалистите постигнаа договор“, и изјавил на агенцијата Ројтерс неименуван дипломат.

Херман Ван Ромпуј има 62 години и се смета за дискретен човек на компромисот, „незабележан“, но и способен. Умерен е, повлечен, не сака да биде под рефлекторите, но и успешен преговарач, кому му пошло од рака да ја стабилизира белгиската влада по година ипол политичка криза.

Прочитај и за ... >>  Самитот на Г- 20 во Лондон- историски или не

На крајот од минатата година мислел дека мирно ќе ја заврши политичката кариера како претседател на Претставничкиот дом на белгискиот парламент, кога белгискиот крал Алберт Втори го убедил да го преземе кормилото на владата по кризата предизвикана со заминувањето на Ив Летер од функцијата премиер. Нерадо прифатил, а на белгискиот монарх му биле потребни 90 минути за убедување. Како што објави британскиот „Телеграф“, тој инсистирал новиот премиер да биде токму тој затоа што важел за умерен по прашањата на двете заедници на кои е поделена Белгија. Во текот на 11- те месеци на местото премиер Ван Ромпуј, поранешен министер за буџет, успеал повторно да ја придвижи работата на новата сојузна влада блокирана поради несогласувањата помеѓу Фламанците и Валонците. Исто така се покажал способен да се соочи со економската криза.

Беше речиси сосема непознат надвор од Белгија додека за можен кандидат за местото претседател на ЕУ не го спомнаа германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози на самитот на ЕУ во Брисел, на 29. октомври.

Неколку дена пред да биде именуван за претседател на Европскиот совет, Ван Ромпуј својата визија за ЕУ им ја претстави на највлијателните луѓе на планетата, во рамките на Билдерберг групата. Во поздравниот говор во Европскиот совет порача дека има решителна намера да води сметка европските акции во врска со најважните прашања да се развиваат на долгорочен план. Тој е приврзаник на прием на нови земји во ЕУ, кога ќе ги исполнат условите.

Првите оценки се дека Западниот Балкан не би требало да се загрижи, но Турција не се израдува премногу од неговиот избор, бидејќи порано ги истакнувал христијанските вредности на Европа. Според него, Турција е исламска земја и како таква би можела да го разводни европското христијанско наследство.

Прочитај и за ... >>  Обама ги „размрдува“ светските политичари

Во Велика Британија се смета за контроверзен поради залагањето за федерализам во рамките на ЕУ.

Херман Ван Ромпуј е роден на 31. октомври 1947. година. Кариерата ја започнал во Народната банка на Белгија пред да влезе во политиката во 1973. година.

Оженет е и има четири деца (два сина и две ќерки).

Интересно, овој фламански демохристијанин е љубител на литературата и филозофијата, а особено е вљубен во хаику поезијата.

Кетрин Ештон има 53 години и е лабурист. Освен функцијата висок претставник на ЕУ за надворешни работи и политиката на безбедноста, таа ја извршува и функцијата потпретседател на Европската комисија. За изборот исполнила три „главни“ услови: левичар е, доаѓа од Велика Британија и е жена. Како „шеф на дипломатијата“ на ЕУ во контактите со САД, Русија и другите светски сили ќе ги застапува интересите на околу 500 милиони Европејци.

Според Лисабонскиот договор, нејзината функција ќе биде со повеќе надлежности во однос на протоколарното значење на претседателот на ЕУ, а и ќе трае двојно подолго- 5 години.

Оние што ја познаваат велат дека е енергична, но не и агресивна. Самата нагласува дека има намера да води „дискретна дипломатија“. Како што наведе Би- Би- Си, нејзиното именување може да се смета како разочарување по очекуваната истакната фигура за тоа место, но бароницата научила да ги занемари критиките и да ја завршува својата работа. Така направи кога го замени Питер Менделсон на местото комесар за трговија на ЕУ и наиде на различни критики, вклучувајќи ја и онаа од еден британски пратеник кој рече дека таа „нема биографија“ за таа работа.

По нешто повеќе од една година на местото европски комесар се смета дека баронесата Ештон докажала оти може да биде успешна, ефикасна и способна да изгради консензус за клучните прашања, и тоа во екот на најлошата економска криза која кога било ја погоди ЕУ.

Прочитај и за ... >>  Урбаната мафија ја доби битката, но се уште не и војната

Пред заминувањето во Брисел, на местото европски комесар за трговија, Ештон вршела повеќе функции во две министерства и се пробивала во редовите на Лабуристичката партија. Кога Гордон Браун стана премиер, во 2007., Ештон стана лидер на лабуристите во Горниот дом на Парламентот, каде што се избори за усвојување на Лисабонскиот договор со кој за првпат е и предвидена нејзината нова функција.

Иако некои медиуми во 2005. и 2006. година ја избираа за политичар и благородник на годината (за да може да влезе во Домот на лордовите, на барање на Тони Блер во 1999. година доби титула бароница), сепак е помалку позната во Британија отколку во Брисел. На должноста ќе стапи на 1. декември, еден месец пред Ромпуј.

Пред кариерата во британскиот Парламент, Кетрин Ештон во доцните 70- ти години на минатиот век учествувала во кампања за нуклеарно разоружување.

Како дипломиран економист работела и како консултант.

Кетрин Ештон е родена на 20. март 1956. година во Ланкашир, во Англија. Мажена е за поранешниот новинар и угледен аналитичар Питер Келнер, со кого има две деца и три пасиноци.

„Не можевме да направиме подобар избор од нив двајцата за раководство на ЕУ“, рече претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо.

„Франција ја поддржуваше кандидатурата на Ромпуј, а и малку го поттурнавме да се кандидира уште од почетокот. Тоа е одличен избор“, рече францускиот претседател Никола Саркози.

„Добивме кандидат кој носи консензус и со потврдени способности во неговата долга политичка кариера“, истакна Ангела Меркел, канцелар на Германија.

„Таа ќе биде силен и јасен глас на Британија во Советот и Комисијата“, рече британскиот премиер Гордон Браун за победата на Ештон.

И Вашингтон изрази надеж дека новоизбраните европски лидери ќе ја направат ЕУ посилен партнер на САД.

Изборот е наводно договорен помеѓу шведското претседателство и големите земји членки Франција, Германија, Велика Британија и Италија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here