Потребно време за читање: 10 минути

Економската (како нејзина последица и политичката) рецесија неминовно предизвикува глобални, епидемиски размери на лична- индивидуална и колективна- сеопшта депресија. Во земјите кои веќе прогласија рецесија (најразвиените на светот) најнапред оваа тешка душевна болест ја зафаќа- ја зафати високата бизнис класа, а веќе интензивно се шири и во средната. Разбирливо, засега најотпорна е ниската класа, од едноставна причина дека рецесијата неа најмалку ја погодува (и сиромашните земји; пример е Република Македонија). За жал, лечењето не е и не може да биде колективно, туку единствено индивидуално чиј ефект, пак, кога е во прашање епидемија, е речиси никаков.

Па сепак, „снаодливата“ висока- бизнис класа не би била тоа (висока) доколку „во од“ не се престрои и не искористи за спас се што може, се од што има шанси да се профитира. Без оглед кој ќе ја плати сметката. Во светска економска рецесија токму „помошта“ во „спасувањето“ од депресија станува најпрофитабилно. Ова особено кога се работи за младата и средната генерација. Продажбата – консумирањето на дрога од ден на ден добива се поголеми- глобални размери, па бизнисот цути со „несмалено темпо“. Дај Боже рецесијата да потрае што подолго!

Најнапред за разбирање на оние што се можеби малку или „малку повеќе“ изненадени од воведните реченици на овој текст (поврзаноста на глобалната економска рецесија, депресијата и криумчаењето, продажбата и консумирањето на дрога): некои од основните сознанија за депресијата како болест.

Таа предизвикува длабоки патила и повеќето стручњаци се согласуваат дека е тоа за човекот најболно животно искуство со кое може да се соочи. Стресните настани, како смрт во семејството или финансиски проблеми, можат да бидат повод за депресија. На неа треба да се посомневаме кога лицето константно се чувствува нажалено секој ден во период од две недели или подолго и кога повеќе ништо не може да го развесели.

Депресивно болните се лошо расположени, тажни, безволни и засилено уморни. Депресијата исто така се манифестира со рамнодушност, безидејност, апатија, губење на животната радост (ахедонија), но во некои случаи со засилена напнатост, немир и раздразливост. Исто така, таа може да ги попречи основните телесни функции, па да се манифестира со пореметување на сонот, намалување или засилување на апетитот, тромост, немир, слабост, исцрпеност, губење на концентрација и заборавност. Депресивното расположение го оневозможува болниот во вршењето на нормалните и секојдневните животни активности. Луѓето заболени од депресија можат да чувствуваат претеран срам или вина и можат опширно да се занимаваат со мислата за смртта и умирањето, вклучувајќи ги и идеите за самоубиство.

Добро е да се знае и следново: депресијата не е чувство на минливо расположение, туку болест која значително го нарушува секојдневниот живот; таа не е знак на морална слабост, туку последица на нарушена рамнотежа на хемиските материи во мозокот, при што важна улога игра наследството, стресот, начинот на живот (помислете на дејството на дрогата, конкретно на кокаинот како анестетик и за отстранување на депресија).

Според податоците на Светската здравствена организација, депресијата до 2020- та година ќе стане втор светски здравствен проблем, а ако се има предвид само женската популација (поподложна на неа) здравствен проблем број еден. Тоа е последица на континуираниот пораст на бројот на депресивни лица, што се следи од 1910- та година па наваму. Најмалку секој 10- ти човек има шанса еднаш во животот да заболи од депресија. Може да се јави од детско до постаро доба, а особено е честа во средните години.

Е, сега „најконкретниот“ повод:

Израелската полиција соопшти дека прекинала синџир на криумчарење на дрога и оти во три различни држави е запленет кокаин вреден 500 милиони долари(!).Истиот извор потврди дека дрогата е запленета во октомври и ноември на Бахамите, во Шпанија и во Перу, како и оти се уапсени 10- мина Израелци, а еден се уште се наоѓа во бегство во странство.

Се додава дека дрогата била скриена во индустриски постројки и оти е превезувана со товарни бродови.

Можете ли само да замислите колку се тоа тони кокаин за толку долари? И уште прашањето што секогаш се наметнува кога ќе се случи поголемо откривање- запленување на дрога: колку ли биле прокриумчарени во меѓувреме?

Во неомври минатата година (2007- ма) мексиканската полиција и царинската служба запленија повеќе од 11 тони кокаин во пристаниште на пацифичкиот брег. Полицијата дрогата ја пронашла на палубата на товарен брод кој под знамето на Хонг Конг допловил од Колумбија во пристаништето Манцаниљо во државата Колима.

Прочитај и за ... >>  Засега ништо од „новиот“ СДСМ

Мексиканските војници на почетокот од октомври (2007- ма) запленија најмалку 11 тони кокаин во еден мексикански град кој се наоѓа на брегот на Атлантскиот океан.

Еве и нешто можеби „поинтересно“, а на што ќе се задржам подолу во написов. Вест од август 2007- ма:

Во водите недалеку од средноамериканскиот брег американските власти пресретнале уште една подморница специјално направена за шверц на кокаин на територијата на САД, притоа запленувајќи дрога вредна околу 440 милиони долари.

Властите на САД соопштија дека необичната сина подморница американски патролни авиони ја забележале и набрзо потоа ја пресретнале на околу 500 километри југоисточно од границата помеѓу Мексико и Гватемала, при што се уапсени четворица крумчари.

Јужноамериканските нарко- картели во последниве години се почесто користат мини подморници за шверц на дрога на територијата на САД, а непосредно по пропаста на Советскиот Сојуз стручњаци на Интерпол им влегле во трага на мафијаши кои на црниот пазар се обиделе да купат и вистинска подморница.

Во борбата против криумчарењњето на дрога мошне значајни се „утврдените“, постојаните маршрути кои мафијата ги менува само кога во континуитет се случуваат поголеми заплени. Кога станува збор за кокаинот, една од „најразбработените“ минува низ Република Македонија.

Имено, Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ изработи студија за безбедноста на западниот Балкан, во која е наведено дека цреногорските пристаништа се важен транзитен премин за шпверц на кокаин од Латинска Америка, па преку Балканот во западноевропските земји.

Во студијата, која ја третира и состојбата во останатите земји на западниот Балкан, кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ, се оценува дека црногорската власт треба да ја засили кампањата во јавноста против употребата на дрога и организиран криминал, во соработка со локалните партнери, а особено во училиштата.

Се наведува дека земјите на Балканот ја формираат транзитната зона за шверц на хероин, исто така на подрачјето на западна Европа:

„Сите земји на западниот Балкан- Црна Гора, Србија, БиХ, Македонија и Албанија, се соочуваат со значајно ниво на организиран криминал, од што шверцот на дрога е најзначаен елемент. Организираниот криминал е поддржан и со корупција која е мошне распространета во целиот регион. Посебна тешкотија претставува тоа што борбата против нарко- криминалот мошне често ја условуваат внатрешни политички, општествени, но и економски тешкотии“, се наведува во документот на Советот на ЕУ.

Албанскиот организиран криминал продожува со своите дејности да ги загрозува земјите на ЕУ.

Студијата не е прв осврт на употребата на црногорските пристаништа за шверц на кокаин од Јужна Америка па натаму во Европа, затоа што годинава тоа го нотираа и американското Министерство за надворешни работи и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал. Стејт департментот во март објави дека Црна Гора служи како транзит за шверц на кокаин од Јужна Америка, а организирани криминални групи ја користат нејзината територија за шверц на канабис од Албанија и Косово. ОН во јануари известија дека црногорските пристаништа ги користи албанскaта амафија за шверц на кокаин во европските земји.

Уште нешто не помалку интересно:

Јоргеб Сков Исалин, детектив на данската полиција за организиран криминал, за загребски „Јутарњи лист“ објасни дека колумбиските картели со бродови шверцуваат кокаин од западниот брег на Африка, каде што ги преземаат африкански банди кои ги ангажираат куририте, „мули“. Тие, пак, за надомест голтаат по килограм кокаин и потоа со авион го превезуваат до Турција. Тој наведува дека криумчарите се определуваат за нова маршрута зашто ги избегнуваат пристаништата на Атлантикот.

Сепак, холандското пристаниште Ротердам и натаму е главната дистрибутивна точка во кое кокаинот пристигнува во Европа. Поради слабата контрола, Турција стана нов центар на криумчарскиот синџир на кокаинот. Патот на дрогата оттаму продолжува со бродови до хрватските пристаништа Риека, Сплит или италијанското Џои ди Тауро, а оттаму до крајните дестинации, нарко- пазарите на побогатиот дел на Европа.

Значајна улога во криумчаењето на кокаин по пристигнувањето во европскиот дел на Турција имаат криминалците од Србија, Хрватска и Албанија, кои се моментно најсилните групи во северна Европа, пренесе сознанија на српската полиција весникот „Блиц“. Врските на српските криминалци со Колумбијците се воспоставени пред 20 години.

Прочитај и за ... >>  Ах, таа транспарентност!

Аналитичарите што се занимаваат со оваа проблематика велат дека дрогата најмногу се криумчари со бродови, а речиси и да нема морнар кој не наишол на дрога, било на брод или во пристаниште. Тоа, како што велат, посебно се однесува на јужноамериканските држави, западна Африка и Kарибите. Статистиките покажуваат дека речиси секој 10- ти патник од Јамајка криумчари дрога. Повеќето морнари не се впуштаат во тој вносен, но и крајно опасен бизнис, додека некои од нив се подготвени поради заработка да ризикуваат долгогодишни затворски казни, па и живот.

Секој брод е мал пловечки град со низа скришни места за секакви „жешки“ товари. Во прилог на тоа дека дрогата се шверцува со брод е и фактот дека поморскиот промет е потешко да се контролира, а од 100.000 бродови на светот добар дел пловат под знамиња под кои се вршат многу незаконски работи. Стручњаците сметаат дека најприспособени бродови за шверц на разни видови на дрога се оние што пловат под знамиња на африкански земји.

И пред да го продолжиме односно завршиме нашево промислување на поставенава тема- поврзаност на полит- бизнис олигархијата со криумчаењето на дрога (власт- тајни служби- „високи“ бизнисмени), особено на почетокот или во текот на глобална економска рецесија, ќе пренесам- прераскажам делови од еден напис на Д. Анастасиевиќ под наслов „Нашиот човек во Каракас“, објавен во далечната 2000- та година („Време“, ноември 2000-та):

Приказната почнува на 28- ми септември во венецуелското пристаниште Ла Гварија, каде што во контејнер кој чекал на натоварување се пронајдени речиси 40- тина килограми кокаинска база, скриена помеѓу сувенири и мебел. Контејнерот му припаѓал на Милосав Марковиќ, работник во југословенската амбасада во Каракас. Припадниците на PJT (Policia Tecnica Justicia), венецуелската царинска полиција, побрзaле на аеродромот каде што Марковиќ штотуку се качил на авионот за Југославија. Меѓутоа, кога се обиделе да го уапсат, тој се повикал на дипломатскиот имунитет и, искористувајќи ја збунетоста на полицајците, избегал во амбасадата. Светските агенции објавија куса вест за овој случај, но инцидентот помина прилично незабележано во метежот настанат по септемвриските избори.

Меѓутоа, во Сојузното министерство за надворешни работи мораа да се соочат со прашањето што да прават со Марковиќ. Поминаа неколку недели додека во Венецуела не е упатен амбасадорот Миша Ивановиќ, дипломат од кариера, да ја испита работата. Венецуелските власти му ги покажале доказите што го поврзуваат Марковиќ со товарот, по што е договорено на аташето да му биде судено во Белград.

Поентата на прилогот:

Целиот случај веројатно би останал во рамките на редовната судска постапка ако британскиот „Сандеј тајмс“ во високо пласиран напис под наслов „Огромен товар на кокаин поврзан со подзeмјето на Милошевиќ“, не наведе дека Марковиќ не работел за себе си, туку за југословенската воена известителна служба која со години работи со дрога за сметка на поранешниот претседател на СРЈ. Имено, Марковиќ на Ивановиќ му предочил писмени докази (во вид на шифрирана депеша) дека дрогата ја пренесувал по наредба на еден генерал на Војската на Југославија. Наводно, Сојузното министерство за надворешни работи првобитно било подготвено на Марковиќ едноставно да му го одземе дипломатскиот имунитет и да го остави да „гние“ во некој венецуелски затвор, но тој на интервенција на своите заштитници од ВЈ е вратен во земјата. На крајот „Сандеј тајмс“ потсетува на неодамна објавениот извештај (исто така во 2000 -та година) на германската известителна служба БНД (Bundesnachrichtendienst), според кој „постојат докази дека Милошевиќ и неговиот режим се занимавале со промет на дрога, перење на пари и други криминални дејствија“.

Потоа во соопштение на Министерството од 3-ти октомври (истата година) се потврдуваат некои наводи во написот, имено дека Марковиќ навистина бил аташе во Каракас и оти во неговиот контејнер навистина е пронајдена база на кокаин (35,9 кг), како и дека на Марковиќ „му е овозможено да ја напушти Венецуела“ за да може да му биде судено дома. Меѓутоа, одлучно се побива дека аташето работело за војската.

Некои сознанија и заклучоци на Анастасиевиќ:

„Меѓутоа, факт е дека непријатната афера со Марковиќ го отвора пошироко прашањето за вмешаност на нашата држава во меѓународниот промет на дрога. Луѓето кои со мирна душа правеa злосторства против човештвото, организираа масовни грабежи и убвиства на сопствени граѓани сигурно не би се колебале да се испробаат и во таа работа, особено ако од неа би можело да се извлече и некаков ќар. Впрочем, такво нешто не им е туѓо и на нашите соседи: во Хрватска во последно време се уапсени неколкумина високи офицери на Хрватска Војска токму поради шверц со кокаин, а за вмешаноста на лидерот на поранешната Ослободителна војска на Косово во такви работи црцорат и врапчиња на гранка. Инаку, во Република Српска на 29- ти септември е запленето поголемо количество на хероин и кокаин на пат кон Југославија. Значи, природно е да се претпостави дека ниту „нашите“ не се покажале ништо полоши од другите кога е збор за заработка во име на повисоки национални цели, особено ако се знае дека во изминатите години ниедна високопрофитна работа, легална или нелегална, не е можно да се работи без благослов на режимот.

Прочитај и за ... >>  Сценарио: финансиска криза, глобална рецесија, геостратешко прегрупирање

Постојат повеќе причини поради кои бившиот југословенски режим бил поподложен на искуешнија од некои други. Најнапред, Југославија е и онака на еден од главните патишта на двонасочниот промет на дроги: хероинскиот пат води од Авганистан и Пакистан, преку централноазиските републики на поранешниот СССР, преку Турција, Бугарија и Југославија до крајните корисници во Западна Европа; кокаинскиот пат тргнува од Колумбија, Боливија и Венецуела, пак преку Западна Европа, до Албанија и Југославија, за да заврши во Москва, каде што го трошат припадниците на руската „нова класа“. Политичките погодности одеа со географските: откако на почетокот од 90- тите е исклучена од Интерпол и останатите канали на меѓународната полициска контрола, Југославија повеќе никому не мораше да му полага сметки за тоа што минува преку нејзините граници. И најпосле, злонамерните и со ништо предизвикани меѓународни економски санкции оневозможија нормален промет на пари и стока, па државата беше принудена такаречи сама да слезе во меѓународното подземје и таму да побара добри услуги од луѓето со кои во нормални околности веројатно не би имала никаква работа“.

Патем, како „илустрација“ на сличноста на времињата (економски санкции- економска рецесија; или, пак, почеток и продолжение на (ни)едно време) ја приведувам и следнава „тазе“ вест (објавена на почетокот од месецов):

Велика Британија има најголем број на корисници и зависници од кокаин помеѓу земјите- членки на Европската Унија, покажуваат податоците од годишниот извештај на Европскиот центар за надгледување на дрогата и наркоманијата.

Според извршеното истражување, 7,7% од Британците на возраст помеѓу 15 и 64 години користат кокаин. Кај групата млади помеѓу 15 и 24 години процентот се зголемува на 11,2%, а кај лицата на возраст помеѓу 15 и 34 години тој изнесува 12,7%.

Дури 30,1% од британските граѓани користат канабис, по што Велика Британија е веднаш зад Франција со 30,6% и Данска која е убедлива прва, затоа што во оваа земја на северот од Европа процентот на корисници на канабисот изнесува 36,5%.

Но, кога станува збор за екстази, Велика Британија и нејзините наркомани се пред сите други во ЕУ, тврди Европскиот центар.

Британската опозиција остро и забележа на Владата што „не успеала досега да се избори за да ги ослободи младите во земјата од зависноста од дрогата“. Трагично е што токму Британија е главниот центар на зависници од кокаинот во Европа, изјави претставник на Конзервативната партија.

Британското Министерство за внатрешни работи соопшти дека податоците со кои располага покажуваат поинаква слика, според која, гледано во целина, користењето на дрога во Велика Британија е „стабилизирано“. Форин Офисот тврди дека процентот на запленета дрога е зголемен за 15%, а бројот на корисници е намален на „најниското ниво досега“.

Истражувањето на Европскиот центар за дрога и наркоманија открива дека околу 12 милиони лица во ЕУ земаат кокаин, други 11 милиони користат амфетамин, а 9,5 милиони се зависници од екстази. Дури 71 милиони Европејци или еден од четворица жители на ЕУ признале дека пробале канабис.

Што сакав да речам (напишам)? Малку подзаборавив…аха, се сетив:

Најголемите и најсилни членки на ЕУ веќе прогласија економска рецесија. Криумчарењето на дрога (кокаинот според Фројд е најдобар лек за депресија- го нарекувал „магичен лек“) е првата и најопасна фаза во која „големите“ бизнисмени не се „мешаат“. Нивниот „фах“ е продажба- консумирање како „помош“ на населението во лечење на депресијата поради рецесијата која, нели, „падна од небо“, а можеби ја предизвикаа дојденци од друга планета за лични полит- бизнис- олигархиски интереси.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here