Потребно време за читање: 4 минути

Зошто протестираат младите во Скопје и други градови во Македонија? Поводот е познат: во понеделникот припадник на специјалната единица „Тигри“ до смрт претепа 22-годишно момче. Два дена по настанот МВР соопшти дека осомничениот е приведен, по што судот му одреди 30 дена притвор.

Што се бара? Нешто што е дел од секоја судска постапка- докажување на вина: утврдување на сите детали за случајот и одговорност од страна на сторителите и соучесниците.

Барањето на максимална- доживотна казна за сторителот е небулозно и задира во независноста на судството. Треба ли да потсетувам дека е тоа единствено надлежно да суди и пресудува- одредува казна примерена на тежината на стореното дело? (Според правото- законот, не станува збор за убиство, туку за предизвикана смрт со претепување- бруталност, што е суштински различно).

Уште понебулозно, па и дилетантско е образложението за таквото барање: да се намали моќта на полицијата во иднина(?!).

За „спонтаноста“ на демонстрациите се користат социјалните мрежи (пред се Фејсбук), а се најавува дека тие ќе се одржуваат (и шират) се до денот кога ќе се конституира првата седница на новото Собрание на Република Македонија.

Најнова вест:

Агенцијата „Нетпрес“ информира дека во случајот на насилната смрт на 22- годишното момче Мартин Нешковски се инволиврани уште двајца униформирани полицајци и двајца во цивилна облека. Според сведок, четворицата полицајци биле присутни на Градскиот плоштад и веднаш му дошле на помош на Спасов откако тој го кренал Нешковски на клупа и се обидувал да го освести.

Кон Спасов најпрвин пристапиле двајца униформирани полицајци кои патролирале низ плоштадот, а по само неколку минути дотрчале двајца други полицајци во цивил кои им се легитимирале на униформираните полициски службеници.

Прочитај и за ... >>  Неуспешна прва година на Обама. Има време да се „поправи“.

Од специјалните единици никој не се пријавил дека бил сведок и соучесник во делото, а случајот не го пријавиле како таков ниту униформираните полициски работници.

Дека не станува збор за ново „откритие“, говори исказот на прес конференција на министерката Гордана Јанкуловска- дека полицајците се обидувале да му помогнат на момчето кое било во бесознание, по што случајот го пријавиле како пронајден машки труп кој починал од непознати причини.

Се наметнува прашањето дали полицијата се обидела да го скрие случајот? Одговорот е не, и тоа би требало да им се објасни на младите демонстранти. Не станува збор за криење ниту од страна на портпаролот Иво Котевски. Со оглед на функцијата, тој и не би можел и не би смеел да скрие- прикрие нешто за што добил обврска да ја информира јавноста (преку медиумите). Кој не знае што е портпарол (гласноговорник), нека консултира речник на странски зборови или која било ошта енциклопедија.

Засега треба да се прифати делот од изјавата на министерката: полицајците кои се обидувале да помогнат „случајот го пријавиле како пронајден машки труп кој починал од непознати причини“ и да се инсистира на одговор зошто така постапиле.

Она што претставува сериозен сомнеж, а тешко дека лесно и брзо ќе се открие, е оти станува збор за постизборна опозиционерска манипулација со младите, а со мрачни цели (сценарио?). На тоа упатува однесувањето на опозицијата и нејзините медиумски мегафони.

Наместо да инсистираат на ефикасно, доследно и темелно расветлување на случајот, соодветните институции на системот да се однесуваат најодговорно и брзо да ја спроведат истражната односно судската постапка, тие „внимателно“ ги следат протестите и постојано повторуваат дека „истрагата тапка в место“, без притоа да се изнесе каква било потврда за тоа. Дури се инсистира на „отвореното прашање“ зошто полицајците „му дозволиле“ на осомничениот припадник на „Тигрите“ веднаш да си замине од местото на убиството, а што претставува „енигма и пропуст во истрагата“.(Тој веднаш не заминал, туку се обидувал момчето да го освести.)

Прочитај и за ... >>  Кој ја подгрева меѓуетничката тензија

Факт е дека на протестите се присутни и дел од партиски активисти од опозицијата, но тоа не е потврда дека таа (дел од неа) стои зад нив, односно ги поттикнува и организира. На тоа упатија и членови на навивачките групи „Комити“ и „Сити парк бојс“ кои ги демантираа информациите во медиумите дека се дел од протестите. Тие ниту ги поддржуваат, ниту присуствуваат на нив, а сметаат дека се со политичка заднина. 22-годишниот Нешковски бил член на втората навивачка група.

И Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ апелираше трагичниот настан да не се злоупотребува за политички цели.

„Болката за семејството е огромна. Но ова е голема загуба и за Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, чиј што член беше Мартин Нешковски. Предупредуваме дека она што се прави во овој период не е човечно. Да се води политичка кампања од еден ваков несреќен случај претставува поигрување со болката на ужаленото семејство. А се само за беден и примитивен политички профит“ (Александра Стојчевска од УМСМ).

Реакцијата на подмладокот на СДСМ беше најблаго речено несоодветна. Во изјавата „најдоа“ врв на лицемерие(?!)., зашто требало да се спротивстават „кога МВР се обиде да го прикрие случајот и кога Груевски праќал емисари кај семејството за да го купат нивното молчење“. Тоа се сериозни обвиненија кои би требало да се аргументираат и за кои треба да се сноси одговорност. Згора на тоа, „потсетуваат“ дека „токму ДПМНЕ го политизира немилиот настан, а Унијата на млади сили е подмладокот на партијата која зафатена од славеничката еуфорија, на свој политички настан дозволи од страна на полициски службеник, припадник на специјалната единица на МВР на најбрутален начин да биде убиено младо момче“ (Дарко Давитковски, претседател на СДММ). Подвлекувам: ВМРО- ДПМНЕ „дозволила“(?!) на најбрутален начин да биде убиено младо момче“.

Прочитај и за ... >>  Уставниот суд на Македонија го „избрка“ верското образование од училиштата

Сакам да го потенцирам следново: бруталноста на еден припадник на „Тигрите“ е недозволиво да се генерализира- да се „оценува“ како бруталност на МВР. Тоа е неодговорно и со огромни, дури несогледливи последици- штети.

Сосема е разбирлив револтот кај младите поради убиството на Нешковски, но оние што го политизираат барем во името на човечноста би требало да го послушаат апелот на членови на неговото семејство протестите да бидат мирни и да не се користат за партиски препукувања.

Треба да се има предвид и барањето на народниот правобранител Иџет Мемети за брзо и ефикасно расветлување на случајот- сторителот да биде изведен пред лицето на правдата. Побаран е детален документиран извештај од МВР:

„Загрижен сум дека има потреба од тоа (-дефинирање-заб.м.) што значи професионално полициско постапување. Како општество се соочуваме со недоволна одговорност на полицајците при вршењето на нивните службени потреби“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here