Потребно време за читање: 3 минути

Пораката на новиот генерален секретар на НАТО Данајската република (Грција) да престане да го блокира приемот на Република Македонија не е нова, неочекувана, а најмалку изненадувачка. „Влегува“ во рамките на неговата веќе јасно искажана целосна посветеност на политиката на отворена врата на алијансата.

Имено, Андерс Фог Расмусен по стапувањето на должноста на 1-ви август годинава на првата прес конференција изјави:

„Јас сум целосно посветен на политиката на отворена врата на НАТО. Но, членството не е право, земјите мора да бидат подготвени за него. Сепак, проширувањето на НАТО веќе ја покажа својата моќ да ја шири стабилноста и да промовира реформи. Очекувам дека тоа ќе продолжи за време на мојот мандат“.

Реакцијата на Атина (засега воздржаност, а преку медимуите „мала непријатност“) може да се оцени само како „продолжена“ на се поголемите притисоци во однос на нејзиниот проблем со името на Република Македонија (значи „Македонија“) кој таа, со посредна, но и непосредна помош и на македонски политички и медиумски медиокритети, успеа да го издигне на ниво на „билатерален“.

Генералниот секретар има строго дефинирани задолженија односно обврски. Не изнесува лични ставови, а само во извесна мера има „слобода“ при дефинирањето на приоритетите на алијансата. Следствено, оние што Расмусен ги соопшти при стапувањето на должност се заеднички дефинирани, а „заедничкото“ најчесто значи решение на „надеднаквите“, без оглед на консенсуалното обезбедување на еднаквоста. Што ќе рече дека „непријатноста“ на Атина поради заложбата за што поскорешен прием на Република Македонија е всушност јасен показ на нејзината веќе незавидна „еднаква“ позиција во НАТО, а која допрва, од ден на ден ќе се „усложнува“ се повеќе.

Прочитај и за ... >>  Предупредување и оправдување

Мир во Авганистан, идно проширување на НАТО со поранешните советски републики Украина и Грузија и нова стратегија според која ќе функционира алијансата (најверојатно ќе биде донесена на самитот во Лисабон во октомври идната година; најавено е дека 12- мина експерти ќе работат на неа, а ќе ги предводи поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт.)- се клучните приоритети на новиот генерален секретар на НАТО односно на неговите земји членки.

„Дојде моментот од теоријата да ја ’фатиме‘ практиката и да ја одредиме заедничката политика за натаму. Од последниот стратегиски концепт, пред 10 години, алијансата речиси се зголеми двојно и презеде мисии и закани, што не можеа да се замислат во тоа време. Време е да ја направиме оваа голема вежба“, потенцира Расмусен.

Од отворените прашања секако „најотворени“ ќе бидат состојбата на Косово и заложбите на земјите од Западен Балкан да се приклучат на НАТО, но и нормализирање на односите со Русија и зачувување на светскиот мир.

Инаку, Расмусен има 49 години, завршил воена поморска академија, се стекнал со магистратура по политички науки, а е специјалист и по социјална економија.

Прочитај и за ... >>  Нови барања и предлози на Атина

Што се однесува на Република Македонија, некои аналитичари сметаат дека тој ќе ја следи позицијата на неговиот претходник Јап де Хоп Шефер, но ги демантира со јасната порака при посетата на Атина. Уште на стартот од својот мандат тој го покажа и докажа континуитетот на својата 30- годишна политичка кариера (се смета и како негов природен талент)- да создава прагматични сојузништва и да наоѓа флексибилни начини да се дојде до компромисна одлука. Пораката на Атина е почеток на уште едно такво негово „создавање“. Таа не може да се процени како „нова страница“ за Република Македонија, најмалку некаква предност за неа или „нов импулс“ во преговорите за проблемот на јужниот сосед со името Македонија. Особено ако се има предвид дека и тој, како и „главните“, но и многу „споредни“ членки на НАТО, смета дека проблемот е билатерален (тоа го потенцира при неодамнешната посета на Приштина).

Како што информира атинскиот весник „То вима“, новиот генерален секретар на НАТО побарал од Атина да го реши спорот со Скопје околу името за да може Македонија да се приклучи кон алијансата и да учествува во обучување на авганистанската армија. Тоа е потврдено и во соопштението што го објави неговиот кабинет по средбите со грчкиот премиер Костас Караманлис, шефицата на дипломатијата Дора Бакојани и министерот за одбрана Евангелос Меимаракис:

Прочитај и за ... >>  Полнолетна држава?!

„Генералниот секретар потенцира дека Грција може да игра улога на лидер во рамките на Алијансата и ЕУ за да се постигне вистинска евро- атлантска интеграција за целиот Балкан“.

Расмусен истакнал дека приемот на земјите кандидати од Балканот многу ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на овој дел од Европа. Побарал Данајската република (Грција) да покаже поголема отвореност за соработка со земјите кои учествуваат во мисијата во Авганистан, а очекува во неговиот мандат да се подобрат нејзините односи со сојузникот Турција.

Во наредниот период може да се очекува поголем притисок врз Атина отколку врз Скопје за решавање на „билатералниот проблем“. Бидејќи е очигледно дека до брзо решение нема да се дојде, може да се очекува и почеток на деблокирање на блокадата на приемот на Република Македонија во НАТО, која се покажа не само како „непродуктивна“, туку и спротивна на основните, темелните принципи на досегашната, се разбира и на новата стратегија на алијансата. Од друга страна, тоа не значи и „лесен прием“. Напротив, можно е да се бара нејзина „додатна подготвеност“, а имајќи го предвид ставот на Расмусен дека „членството не е право, земјите мора да бидат подготвени за него“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here