Потребно време за читање: 4 минути

Не е нереална ваквата прогноза само поради постигнатиот „извесен“ напредок на синоќешните- ноќешните разговори на четворицата лидери на (нај)релевантни политички партии кај претседателот на државата, како и закажаната нова средба утре, а не и само поради тоа што СДСМ и Црвенковски лично се се повеќе „во тесно“.

Треба да се имаат предвид и климатските услови. Таман работа граѓаните на Република Македонија вонредно да се потат и препотуваат поради политичари и кандидати за пратеници на кои треба да им се прифатат- изгласаат нивните лични и семејно- пријателски кариеристички амбиции.

Имено, на многумина во сегашните партиски „врхушки“ (особено во СДСМ) тоа ќе им биде последна животна и работна шанса да „ќарат“ уште 4 години лагода и не мали привилегии седејќи во фотелјите на македонскиот Парламент. Или, спротивно, дефинитивен крај на успешно- неуспешната политичка кариера.

Белким не мисли некој, без оглед дали е член или симпатизер на оваа или онаа, „стара“ или нова политичка партија, дека битката „за фер и демократски избори“ е во интерес на граѓаните и државата, на напредокот на демократијата, па и за подобрување и зајакнување на меѓународната позиција на Македонија. Ако мисли, прво нека помисли зошто предвремени избори на само помалку од една година пред редовни и зошто блокада на работата на Парламентот, политичка криза (според опозицијата и нејзините медиумски поддржувачи), условувања, уцени…Ако со условите на СДСМ се обезбедуваат фер и демократски избори, дали тоа значи дека сите досегашни биле нефер и недемократски, а поголемиот број од нив организирани токму од СДСМ како партија на власт?

Нејсе, речиси сите досегашни избори биле оценети од меѓународниот фактор како повеќе или помалку успешни, со повеќе или помалку забелешки, со недозволени инциденти кои сепак не го попречиле нормалното одвивање на изјаснувањето на граѓаните. И е нормално да се бара и постојано да се подобрува се она што е директно или индиректно поврзано со изборниот процес, од Изборниот закон до правилата за предизборни кампањи, вклучително и рамноправна односно рамномерна застапеност во информирањето (клучно за независно- објективно новинарство) и еднакви права и услови за реализација на политичкиот маркетинг (пред се транспарентни).

Прочитај и за ... >>  Лошо режирана и опасна врева

Ама сето тоа да се користи за предизборен блеф, за „дриблање“, за оневозможување на нормалното функционирање на државата, очигледна одбрана на медиумски криминал…

Последната „надежна“ вест е дека ноќеска бил постигнат извесен напредок (со или без наводници сеедно) на средбата на лидерите на четири (нај)релевантни политички партии, која повеќе од 6 часа се одржуваше во резиденцијата на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Лидерите договориле прочистувањето на избирачкиот список да се направи во рок од 30 дена, во избирачките одбори да членуваат по двајца преставници од власта и опозицијата плус еден член од администрацијата, а по барање на Нова Демократија ќе се изврши ревидирање на границите на шестата изборна единица која според бројот на гласачи отстапува повеќе од законски дозволените 5% споредено со останатите единици.

„Извесноста“ се однесува пред се на условно прифаќање на барањата на СДСМ за избирачките одбори и за избирачкиот список, кои би се спровеле само во случај на нејзино учество на изборите. Власта останува на ставот дека не може да се прифатат деблокирање на сметката на А1 ТВ и другите медиуми „на Рамковск“ и Закон за медиуми, бидејќи се нелогични или не се во нивна надлежност. Сепак, постои расположение да се отвори поширока јавна дебата за нов Закон за медиумите, во која ќе се вклучат и тие бидејќи се предмет на законот. Интересно, иако учеството на медиумите е не само сосема логично, туку и неопходно (да потсетам, на тоа прилично „нервозно“ инсистираа медиумите „на Рамковски“), за Црвенковски тоа не било прифатливо!

Прочитај и за ... >>  Во одбрана на достоинството на новинарската професија

На новинарско прашање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски одговори дека Црвенковски рекол оти не е постигнат договор:

„Денеска се фокусиравме на тие четири барања, за кои што тие кажаа дека им биле поважни и од тие прифативме условно две. Условно, доколку СДСМ оди на избори. Доколку не оди, тогаш нема да ги прифатиме, зашто имаме сериозни аргументи против.

Црвенковски заклучува дека немаме договор и дека не се враќа во Парламент, а доколку одиме на избори ќе ги бојкотира. Очигледно е дека тој прави се што може за да не се случат избори или ако се случат да ги бојкотира. Но со условните прифаќања му ги сузбиваме сите алибија и излегува на површина многу појасно, и за оние на кои не им било можеби до крај јасно, неговата намера да бојкотира избори и да не се враќа во Парламентот“.

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, пак изјави дека партијата останува на четирите барања, вклучувајќи и донесување на Закон за рамномерно распределување на средствата за јавни кампањи и деблокирање на сметките на А1 и печатените медиуми „на Перо Наков б.б.“:

„Апсолутно не се враќаме во Собранието додека условите не бидат исполнети, додека не се постигне договор, додека не се постигне консензус околу изборните правила. Останува одлуката и за бојкот на Парламентот и за бојкот на изборите доколку не се прифатат неопходните услови за фер и демократски избори“.

Прочитај и за ... >>  Северна Македонија не е разумен компромис

Претставниците на партиите од албанскиот блок средбата ја оценија продуктивна и изразија очекување дека позитивната атмосфера ќе резултира и со поконретни решенија.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети:

„Мислам дека имавме продуктивна, конструктивна средба. Сите страни ги искажаа своите позиции за заеднички да дојдеме до решение“.

Претседателот на НД, Имер Селмани:

„Придонесот што го дадов е во насока да се направи добар закон, кој што ќе гарантира фер, демократски, транспарентни избори. Избори кои што ќе донесат Влада која ќе ја извади државата од ќорсокакот, ќе ја отвори спрема интеграцииите, ќе донесе рамноправност помеѓу етничките заедници, Македонците, Албанците и останатите и се разбира, ќе донесе благосостојба на државата“.

Црвенковски побарал уште една средба која е прифатена и ќе се одржи утре (вторник).

А за прогнозата дека парламентарните избори ќе се одржат пред почетокот на годинашново лето уште ова:

Доколку партиите, и власта и опозицијаат водатс метка, работат во интерес на граѓаните на Македонија, тие мора да се одржат бидејќи нивното расположение е позитивно (поголемиот дел од неа е за), а на што упатуваат неколку анкетни истражувања. Сеедно дали со бојкот или не на СДСМ и нејзината коалиција. За нив сите се подготвуваат интензивно (вклучително и СДСМ), кај сите е вклучен „алармот“, дури се кројат и кандидатските листи. Очекувано, се формираа(т) и нови партии (вчера „Достоинство“) кои најавуваат самостојна или коалициона „трета опција“. Некои веќе го започнаа својот предизборен партиски маркетинг (бесплатно на „своите“ или „блиските“ медиуми).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here