Потребно време за читање: 3 минути

Надворешната политика на Македонија во 2009-та постигна забележителни и значајни резултати, но многу нешта останаа за сработување и доработка. Клучни се позитивниот извештај на Европската комисија, визната либерализација и децентрализираното управување со помош на ИПА фондовите, а не е остварена поширока дипломатска активност и поврзување со земји надвор од ЕУ, а кои воопшто не се оптоварени со проблемот на Грција во врска со името на нашата земја.

Од друга страна, оценките дека резултатите се „катастрофални“, ситуацијата е „безизлезна“ и е „изгубен угледот во меѓународната политика“ се паушални, дел од опозиционерскиот критизерски манир, во голема мера несериозни и не го поткрепуваат барањето на „доза на самокритичност“.

Ресорниот министер Антонио Милошоски реферираше пред собраниската Комисија за надворешна политика, на нејзината 31-ва седница.

„Остваривме дел од агендата за 2009- та година. Препораката за отворање на датум за преговори и визната либерализација се значајни сегменти кои ги остваривме во надворешната политика. Сметам дека со чинот на безвизен режим ќе се доведе до суштинска европеизација.

Со извештајот на Европската комисија ја зацврстивме нашата позиција за приближување кон ЕУ. Верувам дека шпанското претседателство ќе го отвори прашањето за Република Македонија и дека ќе одреди датум за преговори“.

Мининстерот за надворешни работи рече дека контактите со Шпанија се интензивирани и се работи на зацврстување на дипломатските односи со Мадрид.

Прочитај и за ... >>  Уште една независна „контра“ на македонската опозиција

Во врска со одредувањето на датум за преговори и пристапувањето на Македонија кон ЕУ тој подвлече дека Македонија има политички и административен капацитет, а засилувањето на мисијата во Брисел, на што во моментов се работи, ќе доведе до што поскорешно остварување на крајната цел.

Во врска со проблемот на Грција со името на земјава Милошоски смета дека не треба да има разочарување, а во наредниот период Владата ќе остане посветена на тоа прашање.

„Наспроти декларираниот став дека би сакала да ги види сите земји од Балканот во големото европско семејство што поскоро, на министерскиот совет во ЕУ во Брисел, на 7-ми декември, Грција беше таа што ја попречи одлуката за определување на датум за почеток на преговори.

Сметам дека дипломатските односи на ниво на амбасади со Грција ќе доведат до подобри услови за разговори во однос на прашањето за името. Ние ќе ја разгледаме секоја иницијатива за продлабочување на билатералните односи помеѓу двете земји. Моментно нема никаков прогрес во суштината на позициите на Грција кон Македонија“.

Опозиционерскиот критизерски манир го „застапуваше“ членот на комисијата од СДСМ, Владо Бучковски. Според него, во годинава што изминува Милошоски и Владата не постигнале ништо значајно и треба да постои доза на самокритичност:

„Веќе ми е преку глава и Вас и премиерот во последно време, и претседателот на државата, да ве слушам со анализите што се се случува на внатрешен план во Грција, а не ни кажувате што се случува овде.

Прочитај и за ... >>  По катастрофалниот земјотрес на Хаити

Се доведовме во безизлезна ситуација благодарение на политиката на Милошоски. Го изгубивме угледот во меѓународната политика. Ова што ни се случува е со некоја цел“.

Визната либерализација е успех на повеќе влади, а добивањето на позитивниот извештај од ЕК било подарок со налог, односно со услов. Тој му порача на Милошоски да не го губи времето сега, бидејќи позицијата кон ЕУ и НАТО не е зајакната, туку повторно се почнува од нула.

„Освен неисполнувањето на работата, оваа година ја карактеризира катастрофален извештај на ревизорската комисија и катастрофални пропусти во меѓународната политика“.

Бучковски во својот исказ имаше и една „светла точка“: потенцираше дека власта не е далеку од опозицијата, па го покани Милошоски и сите во Собранието заедно да разговараат за спорот со Грција и да постигнат консензус, затоа што нивните политики биле близу во врска со ова прашање (ако беа идентични, како што всушност се, ќе немаше „простор“ за такво барање).

Интересен предлог за решавање на спорот во три фази изнесе пратеникот и лидер на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов. За него тој веќе добил поддршка од Брисел (во повратниот одговор Баросо и Рен го оцениле како интересен и конструктивен). Имено, тој предлага во првата референцата ПЈРМ да се замени со ново заедничко прифатливо име за меѓународна употреба, а под кое Македонија ќе биде примена во НАТО и ќе ги започне преговорите со Унијата. Во втората фаза да се отворат директни преговори со Грција што ќе ги водат комисии составени од експерти од двете земји. Тие треба да го утврдат опфатот на употреба на новото име и да разговараат за демонополизација на географскиот поим „Македонија“. Во оваа фаза е предвидено да се донесе резолуција за неменливост на границата, поради „грчките стравувања од експанзионистичка политика на Македонија“. Во третата, последна фаза се предлага да се донесе Резолуција од Советот за безбедност на ОН за решавање на спорот, со анекси во кои ќе бидат опфатени постигнатите договори помеѓу Македонија и Грција.

Прочитај и за ... >>  Неминовно: Купот на фудбалските конфедерации ќе го надмине СП

Некои аналитичари проценуваат дека предлогот на Трајанов е всушност предлог на Владата која сака на индиректен начин да го пласира во јавноста за да го испита расположението за постигнување на компромис. Тоа би значело дека во наредниот период (првата половина од 2010-та?) најмногу време и енергија во надворешната политика ќе се трошат токму во реализацијата на овој „проект“.

Сепак, мислам дека во следната година многу поголемо внимание треба да се посвети на она што го потенцирав на почетокот од овој прилог: поширока дипломатска активност и поврзување со земји надвор од ЕУ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here