Потребно време за читање: 2 минути

На Европа и олесна. Од вчера има една грижа помалку. И тоа не баш мала, без оглед што Брисел пред три дена на заплашените им упати смирувачка порака- дека европските складишта за гас се целосно полни, а во текот на јануари идната година ќе биде зголемен протокот на гасоводот „Јамал – Европа“. Четвртина од потребите на ЕУ од гас обезбедува Русија, од што 80% доѓаат преку Украина.

Значи, континентот нема да има проблеми со гасот оваа зима пред се благодарение на „расположбата“ помеѓу Путин и Тимошенко, односно на договорената нова формула за корекција на цените на рускиот гас за 2010- та: Украина од Русија купува гас, но и ги наплатува транзитните услуги. Појасни рускиот премиер:

„Цената на транзитот на гасот низ Украина ќе порасне за 60%. На тоа инсистираше Киев. Меѓутоа, „Гаспром“ во иднина ќе и продава на Украина (односно на националната компанија „Нафтогаз“-заб.м.) гас по европски цени и нема да и го дава досегашниот попуст од 20%.

Прочитај и за ... >>  Македонското земјоделство се повеќе извозно

Премиерката (Јулија Тимошенко-заб.м.) постави низа прашања во врска со кризата. Оценивме дека е можно да се удоволи на тие желби и да се ревидираат договорите заклучени пред тоа“.

Со други зборови, Украина ќе заработува многу повеќе по европска цена на транзитот, но гасот ќе го плаќа значително поскапо од досега.

Путин изрази задоволство од тоа како се развиваат односите помеѓу руската и украинската влада и рече дека му е „пријатно“ да работи со Јулија Тимошенко:

„Нам ни е пријатно да работиме со владата на премиерката Тимошенко. За време на нашата соработка односите помеѓу Русија и Украина станаа постабилни и се зацврстија. Искрено се надевам дека ќе бидат спроведени сите договори што се постигнати порано. Ќе биде убаво да се дочека Новата година без катастрофи“.

Освен пофалбите, Путин коментираше дека по многу години Украина ги исполнила сите свои „гасни“ обврски.

Тимошенко, пак изјави дека Украина „мошне внимателно и прецизно“ ќе ги исполнува своите обврски во однос на транзитот на рускиот гас.

Прочитај и за ... >>  Дефинитивна разрешница на кризата во Грузија

Украинскиот претседател Виктор Јушченко во писмо до рускиот претседател Дмитриј Медведев предупреди дека доставувањето на гас на Европа преку Украина ќе биде повторно загрозено доколку Киев и Москва не ги ревидираат гасните договори потпишани во јануари. Тој конкретизира дека договорот за превоз не го предвидува начелото „испорачај или плати“, ниту „речиси никакви санкции“ на Русија ако таа не ги исполни своите обврски. На прес конференција, пак, тој информира дека Украина, чија енергетска потрошувачка нагло паднала поради светската економска криза, би можела да плати пенали во износ од 8,5 милијарди долари само за 2009. година или двојно повеќе отколку што Киев плати за реално потрошениот гас.

Аналитичарите укажуваат дека енергетските прашања се во фокусот на кампањата за претседател на Украина, а Москва веќе соопшти дека во тоа не сака да учествува. Меѓутоа, случајно или не, додека Владимир Путин беше со Јулија Тимошенко на Јалта, во Киев на Јушченко му беше гостин неговиот кум, грузискиот лидер Михаил Саакашвили, кој му донесе државен орден и не пропушти одново да ја критикува Русија.

Прочитај и за ... >>  Масакр во американската воена база „Форт Худ“ во Тексас: 13 жртви на поулавен психијатар

Интересен коментар на Путин за ова, на инситирање на новинар, предизвикувајќи општа смеа:

„По преговорите одам на вечера на која ме повика Јулија Тимошенко…Му сугерирам на Јушченко да внимава на својата кравата“.

Алузијата беше на едно интервју на Саакашвили, кога пред американски ТВ- камери нервозно си ја гризел краватата.

Уште еден доказ дека и во меѓународните односи на највисоко ниво, како во сите сфери на животот и дејствувањето, има полесна и побрза разбирачка помеѓу маж и жена. Па зошто тогаш секаде, и во Русија и во Украина, жената е недоволно застапена во политиката и власта? Да не е токму поради нејзината природна убавина (заедно со „додадената“) која секогаш ги загрозува „меѓумажјачките односи“?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here